интервЈу на посредникот МетЈу Нимиц за „Гласот на Америка“
Спогодбата заврши, сега ни треба нов договор
Десет години можеби звучат како многу време, но македонското прашање е присутно речиси стотина години, можеби уште од Договорот во Букурешт во 1913, вели Нимиц
Ова е првпат двете страни да реагираат на предлогот што го дадов на 19 февруари. Обајцата ќе им ги објаснат на своите влади позициите. Имаат различни позиции. Потоа ќе видиме до кој степен и како можеме да продолжиме, изјави посредникот во преговорите за името, Метју Нимиц, во интервју за „Гласот на Америка“. Тој во изминатите денови имаше интензивни разговори во Њујорк, одделно со секој од двајцата претставници, амбасадорите Василакис и Димитров, а завчера и заедничка средба.
* Дали Македонија треба под притисок да донесува одлука што го вклучува националниот идентитет, а во полза на зачленувањето во НАТО?
- Не мислам дека е вклучено прашање на национален идентитет. Идентитетот на македонскиот народ во поранешната југословенска република Македонија не е во прашање. Јас секако имам огромна почит кон нив, нивната етничка припадност, јазик, култура и позиција на Балканот. Ова не е прашање на национален идентитет, туку на тоа дали можеме да постигнеме политичко решение за прашањето што е на маса веќе извесно време. Се обидуваме да го направиме токму тоа. Што се однесува до делот за НАТО, јас сум пратеник на ОН, кој помага во прашањето за името. Зачленувањето во НАТО не е на маса на моите преговори. Меѓутоа, треба да се биде реален и да се знае дека ова е големо прашање, дека претстои средба во Букурешт на која ќе се разговара за проширувањето на НАТО и во регионот дека има интерес да се оствари тоа. Што и да направиме за да го овозможиме тоа - ќе биде од помош. Дали може да се најде задоволително решение во временската рамка за која говориме - тоае отворено прашање.
* Кои се шансите за одржливо, договорно решение? Над 120 земји веќе ја имаат признато Македонија под уставното име - три од нив се членки на Советот за безбедност на ОН?
- Се' додека ова прашање не се реши, виси во воздухот и има последици и во билатералните односи и во регионот. Дозволете ми да кажам дека како посредник јас ги почитувам позициите на обете страни и мислам дека ги разбирам. Мислам дека ако се најде решение, ќе се отворат огромни можности Атина и Скопје да работат заеднички - двете земји и двата народа, без спорови. Тоа би бил несекојдневен придонес што ќе го отвори регионот кон евро-атлантскиот свет мошне побрзо и порешително. Ако не се реши ова прашање, ќе остане болна точка во животот на регионот и мислам дека ќе доведе до влошување на ситуацијата. Има толку многу позитивни аспекти од постигнувањето решение, и за обете земји и за целиот регион, но и толку многу негативности ако се дозволи да се провлекува и понатаму. Мислам дека народите од обете земји треба да си подадат рака и да кажат - сакаме решение. Очигледно, имаат различни гледишта за тоа што треба да биде решението. Мое гледиште е дека, освен ако не се дојде до компромис, нема да има решение. Сметам дека компромисите се благородни потфати. На луѓето што прават компромиси треба да им се даде голем политички кредит. Ако луѓето сакаат решение што е 100 проценти во нивна корист, тоа е мошне фина позиција, но не и начин да се најде решение.
* Ако јадрото на проблемот е дека Македонија го смета прашањето за билатерално, а Грција смета дека е меѓународно, што можат ОН да направат повеќе од тоа што веќе направиле? Преговорите траат повеќе од една деценија...
- Меѓународните проблеми се тешки. Временската рамка за решавање може да биде години или месеци, а понекогаш проблемите што изгледаат нерешливи, се решаваат на неколку начини. Еден начин е кога се менуваат околностите. За нешто што личи тешко во текот на една, пет или десет години подоцна луѓето велат - ова може да го решиме - ситуацијата е поинаква. Исто така - лидерство. Во обете земји има силни лидерства, мошне интелигентни луѓе. Тие знаат што е залогот, знаат кои се можностите за успех, знаат кои се ризиците од неуспех, и иако имаат цврсти ставови, исто така знаат дека како остварени политички лидери не постигнуваат успех лесно и не го остваруваат стопроцентно. Треба да се приспособите кон соседот. Лидерството е различно со годините и овој пат можеби лидерството во обете земји е во ситуација во која може да се справиме со ова. Може да бидете песимист или оптимист. Десет години можеби звучат како долго време, но македонското прашање можеби е присутно речиси стотина години, можеби уште од Договорот во Букурешт во 1913, нели? Не сакам да губам надеж. Реален сум, но не сакам да загубам надеж.
* Како планирате да ги надминете разликите? Грција вели дека Македонија е на потег да покаже подготвеност за компромис, а Македонија укажува дека направила големи компромиси досега со промената на знамето и на Уставот.
- Беа направени компромиси. Привремената спогодба беше мошне важен чекор. Јас бев американски преговарач за Првремената спогодба 1994-95 година. Мислам дека јас сум единствениот се' уште активен во преговорите од 1994 наваму. Некои луѓе мислат дека е чудно да се биде посветен толку долго, но се сеќавам на тоа време. Беа направени компромиси во тоа време, но спогодбата заврши. Сега говориме за нов договор и луѓето треба да погледнат што може сега да се направи, а што не. Мислам дека прашањето не е да се гледа назад, туку напред.