Кога го нема контролорот на Владата - Собранието, дојдовме во ситуација која продуцира неограничена моќ и автократско однесување
Не знам дали забележувате, но во последниов период, секој ден, буквално секој ден, во државава се случува барем по една незаконитост (често и повеќе од една дневно), односно кршење по некој закон, подзаконски акт, повреда на човеково право или слобода, а најмногу од се' - повреда на јавниот интерес. Дел од овие повреди ги вршат административните органи, односно нивните функционери, понекогаш тоа го прави Владата како колективен орган, а некогаш само некои нејзини членови, како раководители на одделни ресори.
Како и да е, резултатот е ист - правата на граѓаните се нарушени и загрозени, а контролор, коректор на ваквите однесувања, механизам за политичка заштита - нема! Едноставно е, нели, нема Собрание, нема ни контрола врз Владата, врз министрите, врз целокупната извршна власт. Во таков сплет на околности, се добива ситуација која е застрашувачка, која продуцира неограничена моќ и автократско однесување.
Еве, неколку примери за такво однесување:
Масовни вработувања, демек на припадници на етничките заедници кои не се мнозинство, но, всушност, на припадници и на други видови заедници, пред се', политички, во период на техничко функционирање на Владата. Правно гледано, не постои пречка, но политички, тоа е недозволено, неморално и неетичко однесување. Од друга страна, носител на политичка контрола врз работата на владата е парламентот, а такво нешто моментно во Македонија нема, значи нема ни одговорност.
Инертност, непреземање дејства, неизвршување на функциите од страна на првите луѓе на клучните административни органи. Изгледа не само загрижувачки, туку дегутантно, прикажувањето на страшните инциденти што се случуваат во делови на западна Македонија секоја вечер, снимките од разрушени објекти и преплашени граѓани и, на крајот, сето тоа, проследено со куси, скудни и излитени фрази од типот: „Министерството категорично ги демантира сите шпекулации... и ќе ги преземе сите потребни мерки и активности, согласно со законските надлежности...“ По нецели пет минути, истата личност, од некој предизборен митинг, ве убедува во огромните и непроценливи резултати остварени во „борбата со криминалот и корупцијата“.
А, утредента пак, нов оружен инцидент, ново заплашување, обид за атентат, сериозни укажувања на сите меѓународни организации за сторени незаконитости и сето тоа завршува со иста изјава на истиот функционер(ка), само со поинаков редослед на зборовите. За неупатените: министер кој не си ја работи својата работа не сноси дисциплинска одговорност, тој не може да биде казнет со 10 или 15 проценти од неговата месечна плата, не може да биде суспендиран, туку само - сменет од функција. Смената ја прави неговиот политички контролор - парламентот, а во Македонија моментно нема парламент.
Во самиот почеток на изборната кампања, осамнува одлука на Владата (која и самата себеси се нарекува „процесна“, што значи техничка, односно влада во оставка), со која на чело на една од владините дирекции се именува ново лице. Мислеше ли Владата нечујно ќе мине фактот дека новиот директор на Дирекцијата за спасување е истовремено и лидер на една од партиите на Ромите, наедно нов коалиционен партнер на владејачката партија? Првата работа што ја направи овој кутар човек во својот прв ден на вршење државна функција беше купувањето десет нови возила за Дирекцијата во предизборие (време кога со Закон е забрането трошење државни пари), а првата негова изјава за вршењето на оваа битна државна функција се состоеше во најава - за купување уште возила?!
Не, не е смешно, трагично е сето ова! Уште потрагично е тоа што еден млад човек, интелектуалец, инаку висок владин службеник, беше принуден да го погази целото свое знаење стекнато од неговите македонски и американски професори и, покажувајќи политичка лојалност кон својот работодавец, да даде изјава дека ваквото именување директори од својот политички табор, непосредно пред избори, е „нормална и законска активност на Владата за јакнење на своите институции“. За неспроведувањето и кршењето на законите, владите политички одговараат пред законодавниот дом, тоа е Собранието, а тоа го немаме во Македонија.
Закон за заштита на лични податоци, што беше тоа? Тоа е Закон што ги штити граѓаните од злоупотреба на нивните лични податоци сторена од страна на имателите на такви податоци. Притоа, најголем имател, со најголем број наши лични податоци е Министерството за внатрешни работи. Да, да, токму она Министерство од кое секојдневно дознаваме кој е приведен, кој колку евра зел во рамките на „организираниот криминал“ во земјава уште пред да биде осуден, кој со кого се скарал на улица, се степал и слично, а никако да дознаеме кој пука од автоматски пушки во Тетовско и во Гостиварско или, на пример, кој е одговорен за тоа што партиски возила со партиски знамиња се ослободени од плаќање патарина пред очите на целата македонска јавност.
Два дена, не, две деноноќија бевме тероризирани со податоци за тоа каков сериозен зафат употребиле нашите полицајци за спречување улична расправија помеѓу универзитетски професор и лица чија професија остана непозната, но затоа никој во Министерството не знае да ни каже зошто, кога и од кого, била издадена наредба за време на партиските предизборни митинзи, одредени возила, на политички партии да не плаќаат патарина на одредени наплатни рампи. И за вакви нешта се сноси политичка одговорност ако се има Собрание, секако.
Ограниченоста на просторот ме оневозможува да продолжам со огромната листа на примери на беззаконие и кршење на човековите права спроведувано од една власт во услови на отсуство на нејзиниот контролор. Но, сите тие трагични примери, јавно кажани или премолчени, укажуваат на следново: еднопартиски или еднокоалициски парламент, во кој нема опозиција, е еднаков на парламент кој нема контрола врз владата. За жал, деновиве имаме непријатна можност да видиме што се случува кога отсуствува контролата. Затоа, многу е важно да не забораваме дека разликите во размислувањата ја чинат демократијата, различните програми не значат опструкција, туку значат поголем избор за секој од нас, различните идеи, ставовите, критиките, дискусиите и дебатите во парламентот не претставуваат врзување на рацете на владата, напротив, тие треба да бидат нејзина мотивирачка сила и редуктор на нејзината политичка моќ.