Атомска бомба врз наведната глава
Додека македонската дипломатија практикуваше џентлментство поради изборите во Грција, Атина тргна во жестока офанзива и ја доби битката на меѓународен план, пред да ја раскажеме „македонската приказна“
Десетина шефа на дипломатско-конзуларните мисии на Република Македонија се состанаа неделава со шефот на дипломатијата, министерот Антонио Милошоски, за да дискутираат, според нив, за три најважни теми: Македонија во пресрет на самитот на НАТО во Букурешт, активности за пристапување во ЕУ и актуелни состојби во регионот. Тематската средба се одржа зад затворени врати, па и немаме многу официјални информации за тоа каков курс ќе заземе македонската дипломатија во иднина.
Прашањата се, секако, релевантни, но собирот беше задоцнет. Дипломатскиот крем се собра откако Грција ја заврши големата дипломатска офанзива со која ја доби битката во ЕУ.
Атина повлече жестоки потези токму кога македонските владини претставници промовираа џентлменство, затоа што во Грција имало избори. Но, како на Балканот се разбира џентлменството ни покажаа нашите соседи, кои си ја одработија дипломатската задача контра „Скопја“ во сите центри на дипломатската моќ.
Името од билатерален проблем полека стана проблем и за во НАТО и за во ЕУ.
А, од јануари почнуваме и вистински преговори за името. Нив ќе ги почнеме во услови кога Атина укажа дека намерата е до април да се заврши работата со името за да можат во иднина мирно да спијат. Рекоа дека ќе го употребат и правото на вето за нашето членство, што за Милошоски е идентично со активирање атомска бомба. Но, изгледа дека Грците се решени да ја фрлат.
За македонските национални интереси е важно да знаеме како се доведовме во губитничка позиција и сериозно да ни падне поддршката кај нашите малку пријатели и тие да не' советуваат да почнеме да влечеме правилни потези. Пораките од ЕУ дека не смееме да ја кршиме Привремената спогодба, е упатена на погрешна адреса. Но, европската дипломатијата е моќна и сега само ни останува да го земеме предвид принципот на почитување на правото на сила, наспроти силата на аргументите.
Македонската дипломатија досега одговараше според македонската „наведната глава сабја не сече“
Дојдено е времето за „македонската приказна“, која треба самите да ја раскажеме. Треба да се повлече интерната инструкција на МНР, со која се замрзнаа активностите за одбрана на уставното име, оти е очигледно дека таа не даде никакви резултати. Наспроти тоа, светот треба да го инфомираме дека Грција е таа што ја крши Привремената спогодба и тоа од денот кога ја потпишаа двете страни. Грчките граѓани што студираа во Македонија мораа да ги довршуваат факултети во други земји, оти македонските дипломи не ги признава, не ни ги пушта преку граница нашите приватни автомобили поради залепениот код на нашата држава, не ни даваат ниту авионите да им ја прелетаат воздушната територија оти биле македонски, шират информираат дека Македонија шири иредентизам иако на грчки ѕидови висат карти на Голема Елада, македонските спортисти ги навредуваат на меѓународни натпревари, промовираат книга „за употребата на зборот Македонија во грчката историја“...
Светот треба да биде информиран за овие сериозни прекршувања на Привремената спогодба. Македонската дипломатија треба да ги прескокне партиските плотови и да се растрча секаде низ светот за да ја раскаже оваа приказна, која, секако, не завршува само на ова. Битката за името е беспоштедна и ќе трае долго, се' додека Европа не разбере за што точно станува збор.
Христо Ивановски
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=2F542866564F2847873DE8AF47185D28