Владислав Ковачев
“ Пет минути од деноноќието и посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што досега сум го сторил за нea. Ја сакам Македонија повеќе од се друго на светот“
Владислав Ковачев
Кој е Владислав Ковачев? Зошто во средно не учевме за тој ЧОВЕК? Зошто во учебниците не беше ниту спомнато неговото име? Зошто неговиот лик и дело неправедно се заборавени и запоставени од македонската историска наука?
Големиот и непомирлив Македонец бил еден од ретките кој отворено делувал и говорел за создавање на самостојна и независна македонска држава.Станува трн во окото на бугарската држава,заради својата македонска национална свест. Заради тоа и завршува убиен по наредба на еден од најголемите крвници на македонскиот народ, изродот Ванчо Михајлов.Убиен е кукавички и подло, од зад грб, пред очите на своите две малолетни ќерки.
Целиот живот Ковачев и го посветува на Македонија. Зад себе го остава своето необјавено дело “Политичкото верују на Македонците”, кое останува нем сведок за големата љубов на еден човек кон својата татковина. Улогата на ова негово дело е уште поголема ако се знае дека Ковачев живеел во Бугарија во времето кога го пишувал. Делото го започнува со следната реченица - “ Независна Македонија како рамноправен член на Балканската федерација! – е политичкото верују на Македонците што искрено си ја сакаат татковината, без разлика на верата, народноста, полот, возраста и убедувањето ”.
Владислав постојано зборувал за Македонија. Неговата жена Анастасија во своите сеќавања опишува еден момент кога заедно со него и со децата ручале во нивниот дом. Дури и со своите жена и деца тој постојано говорел за својата поробена земја.Додека ручале Владислав почнал да зборува за Македонија. Говорел со таква жар и восхит, што во еден момент една од неговите мали ќерки извикала: “ Тато, па ти ја сакаш Македонија повеќе од нас! ” Морал потоа да и објаснува дека кога зборува за Македонија, мисли и на нив бидејќи и тие се Македонија...
А ние не учевме ништо за големиот Македонец...и до скоро не се знаеше ништо за него...ама затоа сите знаевме како се викало кучето на Тито.
Владислав(Славчо) Михаилов Ковачев е роден на 05.01.1875 година во Штип. Потекнува од револуционерното штипско семејство Ковачеви.Татко му Михаил Антонов Ковачев бил раководител на штипскиот Револуционерен комитет и учесник во Илинденското востание. Истовремено бил учител во Штип, Скопје, Солун. Мајка му Елена, покрај Владислав родила уште седум машки и едно женско дете, Катја. Владислав имал брат близнак Владимир кој починал мошне млад.Чичко му Јосиф Антонов Ковачев е основач на првото машко педагошко училиште во Штип и Македонија.
Само неколку месеци по раѓањето на Славчо, татко му станува учител во Скопје, каде што малиот Ковачев ќе помине еден дел од детството. Но откако ќе биде обвинет за револуционерна дејност и “бунтарство” од страна на турските власти, Михаил Ковачев заедно со своето семејство ќе пребега во Бугарија. Владислав пораснува во туѓа држава, но никогаш не ја заборава својата поробена Македонија. Во Софија завршува гимназија, а потоа го завршил и военото училиште каде што се школувал и Гоце Делчев.
Владислав Ковачев како млад потпоручник во 1895-та се вклучува во македонското револуционерно движење,односно како што подвлекол Павел Шатев – “ Целосно му се предаде на македонското ослободително движење.”
Судбината сакала Ковачев да ја запознае својата идна сопруга Анастасија, на премиерата на “Македонска крвава свадба” на Чернодрински на 7.11. 1900-тата во Софија. Тој бил во публиката на претставата во која таа играла една од улогите. Војдан Чернодрински во своите спомени опишува како неочекувано “улога добил” и Ковачев кога морал да интервенира и со шамари да го исфрли од салата бугарскиот насилник и терорист Хаљо кој сакал да ја прекине претставата. Анастасија подоцна раскажува дека реакцијата на Ковачев била пресудна таа да се заљуби во него.
Од 1899 до 1901 година, Ковачев бил секретар на Врховниот македонско-одрински комитет (ВМОК), на чие чело тогаш стоел Борис Сарафов. Владислав бил задолжен за организирање на револуционерните комитети во Македонија и Одринско.
Во тој период бугарската држава започнува да ги меша своите прсти во македонското ослободително дело. Наоѓајќи се во фокусот на идејните бранувања во раководството на ВМОК во Софија, Ковачев ќе се изјасни против врховизмот на бугарскиот генерал Цончев.Во 1902 година Владислав Ковачев заминува за Македонија и во Горна Џумаја (денешен Благоевград, Пиринска Македонија) со својата чета води борби против врховистите заради спречување на Џумајското востание кои врховистите сакале предвреме да го кренат. Во наредниот период Ковачев претстојува во Штипско,Светиниколско и Кочанско каде се ангажирал во вооружувањето на населението и бил иницијатор на неколку покрупни вооружени акции. Во почетокот на 1903-та, Владислав се наоѓа во Софија кога на седниците на ЦК на ТМОРО се решавало за кревање на Илинденското востание. Ковачев застанува на страната на Гоце Делчев и Ѓорче Петров и се произнесува против предвремено кревање на востанието, иако во душата бил за востание. Ваквиот негов став,според Ѓорче Петров, Ковачев го образложил со зборовите: ”Бидејќи врховистите направија востание, да не останеме и ние поназад, за да не речат луѓето дека не сме способни да направиме востание, дека не сме револуционери”.
Прифаќајќи го решението за кревање на востанието, Ковачев со својата чета дејствува во Штипско и Кочанско (во кои борби бил и ранет). За време на Илинденското востание се вклучува во борбените дејства во Кратовско заедно со четата на војводата Атанас Бабата. Од тој период останува една песна која народот ја испеал за четата на Ковачев:
”Огин избухна штипската каза
штипската каза, село Карбинци
тамо се бијат млади јунаци
млади јунаци, сите Македонци
најнапред беше Славчо Ковачев
по него беше Гено кумита
Гено кумита веле и говоре:
Станвајте браќа, станвајте не спијте
огин ќе го горе селото Карбинци”…
По неуспехот на Илинденското востание, Ковачев краток период бил Скопски војвода, а потоа на неколку години ја напушта Македонија. Од 1904-1909 год. студира правни науки во Париз, а во 1911 докторира во Брисел. Неговото враќање се совпаднало со почетокот на Балканските војни во кои зема учество во редовите на бугарската армија, мислејќи дека се бори за слободата на Македонија, како и околу 100.000 Македонци кои борејќи се во грчката,српската и бугарската војска мислеле дека се борат за ослободување од Турците, а всушност се бореле за ново ропство, овој пат од новите “ослободители“.
Подоцна, во Политичкото верују на Македонците, Ковачев многу прецизно ги опишува погубните балкански војни за Македонија :
“... Царот Фердинанд ја донесе на власт полтронската конзервативно-цанковистичка влада, која свесно и доброволно ја потпиша смртната пресуда на македонската независност со создавањето на таканаречена “спорна” и “неспорна” зона, со што во принцип почна поделбата на Македонија меѓу нејзините алчни соседи! На тој начин беше создаден фамозниот Балкански сојуз, најпрвин меѓу Бугарија и Србија, а подоцна кон нив постепено се приклучија Црна Гора и Грција, имајќи ја и преќутната согласност од Романија. Секоја од нив, со исклучок на херојската Црна Гора, го очекуваше ветениот богат плен од распадот на Хамидовата Турција. Како заврши таа војна, нам како на современици, добро ни е познато. Но во секој случај вреди да ја разгледаме одговорноста на факторите што го погребаа македонскиот идеал: единствена и целосна, слободна и независна Македонија! ...“