Македонија и Албанија ги укинаа визите
Договорено е слободно патување и престој во другата држава 90 дена во временски рок од шест месеци
Тамара Грнчароска
Македонија и Албанија договорија нов безвизен режим за движење на своите граѓаните од едната во другата држава. Со оваа одлука се укинуваат административните процедури на вадење визи, како и на плаќање такси за влез од едната во другата држава.
Државниот секретар во македонското Министерство за надворешни работи Игор Илиевски и генералниот секретар на албанското МНР Ферит Хоџа заеднички вчера соопштија дека новата Спогодба за движење на граѓаните меѓу двете држави се планира да биде потпишана за време на посетата на македонскиот премиер Никола Груевски на Тирана на 18 и 19 февруари и оти во најкус можен рок потоа ќе стапи во сила.
Експертските тимови од двете министерства кои два дена во Скопје ја усогласуваа Спогодбата се договорија граѓаните на двете земји да можат слободно да патуваат и да престојуваат во другата држава 90 дена во временски рок од шест месеци. Договорено е и слободно движење преку границата само со лична карта за жителите на пограничните области во ширина од 20 километри, што е за 10 километри повеќе од претходно дозволеното.
Илиевски од македонска страна рече дека воспоставувањето на безвизниот режим е „важна политичка одлука“ за подобрување на понатамошните односи меѓу двете земји, но и на нивниот пат кон ЕУ. Генералниот секретар на албанското МНР, кој на присутните им се обрати на албански јазик, па потоа самиот се преведуваше на англиски јазик, за официјалниот преведувач на крај да го преведе на македонски јазик, изјави дека одлуката за слободен престој на граѓаните од 90 дена во рамки на 180 дена во другата држава е европски прифатена практика и интегриран дел од шенгенскиот концепт.