море мамицата нивна, мачкаат очи на народов глуп, нека напраат некое чудо за да им остане некој динар од платата на луѓето а не само глупости да измислуваат...економија ни фали, после се друго.
еве ви извадок од дневник, секоја чест...
...Чудни градителски предлози
Слушам, читам и не можам да верувам што се' се случува во нашата држава и во нашиот град. Но, да почнам малку одназад. Со доаѓањето на Груевски како млад и амбициозен човек, економист, па магистер по економија едвај чекав да се појават големи и успешни резултати, но во економијата. Уште сум подготвена да ги чекам знаејќи дека не може се' преку ноќ, а нашите „ноќи“ траат и со години. Моите први шокови се случуваа со предлозите што доаѓаа од премиерот и од кабинетите со желбите за градба. Се појави иницијатива за обновување на старо-новиот театар ниту е стар ниту е нов. Кој народ се гордее со нешто помеѓу или со нешто недефинирано за кој архитектонската фела се изјасни, но тоа не беше доволно. Помпезно најавуван и се надевам дека и долго ќе биде граден. Среде нови модерни објекти да се постави здание за кое не ќе се знае во иднина што била целта - е чекор напред и три назад. Кога слушнав за Офицерски дом и за неговото возобновување во ист манир, мислев дека е шега, ама и тоа пројде. Распишан е меѓународен конкурс. Не можев да им објаснам на колегите од странство што значи овој објект - фасада на офицерски, а внатре се' по сегашни нови концепти. Ни риба ни девојка.
Одеднаш во медиумите се појавуваат предлози за градба на три стокатници. Зошто три, зошто не една триста ката? Ако сакаме и за нас да се слушне ова е и подобра идеја. Ја предлагам без многу анализи оти и тој предлог беше даден на ист начин - без трунка елаборирање.
Чиста пародија. Замислете град што со градскиот превоз е на ниво од 19 век по своите стари автобуси, кој тоне во ѓубре и помеѓу ѓубрето бликаат гордо три стокатници. Можеби од нив подобро ќе се види Маџар Маало (43 години по земјотресот неурбанизирано), каде што среде ден во главниот град пасат коњи, а Ромите перат черги на маалската чешма. Можеби од повисоко ќе му паднат некому на памет пореални предлози за градот.
Па следеше информација дека Општина Центар ќе поставува лавови пред Мост Гоце Делчев. Без анализи, без стручни мислења, ама желбата е голема. Помислив оти е многу убаво нашите луѓе што шетаат низ светот, ама очигледно им е потребен и стручен водич да им објасни во кој архитектонски правец е изграден некој објект и што оди покрај него да не биде „Се' што виде батко Ѓорѓија сака да е негово“.
Сега за идејата за црквата на плоштадот.
Почитуван премиере, многу посреќна ќе бев ако некој од министрите не ве поддржал. Ваков предлог поддржан од цела Влада почнува да ме плаши.
Прво министерот за транспорт и врски морал да Ви објасни дека вака само се вклопувате во урбаната мафија. Зарем ниеден не се осмели да Ви каже дека прво се прави предлог, па се менува урбанизам, па се слуша и гласот на архитектите, како најмеродавни, па и гласот на јавноста. Толку ли е итно, па се распишува и меѓународен конкурс што ќе се изигра како и оние за Мајка Тереза и за Офицерски дом.
Мојата молба е - престанете да проектирате. Во светските метрополи постојат такви објекти - за време на Шарл де Гол се изгради аеродром во Париз, за време на Жорж Помпиду културниот центар, но тоа се' се правеше по нивно подолго владеење, не по една година. Од каде толкава желба за враќање назад и возобновување стари зданија? Толку ли сме грешни како народ да мораме да се молиме на секој агол од градот?
Кога работев во Сибир во 1995, војната во Чеченија беше главна вест на телевизија. Ја прашав мојата колешка Тања што значи на руски Грозни и и кажав што тоа значи кај нас. Ми потврди дека значењето е исто. Се плашам дека ќе му го смениме ликот на градот, па тој по некое време сам по себе да го добие тоа име.
(Авторот е архитект-проектант, името е познато на Редакцијата