Работнички бара службена победа со Пелистер!!!
Дали е на повидок нов скандал од "кујната" на ФФМ? Во кој не сакајќи се "вмешани" фудбалските бисери на Пелистер, Марјан Алтипармаковски и Кире Ристевски.
За што имено се работи? Каде е тука скандалот?
На натпреварот од 13. коло во Битола меѓу Пелистер и Металург споменатите играчи добиваат жолти картони кои им се трети. Значи тие имаат право да бираат дали ќе играат со Милано во меч од 14. коло или со Работнички во натпревар од 15. коло. Доаѓа натпреварот во Куманово, од познати причини (тука мислиме на бојкотот) Пелистер не го одигра тој меч и го загуби со службени 0:3. Интересно од тој натпревар на записникот кај графата за гостински играчи нема ниту еден фудбалер. Доаѓа натпреварот од 15. коло со Работнички. Раководството на "романтичарите" пред натпреварот им сугерира на битолчани во записникот да не ги ставаат Алтипармаковски и Ристевски затоа што имаат намера да се жалат до ФФМ. Но, битолчани велат дека тие си знаат и двајцата играат. Алтипармаковски дури е најдобриот на терен и го постигнува единствениот гол за Пелистер за победа од 1:0. И Работнички се жали и смета дека овој натпревар мора да го добие со службени 3:0. Еве и зошто според "романтичарите".
"Во член 16 од дисциплинскиот правилник на ФФМ се вели дека еден играч кој има три жолти картони НЕ ЈА ИЗДРЖАЛ КАЗНАТА ако неговата екипа тој натпревар не го одиграла, го предала без борба и го загубила со службен резултат. Да потсетиме Пелистер тој меч го загуби службено со 0:3. Ако пишува дека не ја издржал тогаш треба да ја издржува на следниот меч, против нас. Сметаме дека тука с$ е чисто и бараме јасно да се читаат правилата и прописите", сметаат од таборот на Работнички.
Тука сакаме да додадеме дека целиот овој случај го прегледал претседателот на клубот, Драган Поповски, кој е еден од нашите најпознати адвокати и човек кој во измината деценија и повеќе во повеќе случаеви бил консултиран или, пак, самиот помагал во пишувањето на правилниците и прописите на ФФМ. Тој сметал дека Работнички има не само право на жалба туку и дека правдата е на нивна страна.
Од ФФМ, пак, велат нешто сосема друго. Меѓудругото истакнуваат дека Работнички немал право на жалба. Прописите биле јасни и децидни. Пелистер тој меч не го одиграл и не се сметал за валиден.
Ние прашуваме а како е регистриран? Одговорот е со 3:0 за Милано. Значи влезен е во системот на натпреварување, со победник, со поразен. Уште повеќе од ФФМ велат дека тој меч не се смета (зошто?) и дека Алтипармаковски и Ристевски може да бираат дали ќе играат со Работнички или, замислете си, Ренова во меч од 16. коло. А каде е тука 14. коло? Значи и двајцата играат на два меча, и со Милано и со Работнички. А токму кога "не треба", токму против Ренова не смеат бидејќи го потрошиле правото на (не)играње на мечот со Работнички.
Значи нов хаос, двосмисленост, недоследност, еден закон со сто толкувања...
И кој ќе биде во право? Можеме само да претпоставуваме... Па ФФМ се разбира, токму онака како што е во "право" во последните 8 години откако е прилепчанецот на чело на мак - фудбалот.
Што вели чл.16?
Дисциплинскиот правилник на ФФМ, па ако сакате и Правилникот за натпреварување се децидни и тие говорат дека правдата е на страната на Работнички. Ова е лаичко толкување на авторот на овој текст. Еве, за увид на нашите читатели во целост ќе го цитираме членот 16 од Дисциплинскиот правилник:
"Автоматската казна забрана на играње на еден првенствен или куп натпревар играчот НЕ ЈА ИЗДРЖАЛ ако неговата екипа натпреварот го предала без борба (службено), како и кога не настапил на натпреварот кој е прекинат пред истекот на најмалку 80% од времето кое е предвидено со Правилата за фудбалската игра на тој натпревар.
Играчот на екипата која го добила натпреварот без борба (службено) ЈА ИЗДРЖАЛ автоматската казна забрана за играње на еден првенствен или куп натпревар". Ова стои во членот 16 од збор до збор.