Бугарофилството во Македонија се пушта од власта на голема врата
Новата 2002 година ја започнавме со особена експанзија на непријателите од нашата татковина.
Од една страна се бориме да ја залечиме нашата рак рана со албанските големодржавнички апетити, а од друга страна метастазира и другата рак рана - големобугарскиот врховизам. И двете рани ни се вековни. Нe следеле во XIX, XX, па и сега во XXI век.
Едните вршат физичка агресија на Македонија, а другите асимилација преку бугаризација на македонската култура, писменост, јазик и историја.
Виновна е и македонската национална телевизија која така мирно и едноствно, со помирен тон ги изнесуваше настаните од собирот, со богата слика па дури и говорот на бугарофилот и врховист по ген Владимир Перев. МТВ треба да знае дека тој Перев е син на адвокатот Харалампие-Рампо Перев, претседател на првиот квислиншки одбор на Прилеп во 1941 година ("Прилеп и Прилепско низ историјата", Прилеп, 1972, стр. 147).
Ете, тој Перев беше и заменик на главниот уредник на "Радио култура" или Трета програма на Македонското радио, бугарофилот Симјон Симев, кој и денес тврди дека "Македонците имаат бугарски корен", дека "браќата Константин и Димитрија Миладиновци се Бугари по потекло", иако се од Струга и дека песните во нивниот Зборник се "бугарски", а не македонски народни песни. Тој Симев не дозволи на програмата од "Радио Култура" да се најде ниту еден збор, или научен труд кој бил посветен на 140 годишнината од појавата на Зборникот на Миладиновци. На тој Симев генералниот директор на МРТВ Љупчо Јакимовски му дозволил да врши забрана на емисиите посветени на македонската култура, јазик и историја.
Симев не дозволил да се каже ниту еден збор од научниот собир посветен на делото од македонскиот академик Блаже Конески, го оневозможил настапот на академиците Матеја Матески, Петар Илиевски и др. за да го кажат својот збор за вредноста на делото од Б. Конески.
Денес генералниот директор на МРТВ, Љупчо Јакимовски, само ги прераспределува на други работни места во неговата куќа, Третата програма ја укинува и бугарофилите ги остава и понатаму да си ја остваруваат својата цел - удираат по општиот национален идентитет на македонскиот народ од гласилата на Македонското радио и телевизија и да бидат плаќани од народните пари на Македонија.
Од горното се гледа дека поддржувачите и спроведувачите на бугарофилството во Македонија ни влегле во највисоката државна власт, националната информативна куќа, па и во другите пишани и звучни медиуми. Нивната атака врз македонското национално битие е тешко запирлива фортуна, па затоа ние група од граѓани интелектуалци и почитувачи на револуционерните традиции на Македонија од Прилеп се обраќаме до македонскиот народ и повикуваме:
Народе македонски, свести се и чини го и последниот удар против твоите домашни непријатели, оти ќе биде предоцна кога ќе ти потпишат домашните политички лидери и "народните водачи" уште еден рамковен договор со кој ќе бидеш поделен и подарен на Бугарија и Албанија, а со тоа избришан од картата на народите како и од глобусот на Земјата.
Група граѓани интелектуалци и почитувачи
на револуционерните традиции на Македонија од Прилеп