АНГЛИЈА СЕ ТРЕСЕ ПРЕД НОВИОТ ФИНАНСИСКИ "ВЛАДЕТЕЛ" ВО ПРЕМИЕР-ЛИГАТА
АЛ ФАХИМ СО 500 МИЛИОНИ ФУНТИ ГО ПРОЕКТИРА ШАМПИОНСКИОТ "СИТИ"
Новиот сопственик на Манчестер Сити, мултимилијардерот д-р Сулејман Ал Фахим, има само една единствена цел: да го направи Манчестер Сити најмоќниот фудбалски клуб на светот! Арапот кој е прв човек на компанијата "Абу Даби Јунајтед Груп", блиска до семејството кое ги предводи Емиратите, вчера пред англиските медиуми ги откри своите желби врзани со влегувањето во "Сити". Не крие дека парите не се проблем, туку само иницијативата и желбата на фудбалерите да играат во најсилниот клуб на светот. Манчестер Сити е новиот фудбалски "аждер" од кого во наредните години се очекува да ги мине рекордните излети на еден Роман Абрамович и по негов пример да состави "дрим тим", кој има бесценета вредност. Но, да одиме по ред...
Арапите "тежат" 615 милијарди евра
Веќе станува јасно дека Манчестер Јунајтед го чекаат големи проблеми во иднина, токму од групацијата "Абу Даби", која ја презема улогата и контролата на "Истлендс". Новиот "газда" на "граѓаните" доаѓа од Персискиот залив, знае што сака и како да дојде до тоа. Но тоа не е којзнае колку тешко откако на грбот му е семејството на Емиратите, кои има богаство кое се проценува на околу 615 милијарди евра. Чистите пари кои лежат на сметките на оваа групација се проценуваат на околу 100 милијарди фунти, што значи дека станува збор за човек кој е 10 пати "потежок" од досегашниот фудбалски гигант во премиер друштвото, Роман Абрамович. Ал Фахим не крие дека прво размислувал да стигне до сопственоста на Арсенал, Ливерпул или Њукасл, но во последен момент се појавија "гласниците " на Шинаватра, кој бараше начин како да се "отараси" од клубот, кој западна во големи финансиски проблеми. Арапите го "намирисаа" договорот и на неколку дена пред затворањето на трансфер периодот за оваа сезона влегоа во овој тим.
Ал Фахим се согласи да ги покрие долговите на "Сити" во вредност од 100 милиони фунти, но исто така да даде уште 120 милиони за да ги купи акциите од Шинаватра. 31-годишниот претприемач ја предводи новоформираната "Абу Даби Јунајтед Груп", специјализирана во областа на инвестициите и развојот, а самиот Сулејман е извршен директор на "Хидра Пропертис" во Абу Даби.
500 милиони фунти за јануарски трансфери
Англискиот прес преполн со сензационалните најави на новиот сопственик на "граѓаните". Дури и самите фанови на Манчестер Сити се шокирани од она што излегува од устата на Ал Фахим.
"Ние ќе направиме маркетинг планови, кои ќе се одразат позитивно на клубот и на компанијата, а ќе ни донесат и неопходни инвестиции. Со нив ќе бидат донесени нови фудбалски ѕвезди во тимот, а ќе биде продобрена и самата инфраструктира на клубот и базата", вели новиот шеф на "Истлендс".
Она што прво му падна на памет на новиот сопственик на "Сити" е во зимскиот преоден рок да тргне со неверојатна сума од 500 милиони фунти за нови фудбалери. На Арапите не им се чека, сакаат веднаш да оформат "дрим тим" кој од следната сезона ќе почне да ги "бере" трофеите од англиската и европската сцена. Како што пишуваат медиумите, неверојатниот фонд од 500 млиони фунти ќе биде ставен на располагање веќе во јануари, а Ал Фахим во своето "јато" ги очекува најдобрите: Кристијано Роналдо, Кака, Меси, Торес, Фабрегас, Бербатов. За "дрим тимот" нема да жали пари, а веќе се споменуваат и сумите кои би ги добиле сите овие фудбалери откако го "зграпчи" Робињо, кој беше со куферите на пат за Лондон.
Новиот конзорциум на фронтменот д-р Сулејман Ал Фахим вели дека ќе плати неверојатни 134 милиони фунти за да го донесе Кристијано Роналдо од екипата на Манчестер Ј., кој е најголемиот ривал на "Сити". Менаџерот на "Сити", Марк Хјус, ќе доби и сума од по 80 милиони фнути за да ги ангажира Кака од Милан и Лионел Меси од Барселона. Исто така се подготвуваат големи пари и за трансфер на Фернандо Торес од Ливерпул. За него новиот конзорциум на "граѓаните" ќе плати 70 милиони фунти, а 60 милиони ќе бидат понудени до Арсенал за да го продаде Сеск Фабрегас. Новите сопственици на "граѓаните" не се откажуваат ниту од Бербатов, кој замина на "Олд Трафорд", па и за него во јануари се готови да понудат рекордни 60 милиони фунти. С$ на с$, Ал Фахим сака сонот да му се оствари, а за тоа е подготвен, ако има потреба, да купи нови 18 играчи, за комплетно нов и моќен Манчестер Сити.
Догодина шампиони, потоа напад на ЛШ
Не сакајќи да чека на години работа и создавање на шампионски тим, д-р Ал Фахим ќе оди со една проектирана цел: годинава да се најде во најдобрите 4 во лигата, а догодина да ја освои Премиер-лигата. За најмногу три години да стане и европски шампион. Дека нивните амбиции не се само прости желби, покажа и последниот ден од преодниот рок кога сензационално успеаја да го донесат Робињо во својот нов тим. Тоа значи дека не напразно зборуваат за милионите кои планираат да ги потрошат за да го создадат најсилниот фудбалски клуб на планетата. Згора на тоа, Арапите му ја фрлија в лице "ракавицата" на Абрамович, чиј трансферен гениј Питер Кенион со денови наназад се натегаше околу преминувањето на Бразилецот од Реал (М). На крај излезе дека ќе го гледа во Премиер-лигата, но не во својот клуб. На прашањето со колку пари е можно да се биде освојувач на Премиер-лигата, Ал Фахим вели 200 милиони фунти. Но вели, не е проблем и ако треба повеќе.
Ако се погледнат договорите кои начелно уште сега се подготвуваат за јануарскиот преоден рок, фудбалерите ќе добиваат плати и во висина од по 200.000 фунти неделано. И фановите и јавноста го чекаат "извиканиот" јануари и да го проследат новото фудбалско лудило на планетата наречено "Абу Даби Груп".
Надминат големиот Роман
Во суштина, секој клуб од Премиер-лигата мечтае за "нафтениот благодет" кој доаѓа од Блискиот Исток. Сити ја имаше среќата да ја добие премијата. За една ноќ клубот го доби најбогатиот сопственик во Англија, иако малкумина сметаа дека некој ќе успее за една ноќ да го "прескокне" големиот Роман Абрамович.
Манчестер Сити за последен пат освои трофеј во Купот на Англија пред точно 32 години. Во последните 20 сезони с$ е поврзано со големиот градски ривал на "граѓаните", Манчестер Јунајтед. "Црвените ѓаволи" долго време гледаа од врвот, но се чини доаѓа времето кога улогите драстично ќе се променат. Брилјантниот бизнис и длабокиот "џеб" на Ал Фахим ветува нова историја на еден од најстарите клубови на Островот.
Само Арсенал им оддолеа на тајкуните
Откако телевизиските куќи одлучија да ја разбијат благајната за откуп на ТВ-правата за премиерлигашките средби, англиските клубови прераснаа во вистински фабрики за пари. И како такви, секако, станаа цел на тајкуните од сите страни на планетата.
Роман Абрамович пред 5 години го купи Челзи и засекогаш го промени пејсажот на англиската најквалитетна лига. Многу брзо стана престиж да се има клуб во Премиер-лигата, па семејството Глејзер го купи Манчестер Ј. и покрај жестоките пресметки со фановите на оваа екипа.
Потоа Ливерпул го доби новиот "газда" во името на двоецот Американци, Ѓилет и Хикс. Тие го купија контролниот пакет и станаа "фронтмени" на "црвените".
Последен во низата е Манчестер Сити, кој почна со Шинаватра, а продолжува со "Абу Даби Јунајтед Груп". Во целата оваа низа недостасува само Арсенал. "Топчиите" се единствените преставници на "големата четворка" кои и натаму остануваат настрана од налетите на странските тајкуни.