Читав некаде дека од ова Dubailand нема да биде ништо, барем засега...им снемало пари на шеициве. Ако го најдам текстот, ќе го презентирам во целост. :wink:
Едит:
НА ЕМИРАТИТЕ НЕ ИМ ОДИ ПОДМАЧКАНО КАКО ПОРАНО
Снема пари за "Дубаиленд"
Паркот, кој се планира да се изгради, е дел од замислата на властите во Дубаи да го претворат парчето пустински песок на крајот од блискоисточната држава во "Дубаиленд", огромен, простран забавен комплекс. два пати поголем од "Светот на Волт Дизни"
ДУБАИ, ОБЕДИНЕТИ АРАПСКИ ЕМИРАТИ (АП) - Влезете во големиот засводен влез на забавниот парк на "Јуниверсал студиос" во Дубаи и ќе наидете на збришана пустина.
Нема забавни игри, ролеркостери, билетарници, сцени. Дури и стражарницата и бараката за градежниците беа празни при последната посета на паркот.
Паркот, кој се планира да се изгради, е дел од замислата на властите во Дубаи да го претворат парчето пустински песок на крајот од блискоисточната држава во "Дубаиленд", огромен, простран забавен комплекс, двапати поголем од
"Светот на Волт Дизни", со тематски забавни паркови, како "Јуниверсал студиос", "Сиксфлегс" од синџирот забавни паркови со седиште во Њујорк, "Леголенд", тематски парк "Формула еден", како и одморалиште, најголемиот трговски центар во светот и првиот терен за голф кој го креира Тајгер Вудс.
Сега не е толку сигурно кога и колку од планираното воопшто ќе се изгради. "Дубаиленд" настрада од суровата економска криза, како и поголемиот дел од Дубаи, кој некогаш се чинеше незапирлив во намерата секогаш да гради нешто најголемо, највисоко, најекстравагантно.
"Во овој момент тешко се продава", вели за проектот "Дубаиленд" Боби Саркар, аналитичар за недвижнини во "Ал Мал капитал" во Дубаи. "Во моментов проектот е неизводлив".
"Дубаиленд" беше осмислен во време кога имаше пари достапни во секое време, а малата емиратска држава забрзано се ширеше, градејќи вештачки острови, облакодери, кој од кој повисок, и луксузни живеалишта. Сега, кога светот е во економска криза, лесните кредити исчезнаа и Дубаи се соочува со големи долгови и еден куп неактивни нови недвижнини. Илјадници странски работници што дојдоа тука по подобро платени работни места, масовно си заминуваат како што се зголемува бројот на отпуштања.
"Дали 'Дубаиленд' беше разумна идеја? Делумно, да", вели Дејвид Кепм, директор на "ЕРА Аеком", чија консултантска фирма беше ангажирана во првичните планови за градбата.
"Сепак, проектот нe понесе, како што е секогаш случај во Дубаи".
Проектот "Дубаиленд" почна пред шест години, како дел од напорите на земјата двојно и повеќе да го зголеми бројот на туристи на 15 милиони до 2015. Тие се надеваа дека нивните долари, евра и ријали ќе го држат стопанството стабилно, и покрај тоа што Емиратите забележаа недостиг на нафтени резерви.
Проектот ќе се протега на повеќе од 259 квадратни километри пустина, поголема од Орландо, Флорида каде што се наоѓаат најпознатите забавни паркови во САД.
Беа изградени неколку делови, како и скромен трговски центар и саем кој беше отворен само во ладните месеци. Во продажниот центар на почетокот од локалитетот има реклама за тоа како ќе изгледа "Дубаиленд", ветувајќи диносауруси и вселенски бродови, Спајдермен и Шрек. Веднаш до рецепцијата, во стаклени кафези се шетаат два живи тигра.
Меѓутоа, поголемиот дел од планираните работи се во застој или заостануваат зад планираниот распоред. Една од најекстравагантните идеи - парк со вештачки снег, сместен под стаклена купола, тивко исчезна од веб страницата за проектот.
Во кратката пишана изјава на потпретседателот на "Дубаиленд" Мохамед ал-Хабаи до "Асошиејтед прес" стои дека "нема промени во замислата за 'Дубаиленд' и можеме да потврдиме дека сите наши проекти ќе се реализираат докрај".
Тој, сепак, не даде краен рок.
"Околу Дубаи, а зборувам за површина во радиус од над 4.828 километри, нема забавни паркови. Имајќи го предвид тоа, изградбата на забавен тематски парк од светска класа на Блискиот Исток е добра идеја", изјави Стефан Званзгер, поранешен жител на Дубаи и љубител на забавни паркови. "Сепак, не сум сигурен дали има смисла да се градат 10 или 11 тематски паркови истовремено".
Договорите беа типично составени како лиценци, и на тој начин финансискиот ризик за меѓународните компании беше мал, велат аналитичарите. Компаниите, сепак, оставија дел од нивната репутација во рацете на "Татвир", компанија поврзана со владетелот на Емиратите, која сега се соочува со тешкотии.
Набљудувачите во оваа индустрија велат дека можеби кризата дојде во вистинско време, давајќи му шанса на Дубаи да ги преиспита своите приоритети.
"Основниот проблем е што Дубаи имаше премногу грандиозни идеи во премногу краток временски период", вели консултантот Кемп.
Вест