Се повеќе следбеници на сатанистичките движења во Србија
Полицијата нема евиденција за деструктивните секти
Во Србија има околу три илјади следбеници на сатанистичките движења, а нивниот број постојано расте, бидејќи Србија во сеопштата криза во која се наоѓа е плодно тло за деструктивни секти, истакнува за „Данас“ Радомир М. Мисаљевиќ, истражувач од српската истражувачка агенција „Правац“ во Белград. Според изјавите на нашиот соговорник, овие секти се карактеризираат со деструктивно делување на мозокот, засновање ропски однос над поединецот или групата како и „ставање на ѓаволот во прв план“.
- Основниот проблем е тоа што државата го потценува проблемот со појавата на деструктивните секти, а во Србија има верски заедници, кои се на граница да станат сатанистички. Во Србија делуваат околу 200 верски заедници. Силните сатанистички групи од другите држави вложуваат многу пари за ширење на нивното делување во Србија, посебно од Унгарија и Хрватска. Следбениците на сатанистичкото движење обично се собираат во помали групи во кои нема повеќе од 20 членови, објаснува Мисаљевиќ. Тој додава дека институцијата семејство во нашата земја сериозно е загрозена што е дополнителен проблем и влијае на зголемувањето на бројот на сатанистичките следбеници.
Црна ружа и Ордо темпли ориентис
Меѓу најпознатите сатанистички секти во Србија се „Црна ружа“ и „Ордо темпли ориентис“. Според изјавата на Мисаљевиќ, најмногу припадници на сатанистичко движење има во Сурдулица, Пирот, Заечар, Зрењанин, Апатин, Нови Сад, Сида, Лозница и Белград. Сатанистички кампови се наоѓаат на подрачјето на Сремска Митровица, Бел Поток, Пиносава и Рипањ, каде има и Шпанци. Ордо темпли ориентис најмногу е присутна во Сомбор и Суботица. Познат е случајот со 17-годишното момче кое се отру со цијанид, за кое постоеше сомневање дека бил член на Црна ружа.
Како што наведува нашиот соговорник Законот за црквите и верските заедници и Кривичниот закон се добри, но тие треба соодветно да се применуваат.
- Против зголемувањето на бројот на следбениците на сатанистичката идеја може да се делува превентивно, со законска регулатива, но и со вклучување на семејството, училиштата, медиумите и здравствените организации во борбата против овој проблем, истакнува Мисаљевиќ.
Во Србија не постои механизам врз чија основа, по анализите, одредени верски заедници може да се стават на листа на опасни заедници. Во САД постои таква листа, слична на списокот на терористичките организации, на тој начин сериозно се следи делувањето на овие организации.
Кога станува збор за евиденција на деструктивните секти, Мисаљевиќ вели дека полицијата не сака да направи таква евиденција, бидејќи со овој проблем се занимаваат „нестручни и поткупливи луѓе“.
Тој додава дека државата мора да воведе механизам за следење на корисниците на Интернет страниците кои шират сатанистички идеи, но и оние кои поставуваат деструктивни содржини на нив. Страницата која се администрира во Хрватска е една од најпознатите вакви страници во регионот и најчесто ја посетуваат припадниците на сатанистичките движења од Србија.
На една од ваквите Интернет адреси, исто така поставена во Хрватска, потенцирано е дека страниците не се јавни, ниту достапни за „обичните“ посетители, и дека заинтересираниот треба да се „докаже“ ако сака да стане нивен следбеник. Се потенцира дека „единствен начин да се воспостави комуникација“ е по пат на видео линк.
Експертите велат дека иницијативниот ритуал е обавезен за тој што сака целосно да биде прифатен во сатанистичкото движење. Ова подразбира полагање на кандидатот за иницијација во откопан гроб, ритуални силувања, сексуален однос на следбениците со него или крвна жртва.
Нашиот соговорник истакнува дека новите членови на движењето ги придобиваат така што им се говори дека спасот е во Луцифер, дека Господ не постои и Библијата е лага. Исто така инсистираат на минливост на животот и непостоење на причина за да се живее.
Мисаљевиќ потенцира дека е погрешно мислењето дека целните групи на овие секти се децата и младината. Според него, припадниците на сатанистичките движења, за свои следбеници најчесто бираат луѓе на возраст од околу 30 години, бидеќи потребен им е некој кој ќе ја шири идејата за сатанизмот, а дете тоа не може да го прави. За стапување во контакт со „водачите“ на движењата на некои Интернет страници исклучиво се бара заинтересираниот да биде полнолетен.
- Целта на сатанистичкото делување е што повеќе мртви, кои ќе се „поклонуваат“ на својот лидер Луцифер. Тоа е библиски лик, ангел кој од останатите ангели се одметнал поради бунтот против Бога. Сатанистите ритуално го сечат трупот од доле кон нагоре и никогаш не сечат делови од телото, вели Мисаљевиќ.
Според него, последните забележани случаи на делување на следбениците на сатанистичкото движење е сквернавењето на гробиштата на подрачјето на Суботица, без оглед на верата на погребаните.
Според оценката на експертите, следбениците на сатанистите често се многу влијателни членови на зедницата во која живеат и ги има во сите општествени области. Според податоците на надлежните служби, припадниците на некои секти често се замешани во шверцот со дрога, оружје, но и во трговијата со човечки органи. На подрачјето на Источна Европа, стигнале преку Германија, Австрија и Унгарија.
Данас - Белград