САДОТ ОД КОЈ ИСУС ПИЕЛ ЗА ВРЕМЕ НА ТАЈНАТА ВЕЧЕРА
Според еден стар ракопис, во Македонија извесно време дури бил чуван и садот од кој Исус Христос лично пиел за време на Тајната вечера.
Овој податок е спомнат во патеписот на Англичанките Мјур Мекензи и А.П. Ирби, кој тие го објавиле во Лондон во 1867 година.
Пред говорот на овој патепис го напишал лично Вилијам Гледстон.
Мекензи и Ирби биле образовани и смели Англичанки, кои во втората половина на XIX век пропатувале поголем дел од Балканот.
Во 1863 година тие престојувале и во Македонија, каде посетиле неколку градови.
За време на својот престој во Солун, тие го посетиле главниот солунски манастир (чие име не го спомнуваат). Таму им биле покажани низа скапоцени предмети, за кои калуѓерите им кажале дека се подароци од Русија.
На прашањето зошто Русите му дале вакви подароци на манастирот, калуѓерите одговориле дека за возврат на Русите им бил даден садот од кој Исус Христос пиел за време на Тајната вечера.
Тој сад наводно бил обична тиквичка и некои сметале дека од неа Исус пиел на Тајната вечера, а други дека од неа пиел вода од изворот Самариски.
Како и да е, гледаме дека постојат сведоштва, според кои, овој сад извесно време се чувал во Македонија, а потоа бил однесен во Русија.
("The Turks, the Greeks, and the Slavons, Travels in the Slavonic proprovinces of Turkey in Europe" by Muir Mackenzie and A.P. Irby, Лондон, 1867, стр. 8, цит. според Александар Матковски: "Македонија во делата на странските патеписци 1850-1864", Скопје, 1992)