???
Според Оли Рен, Македонија шири тензии во регионот
Еврокомесарот изјави дека веќе нема да кажува анегдоти за Сибелиус бидејќи хуморот бил хендикеп во политиката
Од нашиот дописник
СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА
Брисел - Еврокомесарот Оли Рен вчера пред Европскиот парламент изјави дека несреќните настани пред две недели ги алармирале него и Хавиер Солана да се вклучат повеќе во намалувањето на политичките тензии меѓу Македонците и Албанците во земјата. Оценувајќи ја ситуацијата во земјата како прилично тензична, Рен предупреди дека ако не се смени тоа, таа може да се прошири и во соседните земји.
Ова е прва ваква прогноза по подолг период дека состојбите во Македонија можат да станат фактор на нестабилноста во регионот, по сите процени досега дека е обратно, односно дека состојбите во Косово влијаат на ситуацијата и на политички и безбедносен план во нашата земја. Ваквиот став вчера ги изненади македонските дипломати во мисијата во ЕУ, па побараа објаснување од кабинетот на еврокомесарот Оли Рен.
Наспроти Рен, Дорис Пак од групата на народни партии порача дека е нормално Македонија да има проблеми кога е сосед на Косово и се' додека трае неизвесноста таму и нема решение, нормално е да има инциденти и, како што ги нарече, меѓукултурни судири.
Рен пред европарламентарците во Комисијата за надворешна политика, сепак, главно, зборуваше за извештаите за балканските земји и за нивото на реформи во нив. Прашан од парламентарците кога Македонија може да се надева на датум за прием, Рен рече дека не може да каже такво нешто се' додека земјата не покаже дека е способна да постигне конкретни резултати во судските реформи, јавната администрација и борбата против корупцијата, како и конструктивен политички дијалог кој нема да биде пречка за реформите во земјата.
Индиректно, тој ја искористи оваа прилика да и' се извини на македонската нација, нагласувајќи дека нема веќе да кажува анегдоти за Јан Сибелиус. „Нема да кажувам веќе шеги за Сибелиус. Чувството за хумор, очигледно, е хендикеп во политиката. Лично мислам дека тоа треба да биде еден од Копенхашките критериуми, па и услов за самата Унија. И ние имаме толку причини да се смееме самите на себе“, изјави Рен на општо одобрување на парламентарците.
„Македонија треба да се фокусира на дијалогот внатре. Очајнички ви треба консензус кој ќе биде евидентен и елоквентен, за ние во ЕУ да ви поверуваме дека сите политички партии во Македонија се за целосна евроинтеграција. Ова значи дека линиите на поделба што постојат кај вас треба да бидат надминати, односно линиите меѓу Албанците и Македонците, меѓу коалицијата и опозицијата и внатре меѓу македонските и меѓу албанските партии. Ви треба лидерство, а политичарите не можат да се кријат зад проблемите, туку да се соочат со нив. Би рекол доаѓа историски момент и тој е најпоследен за политичарите во Македонија за да се разбудат ако сакаат да постигнат нешто додека ја водиме Унијата“, изјави Јелко Кацин. Според неговото толкување, Рен не рекол дека Македонија е фактор на нестабилноста на регионот, туку дека може да биде колатерална штета од нерешениот статус на Косово.
Генерално, Рен порача пред парламентарците дека има природна тенденција во земјите да ја обвинуваат Европската комисија место да си ги признаваат пропустите и, притоа, место да ги гледаат предизвиците дома, ги коментираат состојбите во другите земји, што веројатно се однесуваше на реакциите на можноста Србија да добие кандидатски статус во брз рок и на тоа колку Хрватска навистина напреднала во реформите. Македонија беше последната земја што ја спомена Рен кога ги претставуваше извештаите за земјите од регионот и Косово, а намерно или не заборави и да одговори на неколкуте прашања поставени за нашата држава, па мораа да го потсетуваат дополнително.
Статијата е прочитана 343 пати.