Кавадарчани жедни за две титули
Фени Индустри ќе атакува на трофеите во домашната кошарка и во новата Балканска лига
Во Кавадарци посакуваат славје и на крајот на новата сезона
Фени Индустри ќе атакува на титулите во домашната кошарка и во Балканската лига, но во клубот не се оптоваруваат со притисок дека по секоја цена мора да се освојуваат трофеи, рекоа челниците на кавадаречкиот клуб на вчерашната средба со новинарите на која ги презентираа составот и амбициите. Настапот во БИБЛ лигата ќе биде предизвик плус за тимот кој во минатата сезона ги освои првенството и Купот на Македонија.
- Во минатата сезона освоивме максимум што можеше да се освои. Лани пред почетокот на првенството не велевме дека одиме на сите титули, па затоа и сега ќе кажам дека не очекувам да го повториме тој успех. Верувам во нашата борба и таа нека донесе добри резултати. Не го оптоварувам тренерот со притисок дека мора да се освои нешто - рече претседателот на клубот, Амир Абед.
Израелецот им се заблагодари на навивачите на Фени Индустри за поддршката и на новинарите за објективното информирање. Тој додаде дека иако цената на никелот во моментов не е поволна и компанијата е во минус, нема намера наскоро да се откаже од спонзорирањето во кошарката. Тренерот Емил Рајковиќ смета дека кошарката во Македонија во минатата сезона доживеа ренесанса и жали што еден клуб како Струмица нема да игра во следната сезона.
- Имаше интересни мечеви, многу публика на трибините. Немавме императив на освојување титули, но дојдовме до тоа што го посакувавме. Откажувањето на Струмица ќе влијае врз лигата, но вака мислам дека другите екипи се посилни во однос на претходното првенство. Фершпед Работнички, Амак СП, МЗТ ФОН и Свислајон Пелистер имаат добри екипи и очекувам интересна сезона. Ние го задржавме костурот од лани, ќе го задржиме истиот систем на игра, но сега верувам ќе го примениме на подобар начин. Ги донесовме Чековски, Мекензи и Соколов, се враќа Димитровски, закрепнуваат Ѓуров и Михајловски кои имаа операции. Имаме потенцијал, треба сето тоа да се вклопи, и очекувам како ќе одминува времето, од коло во коло да играме се' подобро. Не ветуваме ништо, туку со волја и посветеност, верувам во добри резултати. Секогаш одиме до крај, и со Макаби да играме ќе одиме на победа, а крајот на сезоната ќе покаже до каде сме - рече Рајковиќ кој е еден од најмладите тренери во првата лига.
Рајковиќ смета дека објективно, според квалитетот на играчкиот фонд Фени и Ф. Работнички се изедначени. Што се однесува до ривалите во БИБЛ, дел од нив му се познати, а со останатите ќе се запознае пред одигрувањето на мечевите. Според Рајковиќ, во групата во која е и кавадаречкиот клуб, фаворит број 1 е Свислајон од Вршац кој има најголем буџет и во моментов е петта екипа по квалитет во силната српска лига.
Капитенот Горан Самарџиев смета дека тимот има квалитет што треба достојно да ја презентира земјава и на меѓународна сцена.
- Ќе ни треба време да се вклопиме, да ги елиминираме недостатоците што се појавија на пријателските средби. Сега имаме поголем фонд на добри играчи, амбициите ни се да се покажеме и во Европа. Нема да биде изненадување ако влеземе во втората фаза во Балканската лига - вели Самарџиев.
ИНФО
КК „Фени Индустри“
Град: Кавадарци
Основан: 1969 година
Поранешни имиња: Тиквеш, Орка, од 2005 година Фени И.
Сала: „Јасмин“, 1.700 седишта
Број на титули: по една во првенство и во куп
Претседател: Амир Абед
Тренер: Емил Рајковиќ
Најпознати играчи: Чековски, Димитровски, Гоцевски, Самарџиев, Соколов, Ѓуров, Кол.