МАКЕДОНСКИОТ ШАМПИОН СИ НАЈДЕ НОВ ОРГАНИЗАТОР НА ИГРАТА ЗА СЛЕДНАТА СЕЗОНА
Мек Кензи - нов плеј на Фени Индустри
Лоренс Мек Кензи, еден од најдобрите играчи на Универзитетот во Минесота, потпишал едногодишен договор со "портокаловите" од Кавадарци.
На патот во одбрана на двојната круна и што подобар пласман во првото издание на Балканската лига, екипата на Фени Индустри ќе тргне засилена со уште еден квалитетен играч на бековската позиција.
Македонскиот шампион и освојувач на двојната круна се одлучи да го ангажира американскиот бек Лоренс Мек Кензи со кого потпиша едногодишен договор.
Се работи за еден релативно млад играч, роден 1985 година во Минеаполис, кој оваа сезона го завршил Универзитетот во родната Минесота.
Во сениорската сезона во оваа екипа (скор 20-14) овој 188 сантиметри висок кошаркар, кој игра на плејмејкерската позиција, завршил со просек од 11.8 поени, 2.6 асистенции и 2.3 скока на вкупно 34. натпревари, на кои во просек поминувал по нецели 27 минути на теренот.
Она што е посебно битно за Мек Кензи е дека важи за најдобар шутер за три поени во својата екипа. Во просек тројките ги реализирал со 42.9% на успешност.
Најдобриот натпревар во сезоната Мек Кензи го одиграл на 21 февруари, против Универзитетот Мичиген, кога постигнал 26.поени во победата од 69:60.
Добрите игри за тимот од Минесота го промовирале Мек Кензи во член на третиот Ол-стар конференциски состав.
Мек Кензи е второто нов големо засилување за најдобриот македонски клуб во минатата сезона.
Претходно "портокаловите" од Кавадарци го ангажираа и Ѓорѓи Чековски, кој лани настапуваше за екипата на Черкаски Мавпи.
Во наредниот период се очекува Фени Индустри да го продолжи договорот и со својот најдобар играч од ланската сезона, Американецот Доналд Кол.