Чековски денеска потпишува за Фени Индустри?
Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ѓорѓи Чековски денеска треба и официјално да потпише договор со актуелниот шампион Фени индустри, дознава „Нова Македонија“. Популарниот Станко веќе ги дефинирал сите услови со кавадарчани, кои се повеќе од солидни за македонски услови.
- Со Чековски се сретнавме неколкупати, но засега не можам да потврдам дека сите детали се конкретизирани. Вистина е дека сме блиску до негово ангажирање, но се уште нема ништо официјално по тоа прашање - вели Дивна Пешиќ, портпаролката на Фени И.
Покрај Чековски, денеска потпис на новите договори со кавадаречкиот прволигаш ќе треба да стават уште и Марјан Ѓуров, Горан Самарџиев и Александар Димитровски. Меѓу потпишувачите е најавен и Златко Гоцевски, кој, како што дознаваме, е во интензивни преговори и со вицешампионот Струмица.
- Гоцевски ни кажа дека ќе дојде денеска во Кавадарци за да потпише договор со Фени И. Се друго за нас е шпекулација - дополнува Пешиќ.
Досега управата на Фени И. го продолжи договорот со тренерот Емил Рајковиќ, како и со бекот Дарко Радуловиќ. Токму отсуството на Рајковиќ, кој изминатава недела како селектор на младинската репрезентација на Македонија беше во Романија, е причина што обновувањето на договорите со носителите на играта од минатата сезона ќе се случи дури денеска, на последниот ден од летниот преоден рок.
Паралелно со преговорите со домашните кошаркари, челниците на Фени И. разговараат за евентуално продолжување на договорот со Американецот Доналд Кол, најкорисниот МВП-играч на неодамнешното финале од плејофот. Во моментов шансите се, сосема реално, Кол и следната сезона да го носи портокаловиот дрес на шампионот. :helou: