Бујрум.
Кој сака нека го прочита. Кога ќе дојдам ќе искоментирам нешто. Сега немам време. Си го одржав ветувањето
. Ја пребарав цела архива ама најдов. Еве го во целост интервјуто.. пренесено од Форум. Можев да ставам само линк ама вака е поубаво и попрегледно.
_________________________________________________________
Жан Суирис (69), филолог по професија, е пензиониран француски државен службеник и член на француската масонерија повеќе од дваесет години. Заедно со уште двајца свои колеги - односно браќа, како што се нарекуваат слободните ѕидари меѓусебно - Суирис неделава престојуваше во Скопје за официјално да го "запалат огнот" во првата македонска масонска ложа на Големиот Ориент на Франција (Grand Orient de France - G.O.D.F.). Со тоа македонските масони, кои работат повеќе од една година во својата ложа во Скопје, и официјално станаа дел од Големата ложа на ГОДФ. За неколку години, велат упатените, може да се очекува формирање на Големиот Ориент на Македонија, што ќе биде настан од извонредна важност и вон самите масонски кругови.
ГОДФ е едно од најстарите масонски братства на светот. Тоа е федерација на масонски ложи кои доаѓаат од разни страни од и вон Франција. Големата ложа на ГОДФ, сместена во една монументална зграда во Улицата на кадетите во Париз (16, rue Cadet), е еден вид "влада" којашто ја координира работата на ложите, бидејќи моќта на ГОДФ доаѓа оддолу-нагоре, а "раководењето со масонските братства не е поставено вертикално, туку хоризонтално", ја појаснува структурата на функционирањето и меѓусебната соработка на масонските здруженија со г-динот Суирис.
Во ексклузивното интервју за Форум, Суирис за првпат пред македонската јавност на темелен и опширен начин ги објаснува главните принципи и актуелните предизвици на модерното масонство.
Што е целта на вашата посета на Скопје?
Целта на слободното ѕидарство е да ги шири своите вредности низ светот. Скопје и Македонија се дел од светот. Веќе две години одржуваме односи со Македонците со цел да организираме наша масонска ложа во Скопје. Меѓу Париз и Скопје во последно време се одвиваше интензивна соработка и денеска сме овде да ја официјализираме нашата прва ложа во Македонија.
Зошто токму Големиот Ориент, или Големиот Исток на Франција?
Затоа што француската масонерија и особено онаа на Големиот Ориент на Франција е без какви било догми. Се работи за недогматско здружување при коешто секој што ќе пристапи може да верува во кој било господ или да не верува во Бога воопшто. Постои и друг вид масонство, којшто ги условува своите членови да мораат да веруваат во Бога. Ние не сме против тоа масонство, тие се слободни да имаат став каков што сакаат, но нашиот став е поинаков од нивниот. Дотолку повеќе што Големиот Ориент на Франција е најстарото братство и првата недогматска масонска организација која датира од 1728 година. Нашата цел е за две, пет или за десет години да основаме доволно македонски ложи коишто го прифаќаат недогматското масонство, за тие самите да можат да основаат сопствен Ориент - Голем Ориент на Македонија. Ние не сме империјалисти, па затоа денеска го правиме првиот чекор од она што се надеваме дека ќе стане долга историја на слободното ѕидарство во Македонија.
Масонската традиција на Големиот Ориент на Франција е богата и се протега повеќе од 250 години низ историјата...
Големиот Ориент на Франција, иако под поинакво име, е основан во 1728 година. Но, масонеријата што се практикуваше во 18 век не е истата што се практикува денес. Масонеријата реферира кон традицијата, но не кон некаква фиксирана и завршена традиција, туку кон еден динамичен концепт на светот што ја следи еволуцијата на животот. На пример, на почетокот слободното ѕидарство се однесуваше на господ, како тој и да беше нарекуван - како Господ или како Големиот архитект на универзумот (Gadlu - le Grand Architecte de l'Univers). Тоа беше една зададена вредност. Но, првиот кој го промени ова во рамките на Големиот Ориент на Франција во 1877 година беше слободниот масон, пасторот Фредерик Дезмонд. Тој придонесе слободното масонство да го прифати диверзитетот на животот.
Слободното ѕидарство помина низ неколку различни фази во својата историја. На пример, за време на Француската револуција тоа одигра првокласна улога. Еден од главните принципи на масонството е оној за еднаквоста меѓу луѓето. Во времето на Француската револуција во Франција луѓето биле поделени на различни сталежи, меѓу кои биле и аристократијата и средната класа на буржоазијата. Слободното масонство беше првиот систем кој прокламираше еднаквост помеѓу аристократите и буржуите. Така, на пример, во тоа време само на аристократите им било дозволено на јавни места да носат мечеви. Но, во масонските кругови на секој брат му било дозволено да носи меч, без разлика на неговото општествено потекло и статус. Во тоа време, тоа бил силен симбол за еднаквоста меѓу луѓето.
Се разбира, денеска никој не носи мечеви по улиците, но во масонската гардероба и денеска е останат појасот (кордон) и токата на која се закачувал и висел мечот. Како што гледате, иако тоа на неупатените може да им изгледа смешно, масонската гардероба е високо симболична и секој дел од неа има одредена важност втемелена во долгата традиција на слободното ѕидарство.
Така, ако ја прифатите еднаквоста, автоматски ја прифаќате и слободата, а слободата и еднаквоста природно водат до братството. Ова концептуално тројство коешто потекнува од убедувањата на масоните беше во основата на Француската револуција. Потоа е "позајмено" од Француската Република и ги претставува нејзините темелни вредности: "Слобода, еднаквост, братство!".
Потоа следува периодот на воената масонерија, со воените ложи за време на Наполеон. За Наполеон сe уште се поставува прашањето дали и тој самиот бил масон, но тоа не е јасно. Се знае дека неговите браќа биле масони, како и некои други негови поблиски роднини. Но, едно е сигурно: тој, како император, сакал да биде над масонеријата, па затоа самиот не се кажувал дали е масон, но го поставил целото свое семејство, браќата и братучедите, на чело на француската масонерија. Фактот дека тој ја стекнал контролата врз ложите има двоен ефект, позитивен и негативен. Негативниот е тој што сите принципи на масоните за еднаквоста, изразени и во Декларацијата за човековите права од 1793 година - дека секој човек е роден еднаков итн. - беа во извесна контрадикција со тоа што стана со масонството во практиката, бидејќи царот беше тој што се стави над масоните и ги контролираше. Но, позитивниот аспект е во тоа што каде и да одеше Наполеон со своите армии, основаше ложи. Имаше ложи во секоја од единиците, па кога војската ќе напуштеше некоја област, во неа остануваа локално иницираните слободно-ѕидарски ложи. Тоа беше мошне значајно за една голема експанзија на масонството низ цела Европа. Така создадените ложи не биле идеални, бидејќи врз нив стоел одреден авторитет, но низ нив сепак се ширеле генералните принципи на масонството, за слободата и еднаквоста меѓу луѓето.
Следниот важен период за масонеријата е времето меѓу двете светски војни, кога во Франција имало околу 40.000 масони. На крајот од Втората светска војна, по сите загинати во борбите, низ логорите или оние што едноставно исчезнале, бројот на масоните се свел на само 5.000. Од тој период датираат корените на тајноста на масонските здружувања, бидејќи пред тоа слободното ѕидарство не било тајна - слободните ѕидари не се криеле, туку, напротив, секоја масонска ложа имала и свој грб или знаме, па се правеле и јавни масонски дефилеа низ улиците, на чие чело биле истакнати грбовите и знамињата на ложите.
Европската политичка десница, фашистите, но подоцна и левицата, комунистите, беа против масоните, а Хитлер се закануваше дека тие, заедно со Евреите, ќе бидат едни од првите што тој ќе ги истреби...
Во триесеттите години од минатиот век, со растењето на нацизмот во Германија и сличните движења во Италија и Франција, се појавија жестоки притисоци врз масоните. Проблемите станаа особено сериозни со започнувањето на Втората светска војна. Така, на пример, во фашистички инсталираната влада во Франција беше донесена уредба според која државните чиновници и сите други вработени од државата - професори, лекари или работници - не смееја да бидат масони. Врз таа основа луѓето беа отпуштани од работа, па дури и судени. Од тоа време и од таквите трауми потекнува масонската тајна за припадност кон братството: секој масон можел за себе, доколку сака, да каже дека е масон, но не смеел да каже ниту за еден друг член на братството дали е масон или не. Тоа било почитување на слободата на другиот јавно да се произнесе за тоа дали е масон. Така е и денеска.
Значи, не можеме да дознаеме кои од познатите и славните луѓе се масони?
Не, тоа не можеме да го кажеме за живите членови на братството, но можеме за оние кои се починати. На пример, меѓу двете светски војни, една третина од Францускиот парламент го сочинуваа масони.
Што се случи со француската масонерија по Втората светска војна?
Еден од повоените новитети беше развојот на женското и мешаното, машко и женско масонство. Исто така, се разви недогматското масонство, за кое ви говорев на почетокот од овој разговор. Така, денеска од десет масонски братства во Франција со повеќе од 4.350 ложи и меѓу 130-150 илјади членови, девет се недогматски, а само едно е догматско (Големата национална ложа на Франција), кое ја следи традицијата на Големата обединета ложа на Англија каде што, за да се биде дел од братството, задолжително е верувањето во Бога. Големиот Ориент на Франција е најголемата голема ложа, со околу 45.000 членови и над 1.100 ложи во цела Франција и надвор од неа. Како што гледате, во изминатите неколку децении сe повеќе луѓе го менуваат својот став за масонеријата, што доведува до основање на нови масонски здруженија. Основните принципи се секогаш исти, но некои детали во ритуалите се различни или фактот што некои ги прифаќаат жените во масонството, а некои други не ги прифаќаат. Се разбира, како човечка тенденција, секое здружение настојува да тврди дека тие се повеќе во право од другите, што раѓа извесен ривалитет меѓу некои од големите ложи.
Ова ли е суштината на познатиот француско-англиски ривалитет во масонството?
Тоа е една од причините. Но, повеќе години наназад се развива една идеја дека потрагата по универзалното масонство не е добра насока во која треба да се оди. Новата идеја заговара дека секој со својот персоналитет, со својата култура и традиција е слободен да има сопствени уверувања за концептот на масонството и дека вистинскиот масонски пристап е да ги прифати концептите на другите, а не да ги наметнува своите. Се работи за еден масонски концепт на диверзитет и признавање.
Мошне толерантна идеја, би се рекло длабоко масонска?
Да. Знаете, над влезниот хол во нашиот храм во Париз, во Улицата на кадетите, истакнат е еден цитат од познатиот француски писател Антоан де Сент Егзипери - кој, патем, не бил масон - во кој се вели: "Брате мој, ако си различен од мене, наместо да ми наштетиш, ме збогатуваш!". Идејата за добри односи меѓу поединците, којашто се развива во последните години, сега се настојува да се примени не само меѓу личностите туку и меѓу цели братства. Денеска деветте недогматски масонски братства во Франција потпишаа една заедничка повелба во која се признаваат меѓусебно и изразуваат подготвеност за заедничка соработка, со тоа што секое од братствата ќе си ги задржи сопствените карактеристики. Единствено Големата национална ложа на Франција (ГНЛФ) засега ја одбива соработката, бидејќи зависи од ставот на Големата обединета ложа на Англија. Во овој случај главната, иако не единствена пречка за соработка, не е дали да се верува или не во Бога, туку дали тоа треба да биде услов, обезбеден со заколнување при иницијацијата, за да се биде масон. Ние мислиме дека секој е слободен да одбере дали ќе верува во Бога. Но, дури и ваквите недоразбирања попуштаат. На пример, за неколку месеци ќе ја прославуваме 275-годишнината на француската масонерија и ГНЛФ ја прифати поканата да учествува како гостин на нашата работна прослава.
Колку што ми е познато, постои и една друга разлика меѓу англиското и француското масонство: Англичаните се многу повеќе свртени кон добротворните активности од Французите.
Да, англосаксонската култура познава помалку државни ингеренции во областа на хуманитарноста и солидарноста, како и социјалните проблеми, додека во француската традиција државата многу повеќе е активна во тие сфери од животот. Низ вековите, тоа се пренело и во профилирањето на различната масонска практика кон ова прашање. Но, мора да знаете дека главната цел на масонеријата и во француската масонерија е подобрување на социјалната и материјалната основа на општеството.
Кои се врските меѓу масонеријата и политиката во модерното време? Масонското движење, барем на Балканот, но делумно и на Запад, сe уште се смета за некаква тајна организација за правење заговори и политички преврати. Со масонството во изминатите децении беа поврзани и неколку големи политички скандали, каков што беше оној со ложата П2 во Италија...
Вокацијата на масонството не е да се меша или да работи со политиката, туку да ги развива сопствените принципи - чесноста, праведноста, легалитетот, толеранцијата, добрата волја, солидарноста итн. - за кои се труди да бидат прифатени и употребени од оние кои се занимаваат со политика. Значи, не сме далеку од политиката, но не сме политичари. Кога ќе видиме дека некоја влада, каква и да е и која и да е, ги напуштила основните принципи за кои ние се залагаме, нашата улога е тоа јасно да го кажеме и да го објавиме.
Заседанијата на масонските ложи се затворени за јавноста. Дали политиката се дискутира на таквите заседанија? Што се случува со оние масони кои, истовремено, се и политичари?
Во масонеријата догмата е укината како таква, без разлика дали разговараме за политика, култура, филозофија, историја или гастрономија! И, се разбира, во ложите покрај политичари, лекари или обични работници - кои, за жал, ги има малку - седат и политичари. Нема табу-тема за дебата и сите можат да се вклучат во дискусијата. Во масонството не може да се говори кога се сака и како се сака, има правила за тоа и зборот мора да се побара и да се добие, но забранети теми или личности нема. Таквата дисциплина два можност сите да се искажат и да бидат чуени. Во ложата, доколку говорите за политика, но и воопшто, дозволено ви е да изразите какво сакате мислење, освен ако е нетолерантно спрема други идеи или луѓе. Во ложата не смее да има полемика или борба, дури и на ниво на зборови: вие ќе кажете што мислите, друг ќе каже што мисли, но не смеете да се обидувате на другиот да му кажете дека не треба да мисли како што мисли. Впрочем, целата етикеција во ложите не се одвива директно меѓу масоните, туку оди преку обраќања до претседавачот, почитуваниот првомајстор. Слично како во Британскиот парламент, каде што сите обраќања на пратениците се насочени кон спикерот на парламентот, па дури и кога се водат жестоки полемики со други пратеници.
Постојат ли одлуки што морат да се почитуват?
Целта на масонството е да се слушнат поинакви мислења, а не да се слуша нечија наредба. Доколку она што ќе го слушнете промени нешто во вашето размислување или чувства, тогаш во ред; ако не - никому ништо. Значи, единствениот реален ефект на масонеријата врз политичарите-масони е во тоа што сите принципиелни правила на масонството важат и за политичарот-масон. Според тоа, ако тој е вистински масон, нема да може и во приватниот и во професионалниот живот да прави ништо спротивно на толерантноста, чесноста, праведноста... Нема друга директна врска меѓу слободното масонство и политиката.
Сепак, како одговарате на сомневањата за вашата тајност и мистериозност?
Постојат два аспекти на одговорот на ова прашање. Првиот, дека од историски причини за кој зборував треба да бидете внимателен да не објавувате дека сте член на масонството.
Вториот аспект е поделикатен за објаснување. Слободното ѕидарство, имено, е ред со иницијација, со одреден ритуал и церемонија за посветување. Кај секој масон се работи за прогрес што го одбележуваат различни нивоа на осознавање, различни "клучеви" со кои одите во следниот круг на посветеност. Таквиот прогресивен процес не е резултат на научени лекции, а "клучевите" не одразуваат одредено учење на некои правила. Значи, не се работи за учење на знаење во традиционална смисла на зборот, со одредена школска програма, скрипти и испити по секоја наставна единица, туку за внатрешно растење, самоосознавање коешто не зависи дури ни од вашето претходно формално образование. Сите почнуваат од таму од каде што се, од нив само се бара напор да ги подобрат сопствените потенцијали, сопствениот прогрес. Кога ложата ќе заклучи дека некој доволно напредувал во сопственото саморастење, тогаш тој напредува во својот статус во ложата. На секое ново ниво ве чекаат нови масонски симболи за кои морате да размислувате и внатрешно да раснете, односно да се продлабочува вашата мисла. Впрочем, симболите секој ги проживува на различен, сопствен начин. Тоа искуство дури не може ни да се опише со зборови. Затоа таа "тајна" е внатрешна за секој масон.
На тајновитоста се надоврзува и цврстото масонско правило еден брат да не смее да посочи никого жив како масон. Дали некој сака тоа да му го соопшти на светот, зависи само од него самиот.
Тогаш, како може да се стане масон? Постои едно општо мислење дека треба да сте богат или влијателен - а најдобро и двете - за да бидете масон...
Точно, постои една таква предрасуда. Знаете, еден ден пред многу години, додека сe уште беше на училишна возраст, син ми доаѓа од училиште и возбудено ми вели: "Ах, татко, па јас не сум знаел дека си богат и моќен!". "Од каде такво нешто сега?", го прашувам него, а тој ми вели, "Па, наставничката вели дека масоните се богати и моќни луѓе!"... Ха-ха-ха... Сепак, има еден дел од вистината во тоа, ако се земе предвид дека раните ложи во историјата биле раководени од аристократи, а еден Наполеон дури ги постави сите свои роднини на такви позиции.
Денеска има два начини да станете масон. Прво, ако некој масон забележи дека имате квалитети да станете дел од братството, дека сте толерантен, воздржан, чесен и сл., тогаш тој може да ви пријде и, доколку сакате, да ве препорача за масонството. Второ, ние секој месец добиваме десетици писма од цела Франција и пошироко од луѓе кои дознале нешто за масонството и кои сакаат да станат масони. Нашата адреса е позната - 16, rue Cadet, 75439 Paris cedex 09 - и разни луѓе ни се обраќаат со такви писма. Секретаријатот на Големата ложа гледа на кој регион му припаѓа заинтересираниот и ги испраќа неговите податоци на регионалниот делегат кој потоа ја продолжува процедурата за прием. Таа процедура е компликувана: со кандидатот разговараат тројца браќа, кои меѓу себе не знаат кои се другите двајца што се вклучени во интервјуата, на различни теми (едниот за семејната и професионалната состојба на кандидатот; вториот за политичките и други убедувања на кандидатот; третиот за неговите филозофско-верски ставови). Тие поднесуваат три писмени извештаи со препорака или одбивање. Доколку кандидатот ја помине оваа фаза, Мајсторот на одговарачката ложа прави досие за кандидатот (во кое има и документ за тоа дали кандидатот е осудуван итн.) и кандидатот - со врзани очи! - се доведува на понатамошно испитување пред целата ложа. Таму одговара на најразлични прашања поставени усно или писмено, преку Мајсторот, на браќата масони. Потоа кандидатот ја напушта ложата, а следува гласање за негово примање во масонството на степен на ученик. Според одредена формула, и многу малку гласови против од браќата кои не се убедени дека кандидатот ги исполнува критериумите за членство оневозможуваат некој да биде примен во братството на слободните ѕидари.
Во Големиот Ориент на Франција ложите се само машки?
Да.
Што е со женските ложи?
Големиот Ориент без проблем ги признава женските или мешаните ложи и фактот дека жените се вистински масони, иако самите не иницираме жени во братството.
___________________________________________________________
Јас мислам дека оној кој се интересира за масонството, а прв пат се среќава со нив.. еве овој текст најубаво илустрира “кои се тие“. Ова сум го читал пред 2-3 години и ден денес го памтам. Ако не го најдев ќе ви го прераскажував