Ватерполистите во Грција по второ ЕП
Единствено лоша среќа или непредвидени околности, како повреди, може да не' спречат да се пласираме на едно од првите две места во групата, кои водат на ЕП во Загреб што се игра во август и во септември
Оптимизам владее во таборот на македонската ватерполо-репрезентација пред денешното заминување за Грција, каде што утре почнува квалификацискиот турнир за пласман на ЕП во Хрватска 2010. Единствено лоша среќа или непредвидени околности, како повреди, може да не' спречат да се пласираме на едно од првите две места во групата, кои водат на ЕП во Загреб што се игра во август и во септември.
- Имаме тим од зрели, квалитетни играчи кои имаат сила да ја однесат Македонија на ЕП, вторпат во низа. Во групата има солидни репрезентации кои се далеку од наивен противник. Но, веруваме во нашите сили - вели селекторот Стеван Нонковиќ.
Македонија утре игра со домаќинот Грција, в сабота со Франција, а в недела со Словенија. Според селекторот, распоредот е за нас одличен. Грција се смета за апсолутен фаворит за првото место, поради квалитетот и поради тоа што игра дома. Македонија со останатите две селекции ќе се бори за второто место, кое води во Хрватска.
Денеска попладне нашата репрезентација ќе пристигне во Волос, каде што ќе се игра турнирот. Вечерва нашиот тим ќе има тренинг, а ќе одржи тренинг и утре наутро, уочи мечот со Грција.
- Двата тренинга ни се многу потребни пред турнирот. Се игра на отворен базен, а битно е тимот да се навикне на овие услови - вели Нонковиќ. Играчите своите клупски мечеви ги играа во затворени базени, а се подготвуваат три дена во Скопје, на „Олимпискиот базен“. Завчера нашиот тим, поделен во два дела, одигра еден натпревар меѓу себе.
- Немавме вистински контролки пред турнирот, но тоа не е голем проблем. Играчите се познаваат меѓу себе, зашто сезонава играат заедно во Светската лига, а до последниот момент имаа и клупски натпревари - вели Нонковиќ. Селекторот завчера го објави потесниот список на репрезентацијата со 15 играчи.
- Сите играчи на кои сметав се тука, тимот изгледа одлично. Ватерполистите се желни да играат и да ја однесат Македонија на ЕП - вели Нонковиќ.
Според него, покрај нашите мечеви, многу важен и интересен за нас ќе биде првиот меч на турнирот, утре, меѓу Франција и Словенија.
- Словенците имаат тим што може да изненади и никако не смееме да го сметаме за аутсајдер. Ниедна репрезентација на турниров не е аутсајдер. Тие силно ќе ја нападнат Франција и не би сакал да сум во кожата на „триколорите“ на тој прв меч. Ќе биде интересен исходот, а ќе може многу да научиме за нашите главни противници кога ќе ја гледаме - вели Нонковиќ.
Турнирот во Волос се смета за врв на сезоната за македонскиот тим. Македонија сака да го задржи континуитетот настапи на големи натпревари. На ЕП во Малага во 2008 година бевме на 8. место, а на Светското првенство во Рим во 2009 година се пласиравме на 13. место. пласиравме на 13. место.
Составот спој на искуство и младост
На квалификацискиот турнир во Волос, од 15 пријавени ватерполисти, петмина се од Работнички, а другите се интернационалци.
Голмани: Перчиниќ (Јадран Херцег Нови), Јаневски (Работнички). Бекови: Петровиќ, капитен (ВК Ниш), Димовски (Работнички), А. Белев (Работнички). Центри: Бениќ (Штурм 2002), Делаш (Лацио), Милановиќ (Работнички). Надворешни: Кречковиќ (Работнички), Бркиќ (Шибеник), Крстоношиќ (Рома), Босанчиќ (ВК Ниш), Рачуница (Шибеник), Латковиќ (Ниш), Вуксановиќ (Патра).
дневник.ком.мк
Очекувам две победи и тоа против Франција и Словенија, а зошто да не и против домаќинот Грција, али реално гледано на работите Франција и Словенија би требало да ги совладаме и со самото тоа да се пласираме на ЕП во Хрватска(Август 29)