ПО УБИСТВОТО НА ПОЛИЦИСКИОТ КОМАНДИР КАЈ ВАКСИНЦЕ
Фатмир Асани ги лечел ранетите напаѓачи
Јас направив посмртница за Скендер Халили и побарав увид од истражен судија, вели Асани, лекар и поранешен пратеник на ДПА
Поранешниот пратеник на ДПА, лекарот Фатмир Асани од Слупчане, прв бил повикан да ги санира повредите на ранетите напаѓачи, кои завчера во престрелка кај Ваксинце убија полициски командир. Тој тврди дека лично ја утврдил смртта на Скендер Халили, брат на Заим Халили, познат како командант Туши.
Вчера немаше информација за здравствената состојба на Заим Халили, кој, ранет во престрелката, избега на Косово, а завчера беше уапсен и опериран во болницата во Приштина.
Асани прв му укажал помош и на тешко ранетиот Заим.
- Околу 1 часот во понеделникот на мобилен телефон ме побараа од непознат број и ми побараа лекарска помош за повредените кај Ваксинце. Веднаш отидов и пред селото видов полициска „лада нива“. Прашав дали некој е повреден, но немаше одговор. Во и околу возилото немаше никој, а дваесетина метри подалеку имаше многу крв - раскажува Асани.
Тој продолжил кон куќата што му била посочена во телефонскиот разговор, каде што му укажал помош на Заим Халили.
- Многу крвавеше. Беше погоден со десет-петнаесет куршуми во стомакот, раката и во ногата. Го подзапрев крвавењето и му реков да оди во кумановската болница оти ќе искрвави до смрт. Ми рече дека во соседната соба лежи ранет брат му - вели лекарот.
Во соседната соба Асани само утврдил дека Скендер е веќе мртов. Според лекарот, загинатиот имал седум-осум влезни рани во грбот.
Асани вели дека направил посмртница за Скендер и побарал истражен судија да направи увид. Истражните органи вчера ни изјавија дека досега не добиле никакво официјално известување оти двајцата ранети починале.
И официјално МВР и полициски извори на „Дневник“ вчера повторно тврдеа дека инцидентот се случил при вообичаена патрола, а не во акција за апсење, како што се шпекулира. Никој не објасни зошто командирот Халили од претпоставените во СВР Куманово побарал две возила за поддршка во патролата.
Според полицијата, во патролата биле само командирот Халили, полицаец од неговата станица и еден припадник на „алфите“, кој му бил придодаден на персоналот на станицата во Матејче.
По престрелката, некој од луѓето на Туши се јавил кај пријател во косовското погранично село Жегра, кое е на неколку километри од Табановце, и го известил оти ќе му донесе ранет. Во 3.30 часот, Косовецот се јавил во станицата „Шурдан“ на Косовската полициска служба и побарал лекарска помош и полициска патрола. Косовските полицајци и медицинска екипа го прифатиле Халили во селото, му извршиле медицински преглед и веднаш го однесле во Приштина. Халили бил донесен од Македонија со џип „сузуки“, но јатакот, кој го познавал ранетиот, не ги идентификувал ниту возачот ниту лицето што по телефон го известило за инцидентот.