Се е јасно околу полагањето на државната матура, велат директорите и педагозите од средните училишта од државава, кои денеска сепак дојдоа во Скопје на презентацијата на концептот за последниот испит на средношколците.
„Директорот ми рече дека сме повикани од страна на министерот, не знам точно зошто сме повикани. Не знаев и дека ова е презентација на концепцијата што веќе ни е позната“, изјави Анета Ристевска, педагог во економско училиште во Битола.
„Учениците се запознати од мај месец, од трета година и подготвени за матурски испит. Го знаат ова многу добро“, рече Кемал Ајдини, педагог во „Зеф Љуш Марку“.
„Имаше одредени нејаснотии и прашања на коишто имаше целосен или делумен одговор, меѓутоа бевме запознати, добивме материјали“, вели Ленче Мариновска, педагог во „Михајло Пупин“.
Но, зад камерите повеќето од директорите и педагозите признаваат дека годинава не треба да се полага матура, затоа што средношколците не се подготвени. Велат и дека во испитните прашања има содржини кои учениците не ги учеле.
За да не останело нешто нејасно околу матурата, од Министерството за образование велат дека ќе отворале канцеларии за информации во средните училишта.
„Ако станува збор за дезинформации, верувам дека тоа се инцидентни случаи, да ги отстраниме. Токму во таа насока се предвидува во училиштата да се отворат канцеларии за информации во врска со државната матура коишто ќе бидат отворени за наставниците, односно за професорите, за учениците и за родителите“, изјави Перо Стојановски, државен секретар во Министерство за образование.
„Протестите дадоа еден сигнал дека не е доволно. Со тие канцеларии ќе вклучиме уште повеќе колеги, со информации за ученици, за родители“, рече Горица Илиоска, Здружение на средни училилишта.
Матурата ќе се полага на крајот на јуни, а средношколците имаат рок од јануари до март да решат дали ќе полагаат државна матура, која е услов за упис на факултет.
Средношколците од речиси сите градови два дена протестираа против полагањето на матурскиот испит. Викендов ќе решат дали и натаму ќе останат на улиците или ќе се вратат во училишните клупи.
Што не е јасно овде ?