Во историјата на човечката цивилизација никаде, ама баш никаде не е забележан пример каде што вреден и чесен народ имал мрзлива и нечесна власт. Патем, и обратното важи. Не е забележано вредна и чесна власт кај мрзлив и нечесен народ.
Кажаново ништо друго не значи освен познатата изрека:
КАКОВ НАРОД ТАКВА ВЛАСТ!!!
Ниеден дискутант го нема спомнато ова, можеби бидејки така секој од нас има директна или индиректна одговорност за денешнава состојба.
Од друга страна, нашата специфика укажува на тоа што ние никогаш во нашата историја сме немале избор за тоа каква ќе ни била власта врз нас. Првин, окупатори рој. Откако ги избркавме окупаторите, социјализам. Што сакате повеќе?
Едни окупатори ќе дојдат под плаштот на ослободување и подобрување на животот на македонското население. Ќе создадат сервилна аристократија која ќе им помогне да владее со населението.
Потоа под исти премиси на ослободување и подобрување на животот на народот ќе дојде друг окупатор. Сервилната аристократија на претходните ја малтретираат, осудуваат и омаловажуваат, односно ја тргнуваат од нивните привилегирани позиции, а си прават своја нова сервилна аристократија која ќе им помогне во владеењето со нас.
Слободно можете да си бирате кој окупатор бил првиот, а кој следниот помеѓу северниот и источниот ни сосед.
Се вели дека ако човек не ја памети (разбере) историјата осуден е да ја повтори.
Исто така, покрај тоа што нашите политички партии се декларираат како левица и десница нивното владеење, кога се на власт, воопшто не покажува елементи на нивната политичка филозофија. Двете партии се заштитници на крупниот капитал и колективистички го уредуваат општеството. Ниту има слобода и индивидуализам кога десните се на власт, ниту пак има социјална правда кога се левите на власт.
Слободно може да се каже дека која било партија во Македонија е најпрвин сконцентрирана на стекнување на власта само да ја поседува можноста да го контролира најголемото купче на пари во нашето општество, буџетот. За да ја имаат можноста да си играат моќници и да уживаат во вниманието кое го добиваат од полтроните кои како кученца се врткаат околу нив надевајки се на фрлено коскиче.
Власта во Македонија е премногу моќна бидејки има можност на едни да дава, а на други да им ускратува!!! Ваквата моќ секогаш е причина за жестока спротивставеност помеѓу различни табори со различни интереси. Патем моќта расипува, а апсолутната моќ апсолутно расипува, нели?
Ние, народот и` ја даваме таа моќ бидејки постои мноштво кое побарува привилегија наместо слободна потрага по сопствената среќа.
Значи, како и да се вртиш газот ти е од позади. Секој од нас сепак директно или индиректно е виновен за состојбава.