Еве ја целата статија:
iPhone, револуција или маркетингшки трик?
Само неколку дена пред официјалното лансирање (29 јуни) на долго очекуваниот iPhone, Apple на својата веб страна објави 25-минутно демо кое ги презентира “историските“ функции и можности кои според Apple за прв пат се појавуваат на еден мобилен телефон. Но дали е тоа навистина така?
Пишува: Митко Цабевски
(telefoni.com.mk)
Прво што ќе приметите кај iPhone се неговите навистина скромни технички карактеристики кои веќе долго време се стандард за мобилните телефони од средната па дури и средно-ниската класа кај поновите модели. Но, да почнеме од почеток, што е добро кај iPhone? Има навистина “cool“ мултитач дисплеј осетлив на допир и одличен симплифициран графички ориентиран кориснички интерфејс, нешто по што се познати производите на Apple и на што се должи нивниот успех. Само сетете се на iPod. Кога ќе прашате некој корисник или фан на производите на Apple зошто токму Apple и што е толку фасцинирачко кај нивните продукти, најчестиот одговор е: едноставно работи. Токму оваа фраза е темелот на целата Apple филозофија. Истото важи и за нивните компјутери, меѓутоа ретко кој се запрашува зошто едноставно работи? Дали причина е затворениот екосистем, сопствениот хардвер, оперативен систем кој не треба да се справува со илјадници драјвери и илјадници хардвер елементи како Microsoft, малата јузер група која сеуште не е интересна за хакерите и вирус програмерите...листата продолжува. Секако истиот принцип се применува и кај iPhone - затворен систем кој само во одредена мера исклучиво преку Сафари пребарувачот во вид на веб гаџети ќе дозволува имплементација на нови можности и “инсталирање“ дополнителни веб програмчиња што во крајна линија го блокира моментот на “паметен телефон“ кој треба да се развива и ги прати потребите на својот сопственик.
Но да се вратиме на легендарниот “мултитач“ дисплеј.
Имено, мултитач дисплејот кој во основа е обичен екран осетлив на допир што поддржува повеќекратни допри, е нешто што долго време е стандард и веќе видено на подобрите PDA уреди. Вториот важен момент е корисничкиот интерфејс. Токму интерфејсот е брилијантната и единствената карактеристика која заслужува пофалба. Одлично спакуван со одмерена доза на "eye candy" таман доволно за да го импресионира просечниот корисник.
Според последните анкети во САД, нивните просечни корисници или како што тие ги нарекуваат " Average Joe" во огромен процент немале поим дека од мобилен телефон може да се сурфа на интернет или да се користи електронска пошта. Овие корисници во комбинација со Apple фановите и неминовните помодари ќе го направат iPhone урбана легенда и нешто што едноставно мора да се има исто како и iPod плеерот.
Бидејќи ги споменавме двете карактеристики кои заслужуваат пофалба останува да ги разгледаме негативните работи. И повторно одличен потег на Apple. Едноставно нема голем простор за критика бидејќи
iPhone е само обичен телефон со вграден iPod. Нема нови технологии, нема напреден оперативен систем кој допрва треба да се тестира и да се развива, нема 3G, нема GPS, во крајна линија нема што да се критикува ако нешто не постои. Камерата која во нивниот маркетинг воопшто и не се споменува е со подпросечен квалитет како и останатите хардверски карактеристики. Едноставност, едноставност и само едноставност. Секое разгледување и рецензија на iPhone завршува тука, бидејќи нема што да се разгледува, опишува или критизира.
Имајќи го во предвид горе наведеното се поставува прашањето што е тогаш толку револуционерно кај iPhone? Одоговорот е заведувачки и фалш маркетинг.
Велат дека iPhone го има најдобриот e-mail, интернет пребарување и мапи во историјата на мобилните телефони. Се прашувам дали е ова некоја шега? Секако, Сафари пребарувачот е добар, меѓутоа во никој случај не е револуција ( зарем т.н. bookmarks треба да ја потресат мобилната индустрија?). Повеќето денешни телефони ја имаат оваа функција со години. iPhone доаѓа со поддршка за Yahoo mail, Gmail итн. повторно функција која долго време е стандард кај останатите мобилни телефони. Веројатно email-от стигнат на iPhone е револуционерно поразличен од email-от на било кој друг мобилен телефон.
Наредна “фантастична“ можност е Google пребарувањето. Сметам дека ова не ни заслужува коментар бидејќи е смешно колку една основна карактеристика дури и за телефоните од ниската класа се рекламира како нешто невидено до сега. Целиот заведувачки и дезинформирачки маркетинг брилира со Google Maps. Замислете телефон кој нема GPS, нема ниту мрежна GSM триангулација, со “наместено“ демо се рекламира како уред кој ќе ви помогне да се снајдете низ сообраќајниот метеж или да стигнете до некоја дестинација. Евтин маркетингшки трик кој може скапо да ги чини кога купувачите ќе сватат дека се измамени.
Наредно што сакам да издвојам се функциите кои треба да ги убедат купувачите дека станува збор за најдобриот телефон до сега. Изворно преведени од демо презентацијата каде што се претставуваат како револуција во мобилната индустрија:
1. iPhone доаѓа со стерео слушалки и вграден микрофон. Копчето на слушалките овозможува да одговорите на повик додека слушате музика.
2. Ако некој ви ѕвони додека слушате музика, гласноста ќе се намали и паузира за подоцна да продолжи кога ќе завршите со разговорот.
3. iPhone може да се заклучи со притискање на Sleep/Wake копчето. Кога е заклучен може да прима повици.
4. За комплетно да се исклучи телефонот треба да се притисне Sleep/Wake копчето неколку секунди.
5. Може да се менуваат броевите кој најчесто ги бирате
6. Визуелна говорна пошта
7. Ако некој ви заѕвони додека зборувате може да го игнорирате повикот, да одговорите додека првиот повик е на чекање или да направите конференциска врска.
8. Фотографиите може да се користат како позадина, испраќаат по email, или да се доделат на некој контакт.
9. Притискањето на некој телефонски број во email порака го повикува тој број.
10. iPhone може да се користи во т.н. Flight Mode.
11. iPhone доаѓа со преинсталирани рингтонови.
Ако до сега не сте користеле мобилен телефон веројатно овие можности и ќе ви изгледаат револуционерни.
Како и да е, iPhone ќе биде голем хит оваа година и веројатно ќе се продава во огромни количини. Единствената позитивна работа што ја очекувам од популарноста на iPhone е информирањето на просечниот корисник дека мобилните телефони може да се користат и за други работи покрај телефонирањето, а со тоа ќе се зголеми општата свест и перцепција на мобилниот телефон како мултифункционален уред. Исто така неминовно ќе ја протресе конкуренцијата да размислува поинаку во однос на корисничкиот интерфеј и дизајн а веројатно ќе покрене и лавина нови модели во наредниов период.
Редиците пред продажните салони на Apple и AT&T веќе се формираат, илјадници луѓе ќе се постројат за да го купат својот дел од “револуцијата“ а “професионалните чекачи“ задоволно ги тријат рацете. iPhone манијата започна.