До контролниот меч со Црна Гора треба да расчистам две-три дилеми за кандидатите што се на поширокиот список, вели Јонуз
„За тие што нема да играат во своите клубови ќе нема место во репрезентацијата“, гласно и јасно го истакнува првиот и главен услов за да се биде во најдобриот фудбалски тим, селекторот Мирсад Јонуз, во новиот квалификациски циклус за ЕП 2012, кое ќе почне од септември. Идниот викенд (7 февруари) во Варшава ќе биде ждрепката за квалификациските групи. Македонија е сместена во четвртиот рејтинг-барабан. Македонскиот фудбалски селектор Јонуз деновиве будно ги следи преселбите и статусот на репрезентативците во нивните клубови.
- До контролниот дуел со Црна Гора закажан за 3 март треба да расчистам две-три дилеми и да знам на кого ќе можам да сметат во натпреварувањето што ни претстои, а во кое имаме цел да направиме чекор напред. Времето на создавање тим е минато, ни требаат резултати. На Роберт Попов му пружив шанса да се врати во репрезентацијата и му кажав дека ако не игра во сегашниот или не најде нов клуб пролетва, нема да добие друга шанса. Шумуликоски е во немилост и треба да се избори за својот стандарден статуст, вели Јонуз, кој пак не го крие задоволството што лидерот во репрезентацијата и прв стрелец Горан Пандев се врати на терените по принудната пауза, на голема врата.
Во очекување поволни вести и за другите кандидати од поширокиот список, селекторот анализира и бара алтернативни решенија за позициите за кои смета дека конкуренцијата треба да биде засилена.
- За таа цел деновиве имам намера да скокнам до Белград и да разговарам лично со Александар Тодоровски, играч на Рад. Добро е што Владе Лазаревски заврши работа во Риека, а младиот Александар Лазевски полека се наметнува за враќање во тимот на Партизан. Ќе ни требаат играчи што играат и се во натпреварувачка форма, а не само да тренираат. Ако не биде така, ќе биде многу тешко за сите, додава селекторот.
Dnevnik