Се заострува битката за освојување корисници на телекомуникацискиот пазар. Кабелскиот оператор „Кејблтел“ за граѓаните нуди нов пакет - дигитална телевизија, брз интернет и фиксна телефонија.
Ваквата понуда „Кејблтел“ на пазарот ја лансира по една година откако почна да работи во Македонија.
„Ќе можат од „Кејблтел“ да користат услуги на трипл плеј пакет - телевизија, интернет и телефонија, а со телефонијата ќе користат и видео-конференција, односно меѓу себе ќе може да се гледаат на екраните на телевизорите“, изјави Стојан Ѓорѓоски, менаџер на „Кејблтел“ за Македонија.
Овој пакет целосно ќе почне да функционира од септември. Во меѓувреме, се инсталира телефонската опрема, се комплетира логистичката поддршка.
Цените, велат од „Кејблтел“, ќе бидат прифатливи за корисниците.
„Како пакет - телефонија, интернет и телевизија од 1.200 денара или популарно 20-ина евра, што е во рангот на сите регионални нормативи во коишто се движат цените“, рече Горан Поповски, директор за продажба.
Конкуренција во фиксната телефонија најави и „Онтел“, кој веќе важи за втор фиксен оператор што ќе му парира на „Телеком“.
Либерализацијата во овој сектор се одвива бавно поради скапата интерконекција што ја нуди „Мактел“.