ТЕМНАТА СТРАНА НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ
Стерилност, канцер и инфаркт - високата цена на допингот
Агресивност, атрофирани тестиси и стерилитет, рак на простатата и инфаркт е високата цена на допингот што ја плаќаат професионалните спортисти и рекреативци во желба за добра фигура филувана со огромни мускули. Во недостиг на законска регулатива, голем број млади лица и спортисти користат анаболички стероиди и други допинг-средства, загрозувајќи го своето здравје.
Анаболиците се наменети за лекување на болести, но лицата што се допингуваат ги злоупотребуваат, несвесни за последиците што следат од користење на допингот. Стероидите најмногу ги користат бодибилдерите, кои допингот го набавуваат во фитнес и бодибилдинг-клубовите во кои вежбаат.
Полицијата не знае колкав е бројот на лица вклучени во црниот круг на допингот бидејќи анаболиците и другите супстанции не се на забранетата листа на дроги.
Допинг-средствата во Македонија се набавуваат од Бугарија, каде што постојат најголем број тајни лаборатории за производство на стероиди во регионот, од СЦГ и од Албанија, а ги има и во аптеките, кои легално ги продаваат, но за сосема друга намена.
Корисниците (НЕ)СВЕСНИ ЗА ПОСЛЕДИЦИТЕ
- Почнав да вежбам пред четири години. Мислев дека со нормална исхрана ќе ја зголемам мускулната маса и силата. Не бев задоволен од темпото со кое се "развивав". Знаев дека голем број билдери се допингуваат па решив и јас да пробам. Почнав со "дијанабол" или "метан", како што го викаме. Тоа е еден од најкористените стероиди и е во форма на таблети. "
Метанот" ми го препорача дилерот со кој вежбавме во теретаната. За два месеца "нафрлав" десет килограми чисти мускули - раскажува скопјанецот Б. М.(26), вработен во една од агенциите за обезбедување.
Билдерите што користат стероиди велат дека дилерите не им ги кажуваат штетните последици од користење на "дијанаболот" и од другите допинг-средства. Само едно апче "дијанабол" кај лица што прележале жолтица може да биде кобно за црниот дроб.
- Сум слушал дека допингот е опасен по здравјето, но мислам дека нема ништо да ми се случи. Пред една година преминав на "болдабол", за кој дилерот ми препорача да го земам со шприц, преку инјектирање во задникот. Првите неколку дена ме болеше главата, но набрзо телото ми се навикна - завршува со приказната Б.М.
Во светот постојат повеќе од 100 вида анаболички стероиди. Дел од нив се земаат орално, други се инјектираат во телото интрамскуларно, а преостанатите се во вид на гел или крем што се втрива во кожата. Тие можат да се набават во аптеките - легално со рецепт и нелегално, а другите се произведуваат во тајни лаборатории.
Смртоносни коктели
од стероиди и хормони за бикови
Дозите што ги злоупотребуваат рекреативците и спортистите се од 10 до 100 пати поголеми од тие што се користат за медицински намени.
Анаболички стероиди е заедничко име за синтетичките супстанции што се поврзани со
тестостеронот - машкиот полов хормон, и истите предизвикуваат два вида ефекти. Првите се
анаболички - го поттикнуваат растот на телесната мускулатура без масно ткиво, а вторите се
андрогени - го поттикнуваат развојот на секундарните машки карактеристики: влакнавост, длабок глас, рапава кожа и слично. Лекарите предупредуваат дека, поради токсичноста, стероидите предизвикуваат сериозни оштетувања на органите, канцер и смрт на корисниците на допинг.
Користењето анаболици во поголеми количества предизвикува
претворање на тестостеронот во женскиот хормон естроген кај мажите, а кај жените машки карактеристики. Анаболичките стероиди влијаат и врз психичката состојба.
Тие ги задржуваат водата и солта во телото и на тој начин предизвикуваат висок крвен притисок, промена во расположението и нарушување на сонот. Лицата што поради допингувањето станале понервозни, стануваат склони кон алкохолот, марихуаната и "екстази", но и кон насилство.
Во Хрватска последниве месеци се забележани случаи кога спортисти се допингувале со коктели од "дијанабол" и ветеринарски хормони што им се даваат на коњи и на бикови за приплод. Тие го мешале "дијанаболот" и со лекови против ракот на дојки. Користење на такви ветеринарски препарати е смртоносно бидејќи може да предизвика анафилактички шокови.
- Пред десет години "теретаните" беа полни со вежбачи што користеа "
хемија" за да изгледаат кул во скопската шема. Се допингуваа и многу улични баскетчии. Не се претеруваше со допингот. Денеска е поинаку. Се допингуваат и малолетници. "Горилите" од агенциите за обезбедување
стават во себе се и сешто за да изгледаат пострашно - раскажува Александар Т., долгогодишен скопски билдер.
http://star.dnevnik.com.mk/?pBroj=3010&stID=74932