Отпишаниот Пелистер изненади во Скопје
Победата на Пелистер од 2-1 на гостувањето кај Работнички е најголемото изненадување во 25. коло, но и во досегашниот дел од фудбалската сезона во Првата лига. Битолчани немаа освоено ниту бод на гостувањата во првенството. По победата во градското дерби против Вардар минатото коло, се чинеше дека Работнички конечно се најде на посакуваниот колосек, но така не мислеше убедливо последнопласираниот противник, кој пред овој дуел имаше четири порази во низа и само три победи во целата сезона. На Работнички не им помогна ниту брзото водство со голот на најдобриот стрелец во лигата, Борче Маневски, во 9 минута. Бујчевски во 23 минута погоди за 1-1, а пресвртот го приреди Симоновски во 80. минута.
- Противникот беше потценет, но и нам не ни досудија пенал за 2-0 што може добро да се види и на видеото што кружи на интернет. При 1-1 игравме со четири напаѓачи, но ни се случи една контра од страна на противникот, а потоа беше тешко да се израмни - вели стрелецот Маневски.
Раководството на поразената екипа за денеска најави состанок на кој ќе се расправа за евентуалните казни, но и за други одлуки во врска со последниот резултат на трикратниот првак.
извор
Работнички нокаутиран од „фенерџијата“
Пелистер, кој е веќе со една нога во Втора лига, го победи големиот фаворит среде Скопје со 2:1
Миодраг Мицковиќ
По се' изгледа минаа оние времиња во првенството на Македонија кога домашниот терен претставуваше голема предност и кога на прсти можеа да се набројат победите на гостинските екипи. Денес победите на гостите веќе не се толку големи изненадувања бидејќи е осетно поголем квалитетот на судењето и слободно може да се каже дека судењето е најсветлата точка во овој наш катастрофално слаб фудбал.
Но, и покрај се' сепак двата саботни резултати беа големи изненадувања, особено победата на веќе отпишаниот прволигаш Пелистер во мечот со големиот фаворит Работнички на арената „Филип Втори“ во Скопје. Не веруваме дека и најголемите оптимисти меѓу навивачите на Пелистер очекуваа дека нивниот миленик ќе го нокаутира Работнички и тоа среде Скопје. Но, за жал, „романтичарите“ тоа и се случи. Растоварени од секакви калкулации во битката за опстанок бидејќи практично иако во фудбалот се' е можно им нема веќе спас во прволигашкото друштво, играчите на Пелистер се надминаа себеси и ги оправдаа своите навестувања дека до крајот на шампионатот ќе играат чесно како ништо да не се случува и како да не се во Втората лига. За разлика од нив, Работнички, за кого се мислеше дека ја минува кризата по минатонеделната убедлива победа над Вардар повторно се посрамоти. Овој неочекуван пораз уште повеќе му ги намали шансите за излез во Европа. Нешто навистина се случува со овој клуб. Играчите се навреме исплатени, социјално и здравствено осигурани, ги имаат сите услови на добро организиран клуб, но не оди па не оди, не помогна дури ни смената на довчерашниот тренер Влатко Костов.
извор
После долго време да се прочита нешто убаво(резултатски) во весниците за нашиот клуб