Пелистер чекор до Втора лига
Новиот тренер Алексо Мацков верува дека неговиот клуб ќе се спаси од испаѓање
Миодраг Мицковиќ
Љубителите на фудбалот во Битола се оправдано загрижени за судбината на својот миленик Пелистер кој по неделното прво пролетно прволигашко коло се најде на последното место на табелата со само 15 бодови. Имаат и право бидејќи се' уште се сеќаваат на оние тажни второлигашки години кога Пелистер со тешка мака успеа да се врати во прволигашкото друштво во кое последниве години секогаш се наоѓаше во горниот дел на табелата. Меѓутоа, големите проблеми што ги имаше клубот пред почетокот на годинашново првенство кога Тони Мицевски и Митко Стојковски си заминаа, кога беше сменет и тренерот Неџад Хусеин, дојде до извесна стагнација која се обидува да ја поправи новиот претседател Круме Волнаров, но сето тоа тешко оди бидејќи Пелистер се бори и со финансиски проблеми. Инаку, за потсетување, на крајот од минатогодишната сезона, Пелистер беше трет и играше во Купот на УЕФА.
На стартот на пролетниот дел битолчани останаа без двајца свои најдобри играчи, Бразилците Миранда и Жуниор, си замина и Степановски (Ренова), Момировски (Победа) и Тодоровски во Шкендија кои беа клучни играчи во тимот на битолскиот прволигаш. За новата сезона во клубот се вратија Рутевски и Талевски, дојде Бразилецот Де Соуза, Србинот Јандриќ и новиот тренер Алексо Мацков ќе се обиде да го спаси Пелистер од најлошото, од испаѓањето од Првата лига.
„Јас не се плашам од испаѓањето од Лигата, мене ме загрижува единствено големата неефикасност на мојот тим што го пројави на мечот со Силекс во Кратово. Наместо да победиме убедливо, загубивме со 1:0 и се најдовме на последното место на табелата, беа зборовите на Мацков. Навистина ситуацијата не е розова, но не е и толку лоша бидејќи верувам дека овој тим ќе ги покаже и докаже своите квалитети на наредните натпревари. Веќе в недела играме на свој терен со Напредок, доколку победиме ќе го напуштиме последното место“.
Пред Пелистер е Победа со еден бод повеќе, Напредок и Металург со два и пет бодови повеќе имаат Турново и Силекс што сепак, не е недостижно. Во последните три есенски кола Силекс, Победа и Металург треба по еднаш да паузираат и тука е шансата на Пелистер да избега од дното на табелата.
„Во клубот владее добра атмосфера без оглед на последното место на табелата и поразот во Кратово од Силекс“, ни рече во телефонскиот разговор претседателот Круме Волнаров. Правиме напори до крајот на неделата на фудбалерите да им исплатиме по една плата и премија што им должиме, верувам дека ќе играме многу подобро и што е најважно поефикасно. Навистина е фудбалска трагедија како го загубивме мечот со Силекс во Кратово, имавме иницијатива, имавме пет-шест стопостотни шанси, но не успеавме да ги реализираме. Можам само да им се заблагодарам на домаќините на одличниот пречек и одличното судење на Зоран Бошков од Неготино. Пелистер има сили, има тим и доколку во наредните три средби освоиме барем пет бода ќе можеме многу посмирено да играме во продолжението од првенството, во разигрувањето. Пелистер не смее да дозволи повторно да се врати во Втората лига што би било трагедија за битолскиот фудбал. Тоа нема да го дозволиме“.