Сите КОЦКИ на Коце
Како предигра на руската салата за НОВА ГОДИНА и како запршка на компир манџата во петок, се очекуваше некаков „бисер“ од скопскиот ордоначалник во последниов месец. Ордоначалник е, затоа што Скопје е една голема ОРДА, чија особена сложност се манифестира во инстантно конфузните организирања..
Имено, Коце се реши, да ја врати КОЦКАТА на градскиот плоштад. Што тоа значи? Дека кој како дојде, си го зафаќа плоштадот како квадратура од салонот дома, каде без проблем ќе си навезе ако треба и гоблен со ликот на Хајлендер на кој ќе треба сите ние да ги бришеме чевлите, а на крајот се разбира, и двојно да си платиме. За редизајн.
Менувањето на калдрмата ќе се случи откако ќе го бетонираме споменикот на АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ. Чим ќе го копаат плоштадот за да го наместат Ацета, тогаш нека ги наредат и коцките, на еден трошок. Туку не... Има пари. За копање, мора да се најдат. Сетики, така било во Париз, од каде Коце си дојде вдахновен со оваа идеја. И ве молам, немојте да го праќате во Египет, ќе се врати со пирамиди, СФИНГИ и саркофази на плоштад! Замислете го Коце од посета на Венеција... Веднаш, веќе следниот ден ќе имаме гондоли во Вардар.
Инаку, Скопје само по калдрмата се разликува од Париз. И по уникатниот мирис на „нешто што смрди“. Најчесто, тоа „нешто“ е запален КОНТЕЈНЕР и гориво од автомобилите, кај и да вдишеш. Најдобра заштита е да не дишеш. Убаво викаат, ако не ти функционира едно сетило, тогаш другите ти се поразвиени. Така, нам Македонците, како вечни хроничари и емотивни тутунари, ни остана варијантата малку да послушаме и да погледаме, ако веќе не можеме да дишеме.
Сигурно патриотскиот слух, застанат некаде во петнаесет за пет во 1963 година, ќе живне со новата Коцева КАМПАЊА за народни песни на секој саат. Се работи за часовникот во старата железничка станица, застанат во истиот момент на Земјотресот од шеесет и трета. Родоначалникот, во својата изборна програма, вети дека ќе го оживее саатот кој сам по себе претставува монумент на едно време и споменик сам по себе. Се обложувам дека инспирација за ова му се, рекламите за распеаните ЧУЧУЛИГИ и венчиња на телешоп.
Да се обидеме да ја замислиме вртоглавата треска која ќе не` понесе во занес, тогаш кога за прв пат ќе го слушнеме саатот како ни кука пригодни народни траки: сите домаќинки ќе запрат со своето мешање во лонците, старите ДЕДОВЦИ во паркот ќе ја игнорираат партијата шах, во автобусите децата ќе им стануваат на возрасните за да седнат, нема да се убиваат кучињата скитници, сите ќе почнат да донираат во домовите за деца без родители, нема да имаме деца со ЛЕУКЕМИЈА за кои државата не дава пари, чуварите на стадион ќе ги пуштаат гледачите внатре без притоа да им ги украдат сите парфеми и работи што им се допаѓаат... Автоматски, Скопје ќе стане центарот на хуманизмот и ренесансата!
Потребно ни е СААТСКОТО ПЕЕЊЕ, за да излеземе од оваа катаклизма на метеж по улиците и МИНИМАЛЕЦ во дневниците. Народните песни ќе ја спасат оваа затруена младина со сепси во вкусот. Нема повеќе да владее трансот по нумери во кои експлицитно и отворено се понижува женскиот пол, и во кои ДЕВОЈКИТЕ се наречени со имиња кои домашното воспитание не ми налага да ги парафразирам. И во кои им порачуваат „да се спуштат доле“. Авторите на овие ИНКВИЗИЦИСКИ мисли, претопени во „рапоина“, на спотови играат покрај девојка што гестикулира срамотни работи, ажурно и во исто време како што оди текстот во кој ја понижуваат. Добро, каде им е умот? Има право еден мој близок пријател кога пред некое време ми рече: „ Знаеш Мими, јас го обожувам СЛАТКАР. Кога девојките што ги понижува во своите текстови го сакаат, тогаш мене не ми останува ништо повеќе одошто да му честитам.“ Имаше право, да ми го поживее Господ.
Отсекогаш сум сакала да зборувам за „спонтаноста“ и сложноста на македонската нација, а еве неделава, имам и повод. Најчесто поводот ми произлегува од студентски, но и од ИЧ – СТУДЕНТСКИ ПРОТЕСТИ. Ако претседателот на Студентски Парламент организира протести денес, тогаш полни автобуси го чекаат пред ЕУ инфо центарот уште од завчера. Спонтаност на ниво. Секако, да се напомене, дека во нив нема ниту еден студент. Освен можеби од оние „вечните“. На ваквата организација за мирен протест против промената на името, може да и` позавиди и менаџмент тимот на ДОНАЛД ТРАМП.
Процесот оди некако вака: На претседателот на СПУКИМ попознат како Медо, му текнува да прави протест во 15 часот напладне. Ги собира младите и стари АКТИВИСТИ, пардон, статисти, овааај демонстранти де. Тие телепатски веќе го чекаат на местото, се знае тоа дека спонтана нација куќа гради. И пиперки во бавча сади. Остај тоа туку, веќе утредента во 10 часот наутро, сите стеснети и не многу весели, извикуваат заедно дека „Што ќе ми е бе Европа?“. Ете, знам јас дека народов е среќен и задоволен, како не им е срам ви се молам на овие од Европа да им сметаат... Па уште и ТЕЛЕВИЗИСКИ ЕКИПИ ќе ги снимале. Кои се тие бе, да им го нарушуваат приватниот и интимен портокалов препродбенички амбиент?
Атмосфера, стандардно и безлично неподнослива... Па на прилог даваат анонимно затемнет човек, кој тврди дека шефот од работа ќе го избркал ако одбиел да присуствува. Кога организаториве ги молат за коментар, тие се оградуваат. Упорно се оградуваат од политичката позадина на ситуацијата, се оградуваат од автобусите, се оградуваат од изјавите, до толку се оградуваат што мислам дека ЖИВА ОГРАДА ќе израснат од сопствената очајна проѕирност. Организација – перам раце.
Каде беа овие студенти на светската недела на високото образование, кога некои нивни колеги протестираа против високата партиципација, против ужасните услови во студентските домови, против искористувањето на нивните средства во неблагородни и непрагматични цели? Тогаш ги немаше нигде! Како можам да верувам во кредибилитетот на овој протест, кога е организиран од лица што не го поддржаа оној во сферата што најмногу ги засега, а тоа е студентарскиот секојдневен хаос? Како беше онаа старата... Чувај ме мајко од пријателите, од непријателите се чувам сам.
Фрли еден поглед кон скопскана елка и ќе ја сфатиш античноста твоја... Ќе те огрее сонце во портокалова боја. Трчај во завод за сини картони, со нив да голташ аптекарски бонбони... Два месеца некој боледува од леукемија во оваа држава, пари за лекување не даваат - министерската функција е скржава. Да не продолжувам со мојата хаику поезија, ќе се фокусирам на дебатата на која присуствував со налов „Еднакви права за сите“. Фактот што има околу 5 000 Роми кои живеат без документи како духови, без здравствена заштита како бесмртни, без образование како да се родени образовани, говори за потребата да се донесе закон против дискриминација. Се насмеав на изјавата на еден новинар, кој кажа дека процентот на Роми вработени во јавната администрација е под нула и ме потсети на математиката на Амди Бајрам – сто два кома три посто... Но, кога поарно си ја чукнав главата, вистина, тие немаат кој да ги
застапува, а дури и да имаат некоја минорна бројка претставници, тие се неажурни освен пред избори. Она што ги „боли“ надлежните кои го кочат процесот на донесување на законот против дискриминација, мислам дека не е состојбата на Ромите, туку правата на хомосексуалците. Треба сите маргинализирани групи да се обединат и да дејствуваат со поголем притисок во институциите.