Работнички е убава мома за мажење
Клубот нуди традиција, можност за настап на европска сцена, спортски објект, никакви долгувања...
Кој ќе биде идниот спонзор на 14-кратниот шампион Работнички е топ-темата што ги преокупира вљубениците во кошарката во Македонија откако завчера долгогодишниот спонзор на овој тим, компанијата „Фершпед“ објави дека повеќе нема да го финансира клубот од „Градски парк“.
Неофицијално, низ кошаркарските кулоари се споменуваат имињата речиси сите добростоечки фирми во државава, особено на тие што сега или порано биле финансиери како на кошаркарски така и на екипи од други спортови. „Кометал“, „Макпетрол“, „Орка“, „Вардар осигурување“ се само дел од компаниите што се ставаат во кругот на потенцијални нови спонзори на најпознатиот македонски кошаркарски бренд.
Реалното согледување на ситуацијата вели дека Работнички е „убава мома за мажење“, која со себе носи богат мираз за потенцијалниот нов „животен партнер“. Досегашните „шпедитери“ нудат традиција, можност за настап на европска сцена, но и спортски објект, салата „Градски парк“, кој би можел да биде примамлива мамка за сите оние што би сакале да вложат време и пари во обновувањето на кошаркарскиот гигант. Никако понеатрактивен е и фактот што Работнички во моментов нема речиси никакви долгувања што значи дека новиот спонзор ќе може да почне да работи од нула.
Традиција што не се купува со пари
Како традиција стојат 62-те години успешно постоење уште од времето кога кошарката не беше квалитетна, возбудлива и пред сé популарна како сега. Работнички е меѓу најстарите кошаркарски клубови во поранешна СФР Југославија, а во Македонија речиси пет децении беше неприкосновен лидер зад кого имаше „дваесетина празни места“ па дури потоа други тимови.
Оној што ќе го замени „Фершпед“ ќе наследи бренд, кој бил меѓу најдобрите во исклучително силната лига на екс-СФРЈ, кој бил финалист во Купот на СФРЈ, а потоа и успешно играл во европскиот Куп на победниците. Новиот спонзор ќе добие и клупски простории во кои гордо стојат закачени 14 златни медали како обележје за исто толку шампионски титули, но и седум помали пехари од победите во Купот на Македонија. Тоа се работи што тешко се купуваат со пари.
Можност за промоција на поголем пазар
Покрај славното минато, новиот спонзор на Работнички ќе добие и можност за светла иднина на спортски и на бизнис план. Тимот од „Градски парк“ веќе обезбеди учество во следното издание на Балканската интернационална лига (БИБЛ) што носи десетина исклучително квалитетни меѓународни средби кои се идеална можност за заработка и за лична промоција.
Но, вистински џекпот за потенцијалниот финансиер е и речиси постојано отворената можност за настап во една од најсилните европски лиги - регионалната НЛБ-лига. Челниците на популарната Јадранска лига со години на крајот од сезоната редовно повторуваат дека би сакале да имаат тим од Македонија, а потоа, меѓу редови, велат дека се единствено заинтересирани тоа да биде Работнички како единствен клуб со име што може да предизвика внимание кога ќе гостува во Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора или во Словенија. А, можноста за играње и презентација на пазар во кој живеат повеќе од 20 милиони луѓе воопшто не е за потценување.
Еден од ретките клубови со покрив над главата
Последната причина која ја потврдува тезата дека Работнички е привлечна „зделка“ е и салата во „Градски парк“. Актуелниот шампион е еден од ретките спортски клубови во државата што има покрив над главата. Клубот има свои простории, нема проблем со обезбедување термини за тренинзи како за првиот состав така и за младинската школа, која е доминантна во Македонија и од која речиси секоја година излегува по најмалку еден кошаркарски бисер.
Најголем проблем за обезбедување стабилен спонзор луѓето што сега се во принудната управа на Работнички ќе имаат во финансиската криза, која полека ја зафаќа и Македонија. Во услови на рецесија фирмите тешко даваат пари за работи што не им се неопходни, а спонзорството на спортски тим дефинитивно спаѓа во оваа категорија. Сепак, тие се надеваат дека миразот што го носат со себе ќе биде доволна причина за договор.
Никој не посакува реприза на случувањата со МЗТ
Речиси ниту еден искрен љубител на кошарката на Македонија, без разлика за кој клуб навива, не посакува на Работнички да му се случи тоа што му се случи на неговиот најголем ривал МЗТ Скопје кога остана без стабилен финансиер. Откако фирмата „МЗТ“ прекина да дава пари, а особено откако „Алкалоид“ и „Комерцијална банка“ се повлекоа од улогата на спонзори, тимот од „Јане Сандански“ никако не може да застане на нозе и да стане сериозен фактор во македонската кошарка. Клубот опстојува само поради работата на група ентузијасти, која од година во година мака мачи со мали спонзори да обезбеди минимален буџет за да не се случи најлошото - МЗТ да престане да постои.