Американци се доселија во Прилеп :zlo:
Скопје, 16 јули 2010
Членовите на американското семејство
Киркпатрик станаа жители на градот под Марковите Кули пред две години, а во меѓувреме во Прилеп се доселија уште две семејства од САД. Кајл Киркпатрик со сопругата Жаклина, децата Ребека, Џошуа и Даниел, е со најдолг прилепски стаж, а семејството на 29-годишниот Спенсер Фолер од Тенеси, со сопругата и деветмесечната ќерка, во Прилеп е два месеца и ги учи македонскиот јазик и прилепскиот начин на живот.
Тие се членови на Асоцијацијата за развој на духовните вредности „Изгрев“, која организира бесплатни курсеви по англиски јазик. Третото четиричлено семејство од САД што живее во Прилеп сега е на одмор во родната земја, а во Прилеп дојде пред една година.
Семејството Киркпатрик 12 години живее во Македонија. Пред да станат прилепчани, биле скопјани. Останале во Македонија бидејќи им се допаднала гостољубивоста на Македонците. Прилеп го откриле откако дошле да им помагаат на колегите во одржувањето часови по англиски јазик, им се допаднал и засега не планираат да го заменат со друго место. Ги ценат прилепчани зашто биле топли и дружељубиви луѓе и стекнале многу пријателства.
Спенсер Фолер е воодушевен од културното богатство на Македонија.
- Ја барав земјата на карта, а сакав да видам ново место, друга култура, јазик... Воодушевен сум од непосредноста на луѓето. Овде застанува здивот од богатото културно наследство. Имате длабока историја. Ми се допаѓаат Маркови Кули, а посебен впечаток ми остави манастирот „Пресвета Богородица“ - Трескавец од 14 век, вгнезден во непроодната планина - вели Фолер, кој го сака фудбалот и бејзболот.
Тој најавува можност да организира бејзбол-школа.
Кајл Киркпатрик е историчар. Со сопругата предаваат англиски јазик, а неговите деца учат македонски во ОУ „Кире Гаврилоски - Јане“. Дошле на покана на Здружението „Изгрев“, кое промовира духовни вредности како лојалност, трудољубивост, вера, љубов, кои, според нив, се важни елементи за човечкиот живот.
- Двапати неделно одржуваме часови по англиски јазик со помали групи. Прилепчани сакаат да го учат англискиот. Контактираме со луѓето, ги повикуваме на курсеви. Низ разговор се обидуваме да им ги пренесеме нашиот јазик и етика. Тоа е важно за поединецот, а потоа и за заедницата. Ми помага и сопругата, но таа има повеќе обврски со децата. Соработуваме со други невладини организации. Спонзорирани сме од организации и поединци од Америка. Задоволни сме засега - вели Кајл Киркпатрик.
Тој кажува дека слушнал за Македонија, но не знаел ништо, како и многу Американци што знаат само за Александар Македонски, но не можат да ја спојат историјата со сегашноста.
- Дојдовме на три-четири дена, ни се допадна и останавме 12 години. Првин не се чувствував пријатно, но подоцна животот ми легна во срцето и се преселивме. Не се каам. Градот е убав, прилепчани се лојални кон семејството и големи патриоти. Кога минувам низ плоштадот, со многумина се познавам и се поздравувам. Тоа го нема во поголемите градови. Се дружиме со пријатели, пиеме кафе, одиме на гости, доаѓаат тие - раскажува Кајл.
Киркпатрикови се среќни што живеат во градот под Марковите Кули бидејќи живееле слободно и со многу другари. Ги научиле традицијата, табиетите, културата, присуствувале на семејни слави, за Свети Никола и други сведни. Пробале посни сарми за Свети Никола, но и ширден и јанија. Биле почестувни на имендени, добивале и јајца за Велигден, иако се дел од други верски обичаи. Синот на Киркпатрикови веќе се „преправал“ за Прочка. Во Прилеп им се допаѓа безбедноста и мирниот и тивок живот.
- Сме ја виделе речиси цела Македонија. Има историја каде и да се свртиш. Воодушевени сме од Маркови Кули, кои се честа дестинација за прошетка. Плени со убавина и старата чаршија, луѓето се работливи... Во САД раскажувам колку е убаво тука и го промовирам Прилеп. Сакам да дојдат инвеститори. Луѓето имаат лажен сон дека се живее подобро на Запад. Има само повеќе пари, но не и спокојство. Таму никогаш не си безбеден, не знаеш што може да ти се случи. Не се спие со отворена врата, како тука. Многумина да знаат колку е убаво да се живее во Прилеп, ќе дојдат - вели Кајл.
Тој одлично зборува македонски, потекнува од Тексас, пораснал во Кенија, Африка, а со сопругата Жаклина, која е од Луизијана, се запознале на факултет.
МАКЕДОНСКО ЗНАМЕ ВО АМЕРИКАНСКА ПРОДУКЦИЈА
Македонското знаме исцртано на кошаркарското игралиште во населбата Аличаир е дело на Американците, членови на Асоцијацијата за промоција на духовни вредности „Изгрев“. Тие приспособија пристапи за инвалидска количка на мостот на Дабничка Река, а ја бојадисаа оградата и ги заменија искршените кошеви на игралиштето.
- Даваме мал придонес за уредување на просторот што го користиме и во кој живееме. Ќе продолжиме со уредување - вели Кајл Киркпатрик.
„Изгрев“ неодамна им обезбеди инвалидски колички на десетина лица.