26.10.2025, одиме на нова десетка!
011. Тоше Проески - Синот божји (2000, Авалон продукција)
Тодор „Тоше“ Проески (25 јануари 1981 во Прилеп - 16 октомври 2007 во Нова Градишка) - познат македонски поп-пејач и една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена, каде што е доживуван како заштитен знак на Македонија. Музичката кариера ја започнал со настапот на прилепскиот фестивал Мелфест во 1997, каде што и победил изведувајќи ја песната Yesterday од Битлси. Патот кон ѕвездите му го отвораат песните Пушти ме (1997) и Остани до крај (1998). Имал блиска соработка со Џеф Бек, Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Тони Цетински, Phoebus, Ања Рупел и голем број на други влијателни балкански и светски музичари и композитори. Се смета дека подемот во неговата кариера започнал по изведбата на песната Твоите бакнежи на моите бели кошули на Скопскиот фестивал во 1999 година. Во меѓувреме Тоше станал дел од продуцентската куќа Авалон, каде што останал сè до истекувањето на неговиот договор во април 2002. Во 2004 година бил прогласен за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. Негов заштитен знак е познатиот израз „Ве сакам сите“.
Роден е како Тодор Проески во Прилеп, во влашко семејство, чие постојано живеалиште било Крушево. Музичкото образование го стекнува во музичко училиште во Битола и на Музичката академија во Скопје. Првите почетоци на музички план Тоше Проески ги прави уште во раното детство настапувајќи на детскиот фестивал „Златно славејче“ во 1992 година со песната „Јас и мојот дедо“ испеана на влашки јазик. Тоше Проески ја започнува својата музичка кариера на фестивалот „Мелфест” каде во 1997 година победува со изведбата на Yesterday на Битлси. Истата година учествува и на „Макфест” со композицијата „Пушти ме". Тоше работел со еден од најпознатите македонски композитори и текстописци Григор Копров, соработка која му донела два од најголемите хитови Усни на усни и Сонце во твоите руси коси. Во 1999 година го издал својот деби-албум „Некаде во ноќта" кој содржи единаесет песни. Летото истата година, Тоше го одржал својот прв концерт, кој, и покрај дождот и лошото време, останува незаборавен за неговите обожаватели.
Во 2000 година Тоше учествува на „Скопје фест” (од каде се избира македонскиот претставник на Евровизија) со песната „Солзи прават златен прстен" која, и покрај тоа што победува на телегласањето, на крајот го освојува третото место, зад Каролина Гочева и победниците XXL. Во овој период почнува да ги снима и песните за својот
втор албум „Синот Божји" кој е промовиран во јуни 2000 година. Албумот ќе даде голем број хитови во опусот на Тоше, како „Немир" (дует со Каролина Гочева), „Во коси да ти спијам", „Излажи ме уште еднаш", како и „Илузија" и „Тајно моја", две песни компонирани од Кире Костов, (со втората го освојува второто место на фестивалот „Сунчане скале" во Херцег Нови, Црна Гора).
Српската продукциска куќа „BK Sound” ги откупува правата за издавање на следниот албум на Тоше на просторот на поранешна Југославија, што пак ќе резултира со Оскар на популарноста на просторот на поранешните југословенски републики за 2000 година, како и со целосно распродадени концерти во Скопје и Белград. Во 2001 година Тоше, заедно со неколку други македонски пејачи, отпочнува турнеја низ Австралија.
Откако минува одредено време заедно со својата нова менаџерка Лилјана Петровиќ снимајќи во студио во Атина, Грција, Тоше го пушта во продажба својот трет албум „Ако ме погледнеш во очи" на македонски и српски јазик. Следи период на интензивна промоција во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија.
На 13 април 2003 година, Тоше Проески победил на првата Беовизија (фестивал на кој од 2004 година се избира српско-црногорскиот, а од 2007 само српскиот претставник на Евровизија). Тоше на Беовизија настапил со песната Чија си, на авторскиот тандем Леонтина Вукомановиќ и Жељко Јоксимовиќ, која на крајот имал вкупно 75 бода, што било дури за 29 гласа повеќе од второпласираната композиција. Значењето на победата на Тоше била голема пресвртница и значаен момент во неговата кариера, особено поради тоа што на фестивалот настапиле мошне популарни екс-југословенски ѕвезди, а во стручното жири членуваа истакнати музички дејци. Искачувајќи се на сцената, уште еднаш да ја отпее победничката песна, Тоше Проески не пропушти прилика да ја спомне својата земја, истакнувајќи дека би било убаво доколку Македонија или СЦГ во 2005 ја организираат Евровизија.
Песната Чија си стана еден од најголемите хитови што Тоше ги испеал во целокупната кариера, песна која заедно со Тајно моја ја лансирала македонската мегаѕвезда директно во редот на најпопуларните изведувачи кај нашиот северен сосед и пошироко.
Со цел да го подобри своето пеење, Тоше оди на часови кај маестро Вилијам Рајли во Њуjорк кој во својата кариера е и учител на Лучано Павароти. По враќањето, Тоше одржува низа хуманитарни концерти низ Македонија. Ја добива Хуманитарната награда Мајка Тереза а во 2003 година станува регионален УНИЦЕФ амбасадор.
Следната година МРТВ го избира Тоше за претставник на Евровизискиот настап кој се одржува во Истанбул, Турција. Во февруари, со помош на телегласање, жири и лично мислење, избрана е песната Ангел си ти. Во април Тоше го издава албумот „Ден за нас", двојно це-де на кое се сместени осумте песни изведени на изборот за песна на Евровизија. Следниот месец, Тоше го освојува 14-то место со песната „Life", англиската верзија на „Ангел си ти”. Пред изборот, станува омилена личност меѓу репортерите, преку демонстрација на неговите извонредни оперски квалитети на прес-конференциите.
Во 2004 година, именуван е за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја снима песната За овој свет која има и англиска верзија — This World и која станува химна на УНИЦЕФ. Тоше потпишува договор со Dallas Records за издавање на неговиот следен албум во Хрватска и Словенија. Тоше ја снима „Krajnje Vreme” со словенечката пејачка Ања Рупел. Во 2005, неговиот петти албум „По тебе” е издаден низ целата територија на поранешна Југославија. По тебе е сѐ уште еден од најуспешните албуми било кога издадени на Балканот — неколку недели останува на врвот на листите во Република Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Сингловите од овој албум пак, со месеци се задржуваат на највисоките места на музичките топ-списоци во овие земји.
Најпопуларниот македонски пејач Тоше Проески, го продолжил искачувањето кон врвот на балканската музичка сцена со победата на Хрватски радиски фестивал на 9 јуни 2007 година. Тој со песната Veži me za sebe, сосема заслужено освоил Гран при во категоријата поп-рок и урбана музика, освојувајќи вкупно 16.589 гласови.
Неговиот следен албум — Божилак — е компилација на 14 избрани македонски народни песни проследени од симфониски оркестар. Во 2007 година, Тоше го издава и Игри без граници — неговиот последен албум.
Тоше Проески исто така се потврдува и на полињата на компонирањето музика. Има напишано неколку песни за себе — Има ли ден за нас, Слушаш ли, Малечка и Полско цвеќе. Во 2004, Проески ја компонира и Муза — голем хит за Мартин Вучиќ и наслов на неговиот следен албум. Во едно интервју, Тоше има речено дека има повеќе од 100 искомпонирани и напишани песни за кои чека прав момент за да ги издаде.
Неговиот последен концерт (уште еден во низата хуманитарни концерти) одржан на 5 октомври 2007 година на градскиот стадион во Скопје бил посветен на ревитализација на македонското школство. На концертот биле присутни повеќе од 40.000 посетители.
Загинал на 16 октомври 2007 во сообраќајна несреќа во Хрватска. Во мигот на несреќата, Тоше се наоѓал на совозачкото седиште во возилото фолксваген туарег (Volkswagen Touareg) кој со голема брзина удрик во приколката на камионот пред него и потоа во крајпатната заштитна ограда. Останатите двајца патници — возачот Ѓорѓе Георгиевски поминал со потешки, додека неговата менаџерка Лилјана Петровиќ, со полесни повреди. И двајцата биле вон-животна опасност. Посмртно бил прогласен за заслужен граѓанин на Македонија. Денот на неговиот погреб, 17 октомври, бил прогласен за Ден на национална жалост. Тоше беше погребан со најголеми државни почести. На неговото испраќање присуствуваше државниот врв, а венци пред ковчегот со неговото тело положија претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Груевски, претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски и речиси сите членови на Владата, делегации од политичките партии, хуманитарни организации на кои тој несебично им помагаше. Во реката луѓе што се поклонија пред големиот пејач беа неговите колеги, пејачи од Македонија и од Балканот, глумци, црковниот врв, но и одбојкарите од неговиот клуб, игроорци, неговите пријатели, илјадници обожаватели. Последна почит му оддадоа и многу негови пријатели од балканската естрада, меѓу кои македонската поп дива Калиопи и нејзиниот сопруг, глумецот Васил Зафирчев, оперската дива Весна Гиновска-Илкова, Бени и Нора Шакири, пејачот Адријан Гаџа, хрватските пејачи Аки Рахимовски, Тони Цетински, српските пејачки ѕвезди Жељко Јоксимовиќ, Светлана Ражњатовиќ и други. Беа и амбасадорката на САД Џилијан Миловановиќ, евроамбасадорот Ерван Фуере и градоначалникот на Скопје Трифун Костовски.
На 31 мај 2008, на Хрватскиот радиски фестивал во Опатија, беше промовиран видео записот за песната The hardest thing (Најтешкото нешто).Од следниот ден, истиот започна да се емитува и на MTV Adria.
Спотот го изработи „Ем-ти-ви Адрија“ од снимки направени во Лондон и на Јамајка, како и кадри од некои приватни моменти на покојната ѕвезда. Тоше во 2006 година престојуваше 20 дена на Јамајка со менаџерката Лилјана Петровиќ и со Ласто Николовски од „Аворд продукција. Тие биле придружувани од Брајан Тејлор, менаџер на Тоше за странскиот пазар и композиторот, Енди Рајт кој ги направил првите пет албуми на „Симпли ред“. Обожавателите на Проески во Опатија настанот го проследија со транспаренти, маици со негов лик и со македонски знамиња. Во првите редови на публиката беше и неговата менаџерка Петровиќ. По емитувањето на спотот, во чест на Тоше беа прикажани и снимки од изведбата на „Вежи ме за себе“, со која лани победи на овој фестивал што се одржа на Хвар, како и дуетскиот спот со Антонија Шола за „Волим осмијех твој“.„Хит рекордс“ им врачи дијамантски плочи на зетот на Тоше, Славен Ристоски и на менаџерката Петровиќ.
Специјално за овој настан пристигнаа обожавателите на Тоше од сите поранешни југословенски републики, како и почитувачи на неговото дело од Фиренца. Хрватските обожаватели направија 20-метарско платно на кое беше напишано „Тоше, заувјек твоји потписујемо“. Платното ќе му го подарат на семејството на Проески, за да стои во спомен-куќата. Поради вонредното значење на овој настан - објавувањето на првиот сингл од англискиот проект на Тоше, фестивалот го пренесуваше и Македонската национална телевизија. Цела македонска нација со особено внимание го проследи настанот и се потсети на својот непреболен ангел.
На 6 јуни 2008 година, во етерот на македонската телевизија Канал 5, премиерно беше пуштен краткиот документарец снимен за време на престојот на Тоше Проески во Јамајка. На него може да се забележи „креативниот процес“ на создавање на песните од англискиот албум и нескриеното задоволство што Тоше го искажува во врска со материјалите и соработката со Брајан Тејлор. Во документарецот меѓу другото, Тоше ја издвојува песната The hardest thing како песна „која ги вади сите емоции од него“, со што се обвистинуваат прогнозите дека токму таа е песната со која тој требаше да се пробие и да го освои светскиот музички пазар. Во краткиот документарец има и секвенци од видео-записот за темата Aria (итал. воздух), која Тоше ја отпеа заедно со италијанската дива Џана Нанини.
ЛИНКОВИ ЗА ПРЕСЛУШУВАЊЕ НА АЛБУМОТ
