Каква бура од емоции ги почеша нашите газиња во последниве два месеци. Од историски ролеркостер двомеч со Барселона, до историска петарда во финалето. Заминување на Инзаги, доаѓање на Киву. Што и да пишеме е излишно, ама ајде набрзина сумирање на емоции и впечатоци.
Прво за мистерот: иди, широко ти поље. Најчуден тренер во историјата откако го гледам Интер. Од една страна, игравме некој допадлив, атрактивен фудбал со него, како никогаш порано. Беше уживање да се гледа Интер, во поголем дел од времето на Инзаги.
Одличен тренер.
Никаков менаџер.
Ги издиша играчите на 3 фронта, душа им зема до финалето. Се што се случи таму е негова вина. Ги донесе до таму со два атоми кислорот, ги остави со истата веќе видена тактика која Енрике лесно ја прочита, и се занимаваше со неговиот договор со Ал Хилал. Ги остави играчите на милост и немилост на противникот. Колку и да се обидувам да сум благодарен и да гледам од позитивен агол на неговиот престој во Интер, не ми поминува чувството дека целиот fuck-up е во главно негова вина.
Да, управата потфрли исто така, засилувањата потфрлија, не се вложуваат пари. Се тоа е јасно. Од друг агол, имавме тим за четири скудета, освоивме едно. Наполи и Милан треба да ни се доживотно благодарни. Каков тим имавме, и какви ни беа противниците, премалку е тоа што го освои. Сите чуствуваме дека повеќе загубивме отколку што добивме.
Финалето ќе го загубевме секако. Потфрливме на сите полиња. ПСЖ беа дојдени да освојат. Славеничка атмосфера на трибините. Шокиран бев од бројот на нивни навивачи и колку неорганизирани беа нашите. Се беше подредено за триумф на ПСЖ. Но никако не смеевме да си дозволиме онаков блам. Едноставно недозволиво, на 3-0 признај си пораз и умртви го натпреварот да избегнеш катастрофа.
Споредбата со заминувањето на Мурињо не држи. Специјалниот и соопшти на управата однапред. Сите го држеа тоа во тајност од играчите до крајот. Инзаги ништо не соопштил никому, и недела пред финалето почна да дава изјави кои јасно укажуваа дека финалето не му било приоритет. Не може тоа да не влијае на играчите.
Така да Мистер, фала ти за се и секое добро.
Наредниве неколку години ништо добро не нè чека. Назначувањето на Киву е најдобар показател. И покрај рекорд во заработени пари оваа година, не се одобруваат пари за докажан менаџер и се оди со неискусен поранешен играч на клубот. Нека му е со среќа и се најдобро, ништо лошо за него, но овој избор покажува дека клубот нема намера да вложи дел од заработените пари за нови успеси. Ова ќе го платиме со рано испаѓање во ЛШ, од каде што им доаѓаат најголемиот дел од приходите, а Скудето нема да видиме уште долго време.
Екипата е во ментален слободен пад, со комплетно уништена самодоверба. Во такви услови мора многу да се менува. Тоа што Чаланоглу сака да си оди не е никаков проблем, секој што нема повеќе мотивација и треба да си оди. Нема потреба да креваат галама околу тоа и Лаутаро треба да го разбере тоа. За него Интер е веќе дом, семејство, стана капитен, созреа како човек. Тој може и да ја заврши кариерата тука. Но не е исто за сите, некои играчи се прегорени и потребна им е промена. Не е толку проблем во тоа кој ќе си оди туку кој ќе остане. Киву треба брутално да се ослободи од сите кои потфрлија лани и кои не се на ниво да играат за Интер. Кој и да дојде не може да е полош од Аслани, Кореа, Арнаутовиќ, Тареми... не ти треба ништо од тоа, соопшти им на сите дека не сметаш на нив и донеси кого можеш.
Конечно, четврти напаѓач нека е наше дете, ништо не му фали на малиот Пио, нека не се глупираат со 30-годишни пропаднати играчи и нека им дадат простор на 1-2 деца.
Една добра работа во сето ова е дека Ио ќе може да ужива во фудбалот некое време, неоптеретен од резултати. Ќе биде интересно да се види како ќе изгледа новиот Интер. Кога управата ќе покаже некакви амбиции, тогаш ќе зборуваме за резултати.
Forza Inter, sempre.