Еве некои десетина дена после сообраќајкава, следам реакции на семејствата, читам коментари низ интернет, размислувам, и некако почнувам да добивам поинаков впечаток за целата оваа ситуација.
Прво, нема сомнежи дека Васо е виновен за трагедијата. Возел под дејство на алкохол, без да поседува возачка дозвола со огромна брзина која никако не е дозволена во градска средина. Значи не ги почитувал ниту сообраќајните правила и прописи. Дополнително со начинот на своето однесување покажува дека станува збор за бахато и разгалено дете кое недоволно ги почитувало дури ни сопствените родители.
Второ, болката и трагедијата која го снајде семејството на Фросина е неизмерна. Нивната загуба е неподнослива и ненадоместлива. Меѓутоа на моменти добивам впечаток дека се што се случува околу нивните реакции е се понапнато и поисполитизирано. Сфаќам дека се гневни и бесни, и дека можеби од тага, лутина, бес и болка не знаат како да реагираат, но малку повеќе се претера со давање изјави, и експонирање во јавност (не зборам за протестите, туку за начинот на кој се настапува во јавност, тоа е барем мое мислење). Нема сомнеж дека најголемата болка е на нивна страна и дека нивните животи се засекогаш променети и зацрнети.
Родителите на Васо, дека потфрлиле во воспитувањето на нивното дете, потфрлиле. Сепак они ја имаат клучната улога во формирање на личноста и всадување морални вредности и дисциплина кај детето. Они се клучни за поставување на темелите на личноста на нивното дете. Меѓутоа, подоцна во животот младите луѓе и те како може да бидат подложни на влијанието на околината, и многу други фактори кои придонесуваат за нивните избори и развивањето на личноста. Родителите треба да сносат морална одговорност за целата ситуација, но не и да се бара некаква кривична одговорност од родителот (освен ако истражната постапка не докаже дека постојат индиции за тоа), заради тоа што првично станува збор за возрасен човек од 21 година, кој треба самиот да сноси одговорност за своите постапки, а второ ако одиме по таа логика тогаш добар дел од општеството на некој начин треба кривично да одговара заради некои девијантни појави во нивното семејство и на нивните деца. После изгледаните видеа од изјавите на родителите, искрено ми е жал за тие луѓе, заради срамот и болката кои му ги нанесло нивното дете единец, кое наместо да биде гордост на родителите, одлучило со своето девијантно однесување да го упропасти семејството засекогаш (секако дека не сакам да правам споредба со болката, тагата и трагедијата на семејството Кулакови, која е неспоредливо и неописливо поголема и потешка).
Оваа трагедија е многу повеќе од индивидуален случај, ова е лекција за целото општество и треба да се согледа од сите страни. Тука треба да се дискутира за одговорноса на поединецот, важноста на воспитувањето, но и улогата што општеството ја има во формирањето на вредностите и развој на ризично однесување кај младите луѓе.