Неколкумесечната предистражна постапка што ја спроведуваше јавен обвинител со Истражниот центар од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и МВР, вчеравечер резултираше со акција во која е разбиена криминална група, а која беше спроведена заедно со полициски службеници од МВР на подрачјето на општините Чаир, Арачиново, Шуто Оризари, Бутел и Студеничани.
По барање на јавниот обвинител, а врз основа на Наредба на судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје до утринава извршени се претреси на 30 локации и притоа се пронајдени поголем износ на пари, злато, огнено оружје и други предмети, а од слобода се лишени четири лица, додека едно лице само се пријавило во полициска станица. Единиците на МВР и армијата се уште постапуваат на неколку локации во насока на пронаоѓање на доказен материјал и предмети што ќе помогнат во расветлување на случајот.
Предметниот јавен обвинител денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 18 лица за кои постои основано сомневање дека 14 лица како нарачатели, помагачи или директни извршители сториле кривични дела Убиство, од нив 12 лица се осомничени и за кривично дело Злосторничко здружување, додека петмина и за кривично дело Тешки дела против општата сигурност. Останатите четири лица се товарат за кривично дело Изнуда.
Според описот во диспозитивот на наредбата, првоосомничениот кој во моментов е на издржување на казна затвор, заедно со уште четири лица од кои две се во притвор, едно лице e лишено од слобода, a едно лице e починато, создале група со цел извршување на кривично дело убиство. Припадници на групата станале останатите осомничени, други неидентификувани лица и сега починати лица. Организаторите на криминалната група подготвувале планови и носеле одлуки кој, каде, кога и на каков начин ќе биде ликвидиран. Притоа, одлуките ги спроведувале лично или преку други припадници на групата плаќајќи од 10.000 до 250.000 евра за убиство. Па така, во име на поддршка на радикалното движење во РСМ или заради безобзирна одмазда кон лица од спротивставена криминална група во периодот од 2020 до 2024 година во шест кривично правни настани лишиле од живот осум лица, три лица биле тешко повредени, а на три лица животот им бил во опасност.