„Му ја кљопнавме зрнестата на манчета“
На денешен ден, 9 октомври, 1934 г. во Марсеј, Франција е извршен атентат врз Луј Барту, Министерот за надворешни работи на Франција и Александар Караѓорѓевиќ, кралот на Југославија.
Атентатот е дел од операцијата „Тевтонски меч“ во организација на елитите и тајните служби на тогаш растечките нацистичка Германија и фашистичка Италија. Главна мета бил францускиот министер Барту, но и југословенскиот крал, а целта била да се разнишаат и растурат договорите и односите меѓу земјите потписнички на Версајскиот мировен договор коишто во ПСВ учествуваа на страната на Антантата, против силите на Оската.
Некои анализи велат дека овој настан е еден од низата коишто неполни 5 години подоцна, на 1 септември, 1939 г., ќе доведат до отпочнување на ВСВ.
Извршител на атентатот е Владо „Черноземски“, професионален атентатор во служба на фракцијата на ВМРО предводена од Ванчо Михајлов, по чија наредба претходно истиот има убиено и многу видни македонски дејци.
„Черноземски“, заедно со други, за атентатот е обучуван во илегален камп во Унгарија и му е издаден пасош под лажното име Петер Келемен. Откако по атентатот умира од раните здобиени од сабјата на францускиот офицер од придружбата на министерот и кралот, на неговото тело е пронајдена тетоважа со мртовечка глава и иницијалите на В.М.Р.О. по што се открива неговиот идентитет и кој делумно стои зад атентатот.
Велам делумно, затоа што главната организација и наредба доаѓа од Германија и Италија, а за извршители се избрани хрватските усташи и македонските револуционери. „Черноземски“ е всушност само еден од групата атентатори и неговата задача била да дејствува ако другите се спречени или не успеат, како и што се случило. Претходно имало неколку обиди за атентат врз кралот Караѓорѓевиќ, од кои најпознат е тој во Загреб. Тие биле во организација на хрватското усташко движење на чело со Анте Павелиќ, човекот што во рамките на неговата НДХ, за време на ВСВ му пружаше гостопримство и прибежиште на Ванчо Михајлов.
Александар Караѓорѓевиќ, кралот на Југославија бил диктатор којшто вршел жестока институционална тортура за однародување и асимилација на Македонците во вардарскиот дел на Македонија, окупиран од страна на Србија после Балканските и ПСВ. Во неговото кралство немало Македонија и Македонци туку „Јужна Србија“ и „јужносрбијанци“. За непречено спроведување на големосрпските апетити од 18,000 жандарми во целото кралство 12,000 биле стационирани во Македонија. Вршена е и масовна колонизација при што најдобрата и нај обработлива македонска земја и поседи им се давани на доселени српски фамилии.
Моето потекло, по таткова страна е од едно од најпрочуените мијачки, македонски села Галичник. Таткото на мојата баба, мајката на мојот татко, се викал Соломон Лаќински.
На крајот на 19 и почетокот на 20 век тој мој прадедо имал свој дуќан во градот Солун. Меѓу Галичаните се знае, а пишано е и во книга (Галичка Повест) дека кога во Солун доаѓал Гоце Делчев, наоѓал прибежиште и по потреба се криел во дуќанот на Соломона.
Кога се случил атентатот во Марсеј, и се разбрало дека ВМРО има удел во тоа, Србите со целиот свој државен апарат спровеле дополнителна тортура врз Македонците. Никој во Македонија не смеел ни да зборува за тоа, камоли да го прослави убиството на македонскиот крвник Караѓорѓевиќ.
Во Галичник до ден денеска знаеме која куќа била користена од српската џандармерија. Веднаш после атентатот српските џандарми во селото се однесувале уште поостро и по нечовечки, иако поголем дел од Галичаните се’ уште не разбрале за што станува збор.
Прадедо ми Соломон, кој во тоа време веќе бил во поодминати години, по свои канали разбрал за атентатот и решил да им пренесе на другите галичани. Отишол на сред село каде се собирале главите на фамилиите, но и српските џандари. Седнал и за Србите да не разберат, на Галичаните со намигнување и блага насмевка им рекол:
„Му ја кљопнавме зрнестата на манчета“
Што значело, му се најадовме блага пченица, којашто традиционално се става до главата на покојник, на манукот т.е. кралот-деспот.
Галичаните разбрале, се насмевнале и намигнале назад во знак на разбирање и одобрување, по што информацијата ја пренеле во своите фамилии.
За дедо Соломон, еднаш одамна, сега веќе покојниот Велимир Гиновски, на мене и татко ми ни’ рече:
„Немаше поумен човек во Галичник од Соломона Лаќински“.
Гоце Панговски
„Му ја кљопнавме зрнестата на манчета“ На денешен ден, 9 октомври, 1934 г. во Марсеј, Франција е извршен атентат врз Луј Барту, Министерот за надворешни работи на Франција и Александар Караѓорѓевиќ,...
www.facebook.com