Судски трошкови се плаќаат само преку банка или може и директно? И како да проверам дали се платени судските трошкови?
Закон за судски такси
Член 5
Таксите се плаќаат во готови пари на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка, преку мобилни оператори или преку интернет. За начинот на плаќање на таксите преку мобилни оператори и преку интернет, Министерството за финансии и Министерството за правда ќе склучат договор со мобилните оператори и со деловните банки.
За поднесоци доставени од физички лица до суд по електронски пат, судската такса се плаќа намалена за 15% од предвидената со овој закон.
Кога таксата се плаќа во готови пари таксениот обврзник ја приложува потврдата за платената такса кон поднесокот, односно судскиот спис за кој е платена таксата, а кога се поднесува потврда за платена такса за судска одлука, подносителот е должен посебно да назначи за која одлука се плаќа таксата. Судот на списот за кој е платена таксата ќе го потврди износот на платената такса.
Кога таксата се плаќа по електронски пат, таксениот обврзник е должен по електронски пат до судот да достави банков доказ за платена такса за конкретниот спис, а кога се доставува потврда за платена такса за судска одлука, подносителот е должен посебно да назначи за која одлука се плаќа такса.
Член 5-а
Начинот на плаќање на таксите во готови пари на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка и начинот на плаќање на таксите преку мобилни оператори или преку интернет ги пропишува Министерот за правда во согласност со Министерот за финансии и Министерот за информатичко општество и администрација.
Член 7
Правото на наплата на таксата застарува за три години по истекот на годината во која требало да се плати таксата. Правото на присилна наплата на таксата, казнена такса и трошоци на извршување, застарува за три години по истекот на годината во која е донесено решението од членот 30 став (4) на овој закон. Застареноста на наплата на такса се прекинува со секое дејствие на надлежниот орган преземено заради наплата, односно присилна наплата на такса. Застареноста настапува во секој случај кога ќе поминат пет години од моментот кога настанала обврската за плаќање такса, што се констатира со решение.
Член 8
Судските такси се приход на Буџетот на Република Македонија.
Член 11
Ослободени од плаќање на такса се:
- поранешните вработени за пријавување на побарување од работен однос кај стечајниот должник во стечајна постапка согласно со Законот за стечај,
- граѓаните во постапка за одлучување по барање за ослободување од трошоци на постапката,
- граѓаните во управни спорови од областа на социјалното осигурување, социјалната помош, старателството и посвојувањето и денационализација,
- граѓаните во постапка за извршување на барање за доверување на дете на чување и воспитание.
Во случај на сомнение за постоење на реципроцитет, мислење дава Министерството за правда. Таксата не се плаќа и во случаите определени со друг закон.
Член 12
Старателот на отсутно лице чие престојувалиште е непознато, старателот на имотот чиј сопственик е непознат, како и привремениот застапник на странката поставен од судот во постапката што се води пред судот, не плаќа такса за лицето кое го застапува.
Таксите од ставот (1) на овој член се наплатуваат од имотот на лицето кое е застапувано.
Неплатените такси од ставот (2) на овој член судот ги внесува во пописот на таксите и по завршувањето на постапката постапува согласно со членот 29 од овој закон.
Член 13
Судот ќе ја ослободи од плаќање такса странката ако со плаќањето на таксата значително би биле намалени средствата од кои се издржува странката или членовите на нејзиното семејство.
Судот може на странката да и’ го одложи плаќањето на таксата се до донесувањето на одлуката или да и’ дозволи плаќање на таксата на рати.
Решението за ослободување од плаќање такса, за одлагање на плаќање на такса или за плаќање на рати ја донесува судот по предлог на странката во рок од пет дена од денот на поднесениот предлог во судот.
Кон предлогот странката приложува доказ издаден од надлежен орган за имотната состојба која се утврдува врз основа на податоците за приходи по сите основи на тоа лице, како и на членовите на неговото домаќинство со кои живее, и изјава за неговата материјално-социјална состојба за период од шест месеца пред доставувањето на предлогот.
Член 14
Решението за ослободување од плаќање на такса се донесува посебно за секоја таксена обврска.
Решението за ослободување од такса судот ќе го укине во текот на постапката ако утврди дека странката е во состојба да ја плати таксата. Притоа, судот ќе одлучи дали странката во потполност или делумно ќе ја плати таксата од која порано била ослободена.
Член 15
Ослободувањето од плаќање такса се однесува само на лице на кое му е признато ослободувањето.
Кога повеќе лица заеднички ќе предадат поднесок или заеднички ќе преземат дејствие во постапката, а едно или повеќе од нив се ослободени од плаќање на такса, лицето кое не е ослободено е должно да ја плати таксата, како да нема ослободени лица, освен во случаите на формалното сопарничарство.
Член 16
Ако странката која е ослободена од плаќање на такса, успее во постапката,таксите што е должна да ги плати, ги плаќа странката која не е ослободена и тоа во сразмер во кој ослободената странка успеала во постапката. Ако меѓу странката ослободена од плаќање на такса и странката која не е ослободена постапката заврши со склучување на судско порамнување, странката која не е ослободена плаќа 50% од износот на таксата за порамнување. Кога постојат услови од членот 168 став (4) на Законот за парничната постапка (,,Службен весник на Република Македонија" број 79/2005 и 110/2008),
судот може да ја наплати таксата од странката која е ослободена од плаќање на такса без оглед на одредбата од ставот (1) на овој член.
Член 17
Кога во постапката учествува лице ослободено од плаќање такса и лице кое не е ослободено, судот е должен да води попис на таксите што би требало да ги плати ослободеното лице.
Пописот на таксите се заклучува по завршување на постаката, ако постапката се заврши на начинот предвиден во членот 16 од овој закон, судот ќе му издаде налог за плаќање такса на лицето кое е должно да ја плати таксата.
Член 27
Ако судот прими поднесок од странка, за кој не е платена такса или таксата не е платена целосно, или ако странката не доставила потврда за платената такса која се плаќа во готови пари, судот на подносителот ќе му достави налог за плаќање на таксата со укажување дека е должен да ја плати во рок од пет дена од денот на приемот на налогот и воедно ќе ја предупреди странката за последиците од неплаќање на таксата. Во овој случај странката плаќа такса и за доставениот налог за плаќање.
Одредбите од ставот (1) на овој член не се однесуваат на такса за тужба во парнична постапка. Нецелосно платена такса за тужба во парнична постапка се смета за неплатена такса.