ПО СОБОРУВАЊЕТО РУСКИ БОМБАРДЕР
Физичарите: И Турција и Русија лажат за авионот, обете сценарија се научно невозможни (ВИДЕО)
Д-р Том ван Дорслер и д-р Џовани Лапента од Католичкиот универзитет во Ловен велат дека авионот летал премногу брзо за да биде точна турската теза и не би можел да сврти за 90 степени, како што велат Русите.
Двајца белгиски астрофизичари ги доведоа во прашање обете официјални тврдења, и на Турците и на Русите, за тоа како во вторникот Турција го собори рускиот воен авион.
Пишувајќи на
блогот на својот универзитет, д-р Том ван Дорслер и д-р Џовани Лапента велат дека авионот не би можел да падне на начинот на кој двете земји велат дека паднал.
Рускиот воен авион во вторникот беше соборен од турските власти и се урна неколку километри во внатрешноста на Сирија.
Турција соопшти дека пред да пука, им дала на Русите 10 предупредувања дека го прекршуваат нејзиниот воздушен простор, но Русија ги отфрли овие тврдења како „глупости“.
Откако го гледале видеото од инцидентот што беше објавено на интернет, Ван Дорслер и Лапента велат дека според нивните пресметки авионот летал побрзо отколку што вели Турција.
Турција рече дека авионот бил во нејзиниот воздушен простор 17 секунди, но физичарите заклучиле дека кога се патува со брзина од 980 км / ч, авионот би ја преминал територијата за само седум секунди.
Според ова, тие велат дека е многу малку веројатно тие да пратиле десет предупредувања во цели пет минути, бидејќи авион што се движи со таа брзина може да премине 80 километри за 80 секунди.
Тие велат: „Како можеле турските воздушни сили да предвидат дека руските авиони ќе влезат во турскиот воздушен простор? Воените авиони доста лесно маневрираат и теоретски руските авиони можеле да свртат во последен момент за да го избегнат турскиот воздушен простор.“
„Предупредувањата пратени до руските пилоти биле чиста шпекулација во моментот кога биле праќани.“
Но тие не мислат ни дека руските власти биле целосно искрени.
Русија тврди дека авионот свртел за 90 степени откако бил погоден и дека активно се обидувал да го избегне турскиот воздушен простор.
Физичарите објаснуваат дека на таа брзина „промена на курсот за 90 степени може да се постигне само со предмет што е многу пати потежок или побрз од млазниот авион.“
Мапа објавена од руските власти што покажува на кое место авионот наводно свртел за 90 степени
Тие заклучуваат: „Според нашите пресметки, јасно е дека и приказната на Турција и таа на Русија треба да се примат со скепса.
„Процените го ограничуваат прекршувањето на турскиот воздушен простор на максимум 10 секунди. Тврдењата на Русија не одговараат на законите на механиката.“