Moeto razbiranje, od zbor do zbor, od peroto Andonovsko

Jas se izvinuvam shto stavam ovde ama moram. Ako smeta, izbrisete go.
ВЕНКО АНДОНОВСКИ
Пред некоја седмица, патувајќи со воз на релација Скопје - Битола - Скопје (ќе видите зошто не сакам да кажам во кој правец), сретнав една група млади луѓе: имаа околу дваесет години, студенти. Од дискрециски причини, нема да кажам на кој универзитет, на кој факултет и во кој град. Бев сам во купето на возот, а возот само што не беше тргнал, кога се појавија тие: две девојки и три момчиња. Влегоа во купето, прашаа дали е слободно, јас реков дека е слободно и седнаа. Читав една книга, носев очила и тоа веројатно им беше доволна гаранција дека ќе имаат човек кој нема да им додева. Дека ќе бидат сами. Затоа што возовите се непредвидлива работа: често се случува да сакаш да бидеш сам, ама да налеташ на некој муабетчија и - толку од твојата самотија.
И слушнав што слушнав, оти човек и кога чита ушите му се слободни: а еве што слушнав, да чуете и вие драги мои, како мисли и размислува младата генерација. Предавањата редовно им доцнеле, некој професор не доаѓал воопшто на предавања, а кога ќе се појавел, кога ќе му текне, тогаш водел евиденција со плус и минус, па на крајот од семестарот не им давал потписи на оние кои биле нередовни! Тој некој бил опасен, кај него не можел да се положи никако испитот, најмалку по пет-шест пати се полагало. Едно момче вели: како може од деведесет кандидати во септември да положат само седум? Па, не е тоа атомска физика, не сме ретардирани, факултетот не запишува малоумни. Ако си женско, за на испит си требал да облечеш мини "уз врат", како ролка, па додека одговараш малку да ги рашириш нозете, а не да ги скрстуваш ниту да ги стегаш. Ако ги стегнеш нозете, тој велел: "Опуштете се колешке, што сте се стегнале, ако сакате дојдете утре сама, ќе се опуштите повеќе". Ако ги скрстуваш, требало одвреме-навреме да ги менуваш нозете, односно да му дадеш шанса, додека ги прекрстуваш, да ѕирне малку, да види што боја и модел танга носиш, вели една од девојките. Закажувал и на студентки, сама по сама, испит по 20 часот. Ко вечерно кино. А во статутот на факултетот стоело: не смее да се изведува испит очи в очи, професор и студент, требало најмалку уште двајца сведоци на испитот. Па, уште и ги враќал, оти им велел: "Колешке, не сте сега баш најподготвена, не сте ми доволно опуштена, ајде утревечер дојдете пак во 20 часот". Па, уште и додавал, како на шега: "Момчето нема да ви се лути, нели?" Ако си машко, требало да ставиш нешто во индексот. Ама не буквално: имало точна процедура како се прави тоа, како што бил точно познат и "ценовникот" за испитот. Тоа ти било јавна тајна меѓу студентите, а постоел точно определен човек, студент од студентската организација, преку кој одело плаќањето. Тој, пак, земал процент за тоа. Ги слушам и веќе не можам да читам, силен срам ме фаќа мене и црвенило ми го облева лицето; овие деца (деца се за мене, да сум ги правел на дваесет години би ми биле синови и ќерки, без разлика што јас се занесувам и се чувствувам млад!) не можат ниту да претпостават дека разговараат за мојата професија; не можат ниту да претпостават дека сум професор на Универзитет, затоа што јас сум така облечен, за во воз: фармерки, патики и џемпер. Само книгата би можела да им асоцира дека сум некој од тие кои ги опишуваат.
Но, тие не ме есапат, како да не сум тука. Едната од девојките кажува дека тој Ј закажувал и надвор од факултетот, да пијат кафе. Ама не во градот каде што е факултетот, туку во друг, соседен град. Отишла. Седнале во некое кафуле во другиот град каде што се собираат млади. Ґ кажувал колку тежок живот имал: од некое село, каде што бил козарче, со помош на државата и стипендиите, станал тоа што е денес А денес е тој - Бог, голем човек, на папата му е рамен! А таа си помислила: "Боже, каков сељак е со тие Клерк Гебл мустаќиња, и од устата му труе постојано, забите не ги мие, жолти му се, зар стварно мисли дека со тоа што се преселил од село и станал професор - станал и граѓанин?" Пиеле вотка, тој Ј нудел повеќе, таа прифаќала, тој ги озборувал сите други колеги на факултетот, потоа зборувал за тоа како е несреќно женет, за на крај да Ј ја стави раката над коленото, а девојката носела мини. Поднапиен веќе, безбеден во туѓ град, заштитен од жена му, Ј рекол дека личи на преубаво проститутче, да не го речам вистинскиот збор за "проститутче", нека ви текне сам зборот. Таа му влепила шлаканица и изгубила две години на факултетот поради неговиот испит. Положила дури по две години, комисиски, со надгласување во комисијата, во која, против статутот на факултетот, член бил и тој: положила со 2:1.
Мене веќе крвта ми вриеше. Ја оставив книгата и зедов весник. Мислев дека ако се зачитам во дневнополитичките глупости, ќе престанам да го слушам она што тие три момчиња и две девојки, во цутот на својата младост, на прагот на Европа и своите идеали и копнежи за кариера, го зборуваат за нашите професори, за нашиот морал, за нашата држава. И, наместо да се оддалечам од гнасотијата, јас на прва страница налетувам на нова поганштија и се опоганувам: Љубчо Георгиевски пријавил што имал од имот. Парафразирам: три-четири крави, седум-осум овци, пет-шест кокошки. Гледам, читам и не можам да верувам: зар до толку нў потценуваат тие довчерашни селанчиња, кои денес не ќе беа ништо друго освен козарчиња и овчарчиња, ако не им беше магичната измама на политиката и злоупотребата на светите патриотски идеи, само за да ги сменат опинците со чевли, а овчарскиот стап со жезло?! Зар сме ние ретардирани, како што рече она момче што седеше спроти мене и зборуваше за некој друг професор, исто така од некое село дојден, вчера зачевлен, што им продавал свои учебници по петстотини денари на студентите, и ако не си купел, немало шанси да те "пушти" на испит? Па Љубчо, тогашен Љупчо, студираше книжевност, на истиот факултет, беше две години генерација по мене, знам што мајтап се играа сите со него и сите го знаат што мостра е, па сега ни враќа на сите што сме биле и што сме се правеле паметни, коитус со здравиот ум наш си прави со овците, кокошките и кравите што ги пријавува како движен и недвижен имот!
Така и ни треба, кога ние, што се правевме умни, целата моја (де)генерација, дозволивме такви како оној професор од козарчиња да станат луѓе. И такви како Љубчо да ни станат премиери. Ние сме виновни, мојата (де)генерација, оти демонтиравме сў од старата држава (во затвор одеа тие како професорот од возот без око да им трепне на тие од шпионската УДБА, ама сега ни УДБА ни судба има); демонтиравме сў, за да живееме сега во беда, мизерија и гној. Во диктатура на скорозачевлени. Не, не барам јас УДБА пак, да се разбереме, оти таа и натаму си постои, но под друго име. Стап барам, демократски стап за оние кои го заслужуваат. Оти без стап нема морал кај овој народ.
И читам, на втората страница од весникот, додека оние млади, генерација нова, сў уште зборуваат за монструмот со мустаќиња како Клерк Гебл, од некое село кое ни на карта не можеш да го најдеш, читам: Америка нў поддржува, и Европа нў поддржува, па си мислам: знае ли таа Америка (умна земја е), и таа Европа дали знае (и таа е умница), кого всушност пријателски поддржува?! Ги поддржува тие како тој наш Клерк Гебл од Долно Дупени ли, од Кривогаштани ли, козарче што голем човек станало, па сега душата им ја вади на сите околу себе, посилен од цар, насилник обичен. А и кози веќе нема, само заради тоа што козарите станаа професори.
И што ќе ни е да нў поддржуваат, кога ние самите не сме го истребиле каколот од житото? Кој ќе го стори тоа за нас ако не ние самите, овде?
Ете, толку. Само уште крајот ви го должам, драги мои. Одеднаш, се отвора вратата од купето, влегува кондуктерот, вели "Билети молам", и ме погледнува. Го знам, пријател ми е од Скопје. Ме гледа Ј вели: "Професоре, како си бре, професоре?". И на тој збор негов, во следниот миг оние петмина замолчуваат, се вцрвуваат (наместо јас да се вцрвам) и ги даваат билетите на преглед. А јас се заколнувам дека штом кондуктерот ми го врати билетот, ќе си го сменам купето.
Така веројатно, многу скоро ќе постапам и со државата.
(Авторот е професор на Филолошки факултет)