На концертот во арената Борис Трајковски
Жељко Самарџиќ ја испеа Анѓеле мој за Тоше
Во салата Борис Трајковски во петокот (22-ри октомври 2010-та) се случи вистинска журка со балканската поп ѕвезда Жељко Самарџиќ, на неговиот долгоочекуван солистички концерт во Скопје.
Стариот шармер ја полуде публиката со своите бројни хитови, испеа околу триесеттина песни и по три часа дружење публиката го бараше назад, не сакаше да се раздели од него.
Концертот беше поделен во два дела - во првиот побавните Све је сурово, Да ме није, Живи били па видјели, Љубавна адреса, Грлица, Jедном кад нам доѓу седе, Ако одеш, а во вториот блок побрзите Дали си икад волео жену, Немам ја толико кофера, Ловац на потезу, Могу још да полудим, Безобразно су зелене, Живим у близини, Права љубав године не броји.
По првиот блок тој се одмори, додека на сцена гостите ги забавуваше новосадска електро-атракција, кои му биле гости и на концертот во сараевската сала Зетра. Кон средина на вториот блок ја запеа песната Анѓеле мој и се доближи до видеобимот на кој се прикажуваа фотографии од Тоше, нивни заеднички фотографии, а потоа ја запеа и познатата Цреша на српски јазик (Још и данас замирише трешња). Ја испеа само до половина, за да веднаш се префрли на своите песни...
Тоше беше еден и единствен рече Жељко, кој својот хонорар од овој концерт ќе го намени за Фондацијата Тоше Проески.
Едно време Самарџиќ испеа сплет од македонските традиционални песни Како што е таа чаша, Ако умрам ил загинам и Македонско девојче, а публиката почна уште побурно да реагира, да танцува и дури да се качува и по столици. Атмосферата тогаш кулминираше, а истата еуфорија се повтори на последната песна Љубавник. Се врати на бис каде повторно испеа три од своите еднаш веќе испеани песни на овој концерт.
Жељко Самарџиќ во Македонија дојде после цели пет години. Неговите претходно најавувани концерти неколку пати беа одложувани. Но македонските фанови конечно го дочекаа присуството на човекот кој што многумина го окарактеризираа како пејач за сите времиња.
Инаку, тој зад себе, за 30 години присуство на естрадата, има 16 носачи на звук и изданија кои се продадени во 2.5 милиони примероци. Со одржани 1.300 концерти, снимени 16 видео-спотови, освоени 45 награди и 42 хуманитарни настапи, мостарскиот џентлмен со белградска адреса е миленик на целата публика на бившите JУ-републики. Неговиот последен, 12. студиски албум е насловен Којим добром мила моја, како што всушност е насловена и оваа турнеја.
За атмосферата во салата се погрижи и фирмата Месер со специјални димни ефекти и бројните балони.
Организатор на концертот е Мјузик стар од Белград и Октопуси ентертејмент од Скопје, но Жељко ја искористи шансата да го поздрави и неговиот поранешен менаџер во Македонија - Милорад Цаиќ - Цајо, но и присутниот Велибор Џаровски (кому ќе му биде следен гостин во Џаро плац на Канал 5).
И, сите се прашуваа што се случи со младата и деколтирана русокоса која цело време од првиот ред со страст го гледаше стариот шармер, а потоа на еден од неговите асистенти му запиша телефонски број, а по концертот и потрча зад сцената да се сретне со Самарџиќ. Журката во Борис Трајковски продолжи со диџеи.