iPhone 3gs
iPhone 3GS до денешниот ден 17.09.2009 е топ производот што Apple имаат да го понудат на пазарот за мобилни уреди. Целата приказна започна со iPhone 2G во 2007 година, кога Стив Џобс спектакуларно го најави како револуционерен производ кој засекогаш ќе ја смени перспективата и начинот на користењето на мобилните телефони. Неколку месеци потоа се појави iPhone 3G, а во Јули 2009 се појави и iPhone 3GS.
Споредено со другите топ уреди од останатите производители на мобилни телефони iPhone 3GS нуди одрдедени придобивки, но поседува и одредени недостатоци кои реално се и доста смешни и глупави. Но да почнеме од почеток.
Екран. Кога се појави во 2007 година iPhone 2G имаше еден од најдобрите екрани на пазарот во тој момент. Резолуцијата од 480х320 пискели на 196dpi беше и повеќе од доволна. Од 2007 до денешниот модел iPhone 3GS, екранот останува речиси ист во поглед на резолуцијата и квалитетот, подобрена е само заднинската осветленост и контрастот. Генерално екранот е одличен во поглед на правилното прикажување на боите, контрастот, осветленоста и оштрината на прикажаните објекти.
Стандардниот десктоп што се појавува веднаш по отклучување на телефонот
Осетливоста на екранот на допир. Тука секоја дискусија е непотребна. Моментално не постои уред на пазарот што може да го победи iPhone во овој сегмент. Тука iPhone е цар кој владее на тронот од 2007 до денес. Одлично осмислениот кориснички интерфејс во комбинација со фантастичниот капацитивен екран на допир го прават iPhone да биде супериорен.
Почетен екран, пред да го отклучите телефонот
Брзина. iPhone 3GS е најбрзиот iPhone произведен досега. Според неофицијалните гласини iPhone 3GS поседува ARM Cortex A8 600 MHz процесор кој всушност има работна фреквенција на 800MHz, но заради потребите на iPhone за подобра искористеност на батеријата и загревањето овој процесор од 800MHz е „успорен“ на 600MHz. Сепак процесорот солидно си ја извршува работата и неможе да му се најде баш никаква забелешка. Апликациите ги отвара молскавично, игрите и сличните мултимедијални апликации едноставно „летаат“ и е вистинско задоволство да се користат. За графичкиот дел во iPhone 3GS задолжен е PowerVR SGX чипот кој во комбинација со процесорот вршат фантомски добра работа во поглед на искористување на потенцијалот на сите најнови апликации и игрици развиени за iPhone 3GS и iPod Touch.
iPhone 3GS
Батерија. Е тука е полето каде што се водат најголемите битки. Со појавата на iPhone 3GS и оперативниот систем 3.0 за iPhone, издржливоста на батеријата беше навистина бедна. Од полнење до полнење максималното време што можеше да се исцеди од батеријата беше 24 часа. А, доколку пак го користите телефонот постојано за да проверите е-маил или да изиграте игрица, батеријата ќе се исцедеше за 8-10 часа. Но, со објавувањето на 3.01 и неодамнешната надградба на 3.1 софтверот за iPhone, приказната се смени во целост. Сега циклусот за полнење на батеријата со нормално користење е 48-50 часа, а доколку го користите iPhone 3GS само како телефон и читач на е-маил, батеријата може да истера и 3-4 дена. Тоа е веќе солидно. Сепак самиот телефон има огромен број на апликации и опции кои сами по себе влечат доста од капацитетот на батеријата, а да не го заборавиме и огромниот екран на допир кој се разбира дека не работи на воздух. На крај можам да кажам дека со последниот фирмвер на iPhone 3GS, 3.1 проблемите со животниот век на батеријата се минато.
Дизајнот е беспрекорен
Загревање. Уште на почетокот ќе кажам iPhone 3GS не грее ништо повеќе од било која Nokia, HTC, Sony Erricsson и сл. Информациите што проструија на интернет дека iPhone 3GS прегревал и правел разно разни проблеми заради тоа, јас лично ама воопшто не ги осетив. Точно е дека iPhone 3GS со стариот фирмвер 3.0 многу брзо ја трошеше батеријата, а со тоа и доста се затоплуваше, но не до степенот телефонот да биде неупотреблив. Единствениот трик за да го загреете iPhone 3GS во тоа време беше да ја пуштите матичната Google Maps апликацијата што iPhone 3GS ја има вградено фабрички и да ја пуштите преку 3G интернетот да ве лоцира и да ве следи постојано додека се движите. Тоа го правеше iPhone 3GS навистина топол за држење во рака, но пак ќе нагласам тоа беше сосема во нормални рамки. Со новиот фирмвер 3.1 тој проблем веќе го нема. Значи да резимираме iPhone 3GS не грее!
Внесување текст. Виртуелната тастатура што iPhone 3GS ја има е фантастична. Чувството е неповтроливо. Кога за прв пат ќе се обидете да внесете текст, тоа може да биде доста збунувачки, но после вториот-третиот пат веќе можете да утипкате цела СМС порака без да заглавите барајќи некоја буква или сл. Значи недостатокот на физичка QWERTY тастатура е занемарлив мал затоа што виртуелната on-screen тастатура си ја извршува работата безпрекорно.
Тастатурата во protrait положба на екранот
3G, Wi-Fi, EDGE… Можеби ќе звучи како клише, но навистина на било која од овие мрежи да користите интернет iPhone 3GS ќе ви биде секогаш на висината на задачата што сте му ја задале. Се разбира брзините помеѓу 3G и EDGE неможе да се споредат, но доколку користите некоја од овие мрежи додека сте надвор од Wi-Fi подрачје нема да имате никаков проблем. За Wi-Fi конективноста ќе кажам само ОДЛИЧНО. Само зададете му на iPhone 3GS access point внесете ја лозинката за WEP заштитата или сл. заштита и заборавете дека тоа ќе треба да го правите повторно. iPhone 3GS има интелегентен алгоритам на детектирање на достапноста на интернет конекциите така што тој секогаш проверува дали има на располагање достапна Wi-Fi мрежа, доколку таа ја нема се префрла на 3G, доколку и тоа не е достапно се префрла на EDGE. Секоја од овие опции може да се вклучи или исклучи во ваша желба.
Bluetooth. Јас го имам iPhone 3GS веќе 2 месеци, и да бидам искрен Bluetooth-от го немам употребено ниту еднаш. Bluetooth може да користите само за да поврзете слушалки или екстерна тастатура, а од неодамна има и некој софтвер Bluetooth Photo Share, кој можете бесплатно да го симнете од iTunes со кој ќе можете да испраќате и примате слики со речиси сите останати телефони.
Е-маил, Safari. Е-маил клиентот што го има iPhone 3GS е идентичен со било кој десктоп е-маил клиент што може да го користите. Ги има сите протоколи за поставување на секаков тип на емаил сервиси. Таквиот емаил клиент во комбинација со опцијата Fetch (која го проверува вашето емаил садаче на временски интервал што вие ќе го зададете) и опцијата Push (која ве информира дека имате нова емаил порака веднаш штом истата пристигнала на вашиот емаил) го прават iPhone 3GS одличен во поглед на мобилноста и практичноста.
Положба на тастатурата во landscape позиција
Интернет прелистувачот што стандардно доаѓа со iPhone 3GS е Safari. Брзината и квалитетот на приказ на содржините е брз и практичен. Зумирањето на содржините од веб страните веројатно сите веќе го знаат и познато е како се изведува, така што користењето на Safari за сурфање по интернет е солидно. Голема маана на Safari е што нема Flash поддршка.
iPhone 3GS
Фотографии, Камера. Фото камерата што ја поседува iPhone 3GS е со солидни 3,15mpx. Не е најдобрата што можете да ја најдете на пазарот, но е на висина на задачата. Интерфејсот за користење на камерата е многу едноставен. Притискаш на иконата за камерата, камерата се активира, го насочуваш кон објектот што сакаш да фотографираш, го допираш екранот каде што сакаш да фокусираш и сликаш. Ова можеби излгледа премногу комплицирано за да се објасни со зборови, но во пракса е исклучително едноставно. Видео клиповите што ги снима iPhone 3GS се одлични во поглед на квалитетот на снимката и fps (фрејмови-слики, во секунда). Големината на сликата од видео записот е 640×480 пиксели на 30fps, што е на нивото на една просечна видео камера која можете да ја најдете на пазарот. Едноставно кажано снимката што ја „вади“ камерата на iPhone 3GS е кристално чиста (доколку снимате во нормално осветелна просторија) и движењата на објектите што ги сликате се глатки и без никакви прекини. Самата камера има автоматска корекција на белата боја во зависност од изворот на светлината (собна сијалица, сонце, неонка). Најголемата маана на iPhone 3GS е што нема екстерен блиц или светилка со која ќе можете да снимате клипови или сликате слики во темни простории или при слаба осветленост.
Фото сликано на собна светлина
Телефон, видео повици. iPhone 3GS пред се е мобилен телефон. Сите опции што треба да ги поседува еден мобилен телефон кај iPhone 3GS се многу интересно решени. Доколку сакате мануелно да внесете некој телефонски број, ја одбирате опцијата за мануелно внесување на телефонскки број од дното на екранот и ви се појавува панел на кој ги имате броевите за внесување на телефонскиот број и едно големо зелено копче на кое пишува CALL. Просто и едноставно. Останатите опции што стандардно доаѓаат во пакет тука се можноста за проверка на говорната пошта и телефонскиот именик. За нив немам никаква критика, затоа што се решени на начин на кој што функционира целиот интерфејс на iPhone 3GS.
Телефонскиот панел
Најголемата маана на iPhone 3GS е не поседувањето на челна видео камера (камера од страната на екранот) со која ќе може да се снимате додека извршувате видео повик. Незнам зашто, едноставно таа не постои. Доколку сакате да остварите видео повик, ќе треба или вие да го гледате соговорникот на вашиот екран, а тој да не гледа ништо од вас, или соговорникот да ве гледа вас а вие да глеадате во јаболчето од задната страна на телефонот. Можеби ќе звучи смешно, но искрено јас до сега не успеав да откријам како воошто да остварам видео повик на мрежата на T-Mobile Македонија со помош на iPhone 3GS.
Гласовна пошта
А, да на крај да не заборавам да кажам дека кога јас го купив iPhone 3GS, го добив во мала бела кутија во која имаше упатство за користење, УСБ кабел и полнач на кој може да се приклучи УСБ кабелот за да се полни телефонот, и две налепници со логото на Apple.
iPhone 3GS задна страна
Па толку засега од мене, се надевам дека успеав добро да ви го презентирам iPhone 3GS од моја гледна точка, и се надевам дека оваа статија ќе ви помогне околу тоа дали ќе купите или нема да купите iPhone 3GS во иднина.
рецензијата е објавена и на
www.automotiv8.net