Ова со работничките во Штип, има доста поголема тежина и далеку ја надминува субјективноста на темава, но од веќе отворените теми, можеби технички, според мене, највеќе одговараше тука да се стави.
По алармот на очајните работнички во Штип
Курви, ороспии, магарици, крави! Вреди ли да се трпи вулгарниот шеф за мизерни 100 евра?
Зошто ли го премолчуваат ова? Вреди ли да да се трпи сиот страв од озлогласениот, вулгарен шеф, од газдата што утре може да ги избрка на улица, да ги остави без лебот и маргаринот штипските шивачки ако решат да проговорат јавно и отворено?
Вреди ли да се трпи тоа за мизерни 100 евра? На 1001 прашање, ниту еден разумен одговор, откако на социјалните мрежи беше обелоденето во каква ненормална, понижувачка атмосфера работат работнички во модна конфекција во Штип. Под притисок на неискултивиран, вулгарен, нечовечен, но моќен шеф работничките секојдневно трпат тортура, навреди. Некој помоќен од овој невоспитан раководител му дал право да малтретира. И затоа немоќните работнички молчат од страв, со исклучок на една која неодамна седна и напиша анонимно писмо за шокантната атмосфера во модната штипска конфекција. Писмото со денови се вртеше на социјалните мрежи, собираше лајкови и секакви коментари. Имаше и сомнежи дали е тоа веродостојно? Или пак, можеби е нечесен потег на конкуренцијата за да ѝ наштети на модната конфекција.
Писмото е веродостојно. Тоа го дознавме во потрага на работничката што се осмели да напише за мобингот во својата фирма со надеж дека некој од надлежните и платени инспектори во име на својата служба и државна и сигурна плата ќе се заинтересира за шефот што своите колешки ги нарекува „курви, крави, магарици....“ Писмото не е измислено. Дека зад очајниот повик на штипските работнички „Луѓе помогнте ни“ стои освестена, но не доволно храбра работничка ни потврди и
Димитар Апасиев, претседател на граѓанското движење за социјална правда
ЛЕНКА, единствените што се заинтересирале за да го испитаат мобингот во модната конфекција (освен медиумите).
Во посочената модна конфекција наидовме на ѕид: „Ве молиме немојте да нè прашувате, ќе нè испудат“!!....
Во Трудовиот инспекторат ги затекнавме во преголема гужва – сите инспектори биле на терен!
Во синдикатот (ССМ), пак, ни дадоа одговор што само уште еднаш ни потврди дека во македонската битка за социјална правда со години ништо не се менува – сите сакаме правда, ама ако може комшијата да ни ја сервира на тацна!
Анѓелко Анѓелковски, претседател на синдикатот на текстилните работници, ни објасни дека не можат да помогнат во случајов, ниту да ја ангажираат синдикалната правна служба, ниту канцеларијата за мобинг. Малтретираните работнички не членувале во нивната синдикална организација.
Од околу 80 модни конфекции во Штип, ниту една не членува во синдикатот на текстилците, објаснува нивниот претседател.
И што да се прави со вулгарниот и неискултивиран шеф?
Да беше во некоја западноевропска модна конфекција, досега работничките ќе го распнеа – не само на столбот на срамот. Ваквите таму не виреат долго.
Кое е вистинското место во Македонија каде што може да се пријави и да се санкционира мобингот? По сите силни кампањи „Пријавете вознемирување“, „Пријавете мобинг“, „Пријавете шиканирање“ работничките во штипските конфекции не успеаја да најдат посигурно место од Фејсбук за да ги кажат своите маки!
Вреди ли да се истрпи сиот страв од озлогласениот шеф, од газдата што утре може да ги избрка на улица, да ги остави без лебот и маргаринот овие работнички ако решат да проговорат јавно и отворено?
Вреди ли да се трпи тоа за мизерни 100 евра? Вреди ли за која било сума, со не знам колку нули?
На оваа тема, за очајничкиот повик на штипските работнички, разговаравме со
Димитар Апасиев, претседател на
ЛЕНКА, невладината организација за социјална правда:
Следува:
Како клетниците што работат за мизерни 100 евра да се изборат за правда кога инспекторите се продаваат за обичен ручек во кафеана!
Стојанка Митреска