Како ја доживувате нашата Македонија овие 20 години?
Бев последна генерација Титов пионер, на првиот школски ден се колневме во Тито и во Југославија со свечена заклетва. Првите две години од учебната година бевме Југославени, имаше слики од Тито во училницата, постарите сеуште раскажуваа за неговата смрт, за неговата цврстина во водењето на многу народи, за неговата улога во нашите животи. Како деца не се разбиравме во политика, имаше само една телевизија која кажуваше колку прекрасно живееме на овие простори. Наеднаш одекна силна вест: Загина Сашко Гешовски војник од Кавадарци кој служеше во ЈНА. Првата жртва на грозоморната војна која се случи на Балканот. Почна војна се слушна од постарите. Седевме скупчени пред телевизорот и немо гледавме што се случува. Вестите кој одекнуваа од случувањата беа страшни, Хрвати, Срби и Словенци почнаа да се убиваат. Луѓето во Македонија кој имаа синови на служење воен рок панично почнаа да бараат врски, луѓе и пријатели за да си ги донесат децата дома. Од школските ученици заминаа сите оние кој имаа татко со воен чин, мислеа дека војната ќе запре па си ја повлекоа фамилијата во Босна. И Босна се „запали“, помисливме дека ние сме на ред. Панично се преселуваше населението, жешки телефони со соседите за да се дознае информација за роднините. Македонските војници беа повикани да ја напуштат ЈНА, но немаше начин како тоа да се изведе. Некои се вратија, некои загинаа под туѓо знаме, некои оболеа од стрес, некои се пореметија.
Се сеќавам како денес кога Киро Глигоров објави дека Македонија станува независна држава и ги затвора границите со Србија. Од една страна се радувавме, од друга страна ни беше страв да не не нападнат.
За среќа не бевме на мапата за освојување, така да слободно форимиравме држава. Со песна на плоштад, целото раководство со честитки за независноста. Од оваа перспектива се прашувам какви биле емоциите на повозрасните, дали воопшто сфаќаа што значи независност, дали и воопшто ја сакаа таа независност.
Војната продолжи да беснее, а ние градевме држава од нула. Немавме валута, моите земаа плата од милијарда динари, немавме систем, ниту закони. Гувернер беше Љубе Трпевски на кого треба да му се изрази посебна заслуга за воведувањето на валутата и градењето на финансискиот дел на Македонија. Се напиша Устав, се ставија закони се создаде НБРМ и почна признавањето на Македонија како држава. Се поделија на две партии и 20 години политички се држат на истата шема.
Како беше овие 20 години мислам дека сите многу добро знаеме.
Кои се чувствата што ги имате кон ова парче земја?
Чувствата ми се измешани. Некогаш го колнам денот што овде сум се родила, а некогаш го благословувам. Имаме прекрасна држава со многу малку население. Го имаме најубавиот град на светот Охрид, најубавата клима, почва за земјоделски производи, вода за пиење.
Но благодарение на економската клима се тоа станува каша попара.
Кажете збор - два за Македонија!
Една и единствена на свет! Друга и со боринче да бараме нема и неможе да биде како нас.
Напишети ги вашите емоции кон татковината, оставете некоја убава мисла за кревање на националното чувство.
20 години не поминавме низ трња и јадење камења за некој да ни ја уништи! Чувајте ја за век и векови!