Како Рацин ја љубеше оваа земја
Венци или ордени,
На поетовиот гроб на Лопушник
Ставете добри луѓе...
Рацин беше оној кој ја љубеше оваа земја!
Од него грее невидливиот пламен на слободата.
Дали го познававте него?
Дали го сакавте поетот на црниот труд?
Дали заборавивте дека живееше како молња?
И со него сјаеше сонцето,
Но не исто како сега...
И со него светеа ѕвездите,
Но не исто како сега!
И тој ја сакаше родината,
Но не исто како сега...
Нашите баби, дедовци,
Го чекаа утрото да се буди,
Но не исто како сега!
Нашите баби, дедовци,
Современици на великиот поет
Беа вечни страдалници,
Сакаа еднаквост, правда,
Но не исто како сега...
Не исто.
Ни венци, ни ордени,
На нивниот уморен сон,
На нимните немирни срца,
Ќе немаше ни во песните
Ако ти поету, не ја испеа
Песната над песните за маката и болката
Како што столетниот даб
Шуми од ветрот,
Прекрасен шум на тажна мелодија,
Оној шум од плачот на селската мака,
Оној прекрасен шум од ветерот над гробот на Ленка,
Оној прекрасен шум на тажна мелодија,
Од маката и болката,
Оној прекрасен шум од скршените крилца,
Оној шум, плач за човекот кој станал роб-
Човекот кој ја љубеше оваа наша земја,
Венци или ордени, за поетот што ја бакнува напатената земја,
За оној страшен шум,
Кога поетот го слуша во своето срце, дека ќе ги
Снема маките и јадовите.
Оној огнометен шум
Што блеснува од „Белите Мугри“,
Оној шум дека се разденува,
Оној шум од денот на деновите.
Луѓе слободни,
Љубете го писателот на болката и маката,
Како што тој ја љубеше оваа земја,
Ставете венци или ордени на поетовиот гроб,
Сонот негов јаве стана,
Родината негова не е веќе роб.