Мене ме иритира несразмерот меѓу вложениот труд и добиената награда, односно начинот на кој се вреднува трудот. Не тоа што некој има повеќе пари од мене. Дали ме сфаќаш?
Еве, ќе ја земам медицината за пример. Живееме во ужасно лошо време да се биде доктор. Вложуваш години во образование, учиш, се надградуваш, напредуваш, работиш, преземаш огромна одговорност и на крајот од денот сè уште имаш простор да се запрашаш дали сето ова навистина ми се исплати? Сега некој ќе се дрзне да каже тоа е хумана професија. Да, во ред, ама се живее ли од хуманост? Утре детето нема да ти рече, мамо и тато, дајте ми малку хуманост да си купам сладолед. Ќе ти требаат пари, а тие пари мораш да ги заработиш без разлика на тоа колку си хуман и посветен на професијата. Сладоледот е банален пример, секако, ама како што тргнало времето, 150 денари за еден сладолед навистина почнува да биде луксуз.
Ајде, да не биде медицина. Еве ги наставниците. Вложуваш години во образование, се подготвуваш за часови, работиш со деца и преземаш одговорност за нивниот развој и образование, а на крајот од месецот можеби едвај успеваш да ги покриеш сите трошоци. Притоа, од тебе се очекува да бидеш и педагог, и психолог, и авторитет, и човек што ќе ги надомести пропустите на системот. Ама тоа е благородна професија, нели? Епа, благородна е, ама од благородност не се живее.
Еве ги и пожарникарите. Луѓе што го ризикуваат сопствениот живот за да спасат туѓи, што мора да бидат физички подготвени, обучени, дисциплинирани и способни да носат одлуки во ситуации во кои секоја секунда е важна. Нивната работа има огромна општествена вредност, но дали тоа автоматски значи дека се соодветно платени и дека можат безгрижно да си обезбедат пристоен живот? Не нужно. А во некои случаи, келнер може да заработува повеќе од пожарникар. Немам ништо против келнерите, ниту сметам дека нивниот труд треба да биде помалку платен. Напротив, секој треба да биде соодветно платен за својата работа. Но тогаш логично се поставува прашањето, според што го вреднуваме трудот? Според одговорноста, ризикот, годините вложени во образование и општествената корист? Или според сосема други критериуми?
Од друга страна, гледам луѓе кои немаат високо образование, не се особено заинтересирани за општа култура или за дополнително учење, а сепак успеваат финансиски да си обезбедат живот каков што многумина со години образование и работа тешко можат да си дозволат. Некој вози камион, гради куќа, има семејство и живее пристојно. И во тоа нема ништо лошо. Напротив, ако човек чесно си ја работи работата и добро заработува, секоја чест. Но, тогаш пак се враќам на почетното прашање, ако вложувањето во образование, знаење и професионално усовршување не гарантира ни финансиска сигурност, ни пристоен живот, тогаш што точно им порачуваме на младите кога им велиме учи за да не работиш? Зашто реалноста е дека ќе работиш и тоа како ќе работиш. Ќе учиш со години, ќе преземаш одговорност, ќе се усовршуваш и ќе се трудиш да бидеш добар во тоа што го правиш. А на крајот, можеби повторно ќе мораш да пресметуваш дали можеш да си дозволиш нешто што не би требало да претставува луксуз.
И не, не мислам дека сите треба да заработуваат исто, ниту дека човек мора да има факултет за да успее во животот. Мислам дека треба да престанеме да се однесуваме како образованието, трудот и посветеноста автоматски да водат до подобар живот. Не водат секогаш.
Мојот проблем не е што некој има повеќе од мене. Мојот проблем е кога одредени видови труд, и покрај сета одговорност, знаење и вложување што ги бараат, не се вреднуваат соодветно. А кога на тоа ќе му додадеш дека од луѓето што ги работат тие професии постојано се очекува да бидат хумани, посветени и да работат од љубов, тогаш веќе се поставува прашањето дали со тие зборови само ја оправдуваме нивната недоволна материјална вреднуваност.