Јави ми се...
Беше 31 декември 1999 година. Низ Главниот град се чувствуваше новогодишната еуфорија. Некои велеа дека влегуваме во нов милениум, некои го чекаа 21 век, а некои го испраќаа 20.
Така било секогаш и ќе биде. Песимистите чекаат да видат како си заминува годината, а оптимистите чекаат да ја видат новата со надеж дека ќе е поубава.
Некаде пред 12 часот на полноќ, во една темна улица врвеше еден човек облечен во Дедо Мраз. Работата му била таква и тој морал да го носи тој костум за да ги прави луѓето среќни. Неговото име не е битно, ама всушност искрено ни јас не знам како точно се викаше тој Дедо Мраз што врвеше низ таа улица на 31 декември 1999. Пред една видно украсена куќа здогледа едно дете. Негде околу 7 години, можеби и малку помалку би му дал нашиот Дедо Мраз.
- Синко, што сакаш Дедо Мраз да ти донесе за Нова Година? - го праша високиот Дедо Мраз кој беше заборавил дека десната лажна веѓа му се искривила малку па му се откриваше идентитетот.
- Ништо не сакам! - одговори гласно и луто детето.
- А како се викаш ти сине?
- Боби!
- Ах драг мој Боби, зарем не сакаш Дедо Мраз да ти исполни некоја желба? - со смирен тон праша Дедо Мразот.
- Не сакам! Ти не постоиш. - повторно луто одговори детето.
- Немој така да зборуваш сине. - веќе тонот на Дедо Мраз беше проследен со некоја тажна фаца, па продолжи - Немој така да зборуваш, во овој 21 век ти можеби ќе бидеш некој познат астронаут, можеби ќе бидеш одличен математичар или филозоф. Можеби ќе бидеш уметник, ти мора да пораснеш во добра личност.
- Море марш у пизду материну. - само што го кажа ова, детето си замина со трчање и влезе во куќата.
Беше 30 декември 2009та година. Низ улиците на Главниот град се шеташе дечко облечен во костум од Дедо Мраз. Скап е животот, а поскапи се времињата кои следат. Младите луѓе работат за пари. Го искористуваат опортунитетниот трошок и додека студираат работат за да се одржат во живот.
Дедо Мраз три-четири вечери пред Нова Година ги забавуваше децата што ќе поминеа низ маалскиот дуќан. Седеше пред дуќанот со својот плишан ирвас и им се насмевнуваше на луѓето кои поминуваа. А поминуваа дечиња, некои тазе брачни парови, некои пензионери, па дури имаше и луѓе кои поминуваа сами, сите брзајќи негде.
Три - четири вечери пред Нова Година тој Дедо Мраз по цели вечери креваше врева. Се' ќе беше тишина за момент, и на секои 2-3 минути ќе се слушнеше неговото гласно - ОХОХОХОХО, МЕРИ КРИСМАС.
И него го префатила некоја американизација, како и да е, па подобро му звучеше да го кажува тоа на англиски.
Луѓето што живееја во таа улица се лутеа што тој крева врева до полноќ. Се лутеа што не можеле да спијат поради неговата врева, некои му велеа и да си замине, но него тоа му беше работата и за тоа беше платен. Да биде среќен, весел, да пее и да вика и да се смее на глас.
Вечерта на 30 декември 2009та година, една вечер пред Нова Година, низ таа улица помина една девојка. Додека Дедо Мразот ја привршуваше својата песна која ја пееше гласно, негде кон 11 часот, се слушаа неколку пцовки од околните станари. Девојката помина покрај него и застана. Го гледаше малку подолго, па и тој престана со пеењето и исто зјапаше во неа. Не ни се сети дека би била незгодна таа ситуација во која и двајцата зјапаа без да кажат нешто и прв пат се виделе.
- Како се викаш? - го праша таа.
- Боби. Моето презиме не е битно, и онака е смешно. - рече тој со насмевка. Делуваше прилично весело како и секогаш.
- Ми се допадна твојата песна. Можеби сакам пак да наминам од овде.
- Јас сум и утре вечер тука, драга моја! - рече тој и се исправи.
- Ова е малку незгодно, но ми се допаѓаш, а уште не сум те видела, извади го тој костумот.
Боби ги изваде вештачките мустаќи и веѓи и ја изваде белата брада.
- Можеби ми се исполни желбата да добијам нешто убаво за Нова Година. - рече девојката чие име ни раскажувачот не го дозна. - Можеби ти си тој кој ќе го сакам. Ќе те побарам пак, сигурно пред да ја дочекаме новата година која некои велат била секси година, секси бројка.
- Се надевам, јас ќе сум тука и утревечер, побарај ме.
Девојката си замина, исправена како и што дојде, со нејзината шатирана коса која имаше венче и можеби некоја штипка.
Беше 31 декември, 2009та година. Главниот град беше во еуфорија, луѓето брзаа насекаде, а петарди не се слушаа нигде затоа што новите закони си го направија своето. Боби ги пееше вообичаените песни и се смееше на глас. Луѓето повторно негодуваа, сакаа да минат мирно во семеен круг, со некоја нивна музика.
Боби мислеше на девојката и ја чекаше. Како што доаѓаше 12 часот, така тој престануваше да пее и беше тажен. Секоја минута поблизу до 12 часот беше секоја нова тажна црта на неговото лице.
Се надеваше, се надеваше и кога виде дека се ближи 12 часот, се молеше дека тоа не било вистина. Се прашуваше дали и воопшто запознал некоја девојка минатата ноќ. Стрелките чукнаа 12 часот и светот влезе во новата година, секси година за секси бројка, 2010.
Боби се разочара. Неговата девојка не помина.
Го скрши прозорецот од дуќанот и со стаклата си ги исече вените.
Кога падна на земја, во последниот здив, ја виде девојката како трча од крајот на улицата. Поради густиот сообраќај закаснала.
Денес е 3 јануари, 2010та година. На луѓето им недостигаат песните и смеењата на Дедо Мраз. Тие сега ја чувствуваат тишината. Нив сега тишината ги боли повеќе отколку порано. Девојката никогаш не се јави, затоа и раскажувачот не и го знае името, само знае како изгледа. Можеби раскажувачот утре ќе пушти шише со порака, без да го напише нејзиното име, не за да не заприметат за која е, туку навистина не го знаеше нејзиното име.
Велат дека последниот здив што го испушта човековата душа пред да умре тежи 21 грам. Него секој здив што го земаше поблизу до новата година, беше за 21 грам потежок.