Јас сум борец, а не убиец на кошарката!
"Немам ништо против никого во македонската кошарка, освен кон двајцата судии. Сакав да оставам белег, да останам две-три години, но по ова, тоа ќе биде тешко. Зошто сум казнет 18 месеци, да не сум убил некого ?"- вели грчкиот тренер на заминување од Струмица.
Дојде да направи нешто во македонската кошарка, дојде на повик на Панајотис Карапиперис да "ја држи" кошарката во Струмица.
Стратос Кукулекидис направи резултат, особено оној во Супер-лигата. Но поразот во финалето од Купот на Македонија го означи и крајот на неговиот престој во Струмица, во Македонија.
Не можеше да му биде простено уште едно "излетување" и "двобој" со судиите. Доказ за тоа е казната од 10 натпревари од комесарот, но и онаа од 18 месеци која му ја изрече Дисциплинската комисија на КФМ.
Токму тоа е прашањето на кое сега веќе поранешиот прв тренер на Струмица 2005 се обидува да најде одговор.
"Ова е мое последно интервју, не сакам, а и немам што повеќе да кажам.
Испаднав убиец, иако сум борец, поточно роб на кошарката. Целиот свој живот е го посветив на кошарката. И токму поради тоа не можам да прифатам една ваква работа. Како може да бидам казнет со забрана на водење на екипата од 18 месеци? Што сум направил јас за да бидам така казнет. Јас сум само тренер на Струмица 2005, јас носам одлуки кои се на паркетот, а не надвор од него. Не се занимавам со политика бидејќи мојата политика е кошарката. На крајот на краиштата одлуките ги носи раководството на клубот, а не јас. Јас одговорам за резултатите. Ако ги видите резултатите, мислам дека мислењето на јавноста треба да биде друго. Од екипата која беше петта-шеста во ланскиот шампионат, први сме по Супер-лигата, за првпат во својата историја Струмица 2005 играше во финалето на Купот на Македонија"- вели Кукулекидис.
Ви замераат многу за "односот" кон судиите?
"
Многу добро ги знам сите кошаркарски правила и убеден сум дека грешат. Не сите, грев е да кажам така. Но овие двајца што ни судеа во финалето, но и некои претходни натпревари, доста битни за конечниот епилог. Последниот пример.
На девет секунди пред крајот цела екипа на Вардар е на теренот додека играта трае. Знам дека сето тоа се бележи како радост. Но истиот судија Златевски, на последниот натпревар со Работнички, на 13 разлика за нас, на две секунди пред крајот свири чекори на Грнчаров. Едноставно, не е исто, нели? Еднаш се суди, другиот пат не?
Друга работа е дали тие се исплашија од моето присуство во Македонија или, пак, навистина имаат нешто против мене од самиот почеток?
Ме плашеа со технички иако некои други тренери, како на пример Давитков, им се качуваа на врат, а останаа неказнети".
Сето тоа кулминираше во Битола?
"Не гледам моја вина во сето тоа случување. Сакав да го прашам Златевски зошто е така, зошто судеа така, ништо повеќе.
И не е точно тоа дека сум седел додека била интонирана македонската химна. Тоа е невидена лага од некои медиуми. Културно се поздравив со нивниот тренер, асистентот, играчите на Вардар Осигурување, честитав на победата. Стратос Кукулекидис е таков тип на човек, а не каков што сакаат да го прикажат некои. Не сум убиец. Пред се сум борец и ќе продолжам да го работам она што најдобро го знам".
Што по Струмица?
"Искрено, жал ми е што се случи ова. Не го заслуживме. Но искрено, не може никој да ми го украде она што го оставив за овие девет месеци работа во Струмица.
Ги направив моите играчи да бидат поголеми борци од мене. И уверен сум, без оглед на тоа што тие сакаат да останам во клубот, дека ќе ја продолжат битката. Дека од сето ова ќе излезат уште појаки, поцврсти и дека ќе стигнат не само до финалето туку и до титулата"- заклучува Кукулекидис.