Еве што им се случило на Македонската ракометна репрезентација
Македонската ракометна репрезентација патуваше цели 20 часа до Севиља, преку аеродромите во Софија, Рим, Тревизо, за конечно после толку малтретирање да стигнат на местото каде тие ги играат своите натпревари во рамките на Светското првенство.
Славени пред нешто помалку од година дена како национални херои по освоеното петто место на ЕП во Србија, нашите најдобри ракометари добро се измалтретираа за да стигнат до својата конечна дестинација Севиља, каде ќе ги играат средбите од групата Б на Светското првенство.
Ракометарите за Севиља тргнаа во три часот наутро со автобус од Скопје за Софија, каде со лет на нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ заминаа за Рим, од каде тие требаа да фатат авион за својата конечна дестинација.
На испраќање со нив се „сликаа“ и претседателот
Ѓорге Иванов и директорот на Агенцијата за млади и спорт,
Лазар Поповски, а сигурно ќе сакаат тоа да го повторат и доколку
Лазаров и соиграчите направат успех на мундијалот.
Но, прво мораа да го сменат аеродромот, поминувајќи пат од 50 километри до тој од кој со друга нискобуџетна компанија „Рајанер“ требаше да се упатат за Севиља.
Но, со „Рајанер“ се јави проблем со багажот на нашата делегација, кој откако конечно бил разрешен ракометарите наместо во Севиља слетале во Тревизо, привремено, каде по неколку часа чекање повторно полетале, овој пат и дефинитивно кон Шпанија.
Кога пристигнале таму, поради доцнењето не им бил организиран дочек каков што добиваат другите селекции учеснички на СП од страна на домаќинот, што значело ново чекање од околу еден час на превоз до хотелот во кој треба да бидат сместени.
Според некои извори, маките на ракометарите не завршиле тука откако тие не ни ја поминале ноќта во хотелот кој треба да им биде база при настапите во групата Б, туку во друг хотел од кој ќе се преместуваат денеска, што го загрозува и одржувањето на нивниот прв тренинг во Шпанија.
И, на сето тоа единствена помош, покрај аматерската организација на РФМ, им пружил нашиот иселеник
Јосиф Мирчевски, кој живее во Севиља и кој се заангажирал и им нашол сместување на нашите репрезентативци.
Јосиф Мирчевски, кој е творец на веб сајтот
www.osvoijasevilja.com бил најзаслужниот што македонските репрезентативци нашле какво-такво сместување за минатата ноќ, бидејќи во официјалниот хотел треба да преноќат нареднава вечер, а на луѓето од РФМ веројатно им било скапо да платат за екстра ноќ.
„Македонската ракометна федерација пристигна во Севиља вечерва и се смести во привремениот хотел некаде околу 20 часот. Како и секогаш, проблеми со превоз, сместување, но сега засега се добро се заврши. Момците се преморени од долгиот пат, да им посакаме да се одморат најдобро што можат за да можат да ги остават срцата на теренот! Ајде да им покажеме дека цела Македонија е со нив! Огромна благодарност до нашите шпански пријатели Чаро и Маноло со чија помош успеавме по итна постапка да најдеме автобус за играчите, иако работното време на многу превозници беше веќе завршено или автобусите им беа зафатени“.
„На играчите им обезбедивме и сала за да можат да се истегнат малку, но како што излезе времето за тренинг го поминале чекајќи автобус. Исто така, морам од мое име да му се заблагодарам на господинот Антонио Мореља, претседател на ракометниот клуб Дос Ерманас кој без никаков проблем се согласи да ја ослободи салата. За жал, на играчите на клубот не им се исполни желбата да ја видат петтата европска ракометна сила во нивната сала“, вели Мирчевски.
„Без разлика на се ние ќе дадеме се од себе да ја израдуваме Македонија. Затоа ги повикувам сите македонски навивачи кои се во можност да дојдат и да ни ја дадат својата поддршка. Сигурен сум дека нема да зажалите“, вели капитенот на нашиот тим
Кирил Лазаров.