Е па вака, значи еве и јас да се изјаснам....
Како човек премногу мразам сожалување. Тоа ми е на некој начин потценување на некој друг, некако гледање од повисоко, демек: леле греота, сиротиот и така натаму.
На ниеден човек не му е потребно сожалување. Колку и да има проблеми некој човек, сожалувањето од другите луѓе ќе го направи уште понесигурен во себе и ќе направи да се чувствува уште полошо. Наместо да добие поддршка за понатаму, тој добива само жални погледи и зборови од кои се познава сожалувањето.
Лично, мразам да ме сожалуваат. Јас сум човек како и сите други и сакам да имам нормален третман и покрај моите проблеми. И да, се согласувам со реченицата: подобро да ме мразат, отколку да ме сожалуваат. Подобро некој да не ми прави муабет воопшто затоа што не ме сака многу-многу, отколку некој да се дружи со мене или пак да комуницира со мене од сожалување. Бљак!
Има разлика меѓу сочувствување и сожалување. Да се сочувствуваш со болката на другиот и да пробаш да му дадеш поддршка во тие негови тешки моменти е прекрасна и многу човечка постапка, која би требало да биде застапена повеќе кај луѓето. За жал не е, луѓето претежно гледаат како да се исмеваат, да пукаат сеир или да се радуваат на туѓата несреќа.
И за крај, не сожалувам никого. Да сочувствувам со туѓа несреќа или проблем, да - но да сожалувам некој - во никој случај. Има многу луѓе кои имаат трагични приказни или судбини и не заслужуваат да бидат сожалувани.