На 15 јуни, кога сегашново раководство на ВМРО-ДПМНЕ ја имаше закажано прославата среде улица во центарот на Скопје, еве што напишав на „Фејсбук“:
„Во пресрет на вечерашната прослава на 20 години на ДПМНЕ, кога цел центар на Скопје е блокиран како никогаш досега, еве една мала белешка од моја страна. Жал ми е што партијата за која крвавевме, во која ја трошевме младоста, се претвори во свој антипод. Ни најмалку не ни беше намера да се избориме да дојдеме на власт за да гледаме како се злоупотребува власта за да се создава култ на личноста. Не мислевме дека ќе се ретушира историјата, карактеристика на системот и партијата, против кои се боревме. Не сме сонувале дека под изговор оти се засилува патриотизмот, ќе се трошат милиони евра непотребно. Место да се градат патишта и да се инвестира во инфраструктура, четири години се зборува за нешто што допрва треба да се случи... И сега, 20 години на ВМРО-ДПМНЕ слават луѓе што дојдоа од СДСМ, ДА, социјалистите на Ѕинго, Латас, Миленко, Мирка и слични. Слават и Гордана, Миле, Мартин, Ставрески, Маневски... Тие сега со полна уста зборуваат како било пред 20 години кога се формирала партијата. Нека тераат. Народот гледа“.