THE_CHOSEN_ONE
1903-2012
- Член од
- 13 август 2007
- Мислења
- 3.735
- Поени од реакции
- 1.341

„Елит корпорација“ произведува кујнски аспиратори, касети за водовод, табли за електрична енергија
ГОСТИВАР - Во некогашните текстилни погони на „Готекс“ во Гостивар, четворицата сложни браќа Салихи од Беловиште ја создадоа „Елит корпорација“. Во фабриката се преработува метал, а од широката палета производи најпознати се кујнските аспиратори.
Браќата Сабаедин, Таип, Мефаил и Нијазија решија да му стават точка на печалбарството и со спечалениот капитал да се вратат во родното место по речиси дведецениско работење во Италија. Стекнатото знаење и искуство во металопреботувачката бранша го вложија во фабриката во Гостивар во која, покрај нивните семејства, ќе вработат и други лица.
Произведуваат и хидросанитарни касети за водовод и за централно греење, табли за развод на електрична енергија, лимарија за електричен котел за парно греење...
Највозрасниот меѓу браќата, 49-годишниот Сабаедин, по традиција, го поставиле за управител на „Елит корпорација“, а неговите браќа Таип, Мефаил и Нијази се одговорни на секторот производство и дизајн, финансии и комерција.
Пред девет месеци фабриката беше опремена со современи машини, а повеќето од нив се компјутеризирани. Готовите производи, со својот квалитет и современиот дизајн, почнаа да го освојуваат пазарот во регионот. Околу 95 отсто од производството е наменето за извоз и за познати купувачи. Управителот Сабаедин вели дека минале тежок пат во остварувањето на целта да создадат фабрика во родниот крај и да произведуваат квалитетни производи, како што го правеле тоа во сопствената фабрика во Италија што ја отвориле во 2003 во Италија.
„На печалба заминав во 1993 година. Без никакво стручно знаење се вработив во фабрика за производство на аспиратори и на други производи од метал во близината на Анкона, Италија“, вели 41-годишниот Таип. Тој решил да научи како се работи оти само тоа било единствениот начин да успее во животот. „Работев во фабрика, а навечер во кафуле. На печалба ги повлеков и моите браќа. Така заеднички работејќи и усовршувајќи се во професијата се роди идејата да се вратиме назад и да отвориме фабрика“, додава Таип.
Фабриката се простира на 2.300 квадратни метри корисна површина. Од она што го видовме при прошетката на погоните, забележавме дека се' функционира беспрекорно. Линијата за бојадисување е целосно автоматизирана и самостојно го води процесот. Машината за сечење, профилирање и релјефирање лимови е ласерска и компјутеризирана. „Опремата за сите фази на производниот процес е со најсовремена технологија“, нагласува Сабаедин и појаснува дека машините ги набавиле од познати производители во Италија, Германија и од Турција.
Семејството Салихи е концентрирано на пласман на производите во западноевропските држави. Тие се убедени дека тоа ќе се случи бидејќи тоа што го создаваат е со одличен квалитет и дизајн.
„Единствен проблем е повратокот на ДДВ“, потенцира Мефаил. Тој смета дека банките треба да им одобруваат кредит за обртни средства за да го финансираат производството со помала каматна стапка.
Браќата Салихи се категорични дека државата треба да ја третира нивната инвестиција како странска, бидејќи капиталот го создале во Италија и го префрлаат во Македонија, како што тоа го прават инвеститори кои се странски државјани. Овие бизмисмени се во преговори за производна соработка со европскиот бренд на аспиратори „Елика“ од Италија, а со „Офиско“, исто така, од Италија, за производство на метален канцелариски мебел.
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=744633280F0385489D046AC35A701EC4